У.бр.166/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.166/2024
Скопје, 03.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 3 јули 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово, бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 15 од 28.09.2023 година).

Образложение

I

Даријан Сотировски од Тетово, на 26.04.2024 година, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово, бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 15/23).

Според подносителот на иницијативата, Владата на Република Македонија со Одлуката за престанок и за давање на трајно користење на недвижна ствар на Општина Тетово, бр.42-8595/1 од 19 август 2015 година, му го дала на трајно користење без надомест новиот фудбалски стадион кој се наоѓа на КП бр. 11476, КО Тетово 3, со вкупна површина од 9156 м2. Општина Тетово, со оспорената Одлука за давање на трајно користење на недвижни ствари на JП „Тетово транспорт” – Тетово донесена од Советот на Општина Тетово на 27.09.2023 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 15 од 28.09.2023 година) спротивно на член 18 став 4 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост („Службен весник на РМ“ бр.78/2015), истата недвижна ствар му ја дала на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово.

Подносителот на иницијативата наведува дека согласно со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, надлежност да дава на трајно користење и да утврдува престанок на корисничко право има само Владата, а не и Советот на Општината.

Според подносителот на иницијативата значајно е да се напомене дека корисничкото право, согласно член 2 точка 5 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со ствари во општинска сопственост, сопственост подразбира непосредна употреба на стварите од корисникот, што е различно од сопственичкото право, кое во себе инкорпорира широк спектар на стварни права, меѓу кои и правото на располагање.

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената неуставна и противзаконска одлука му се овозможува на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово и понатаму да стопанисува со објект за кој нема воспоставено корисничко право на законски дозволен и предвиден начин.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка и да ја поништи Одлуката за давале на трајно користење недвижна ствар на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово донесена од Советот на Општина Тетово на 27.09.2023 година објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.15 од 28.09.2023 година и предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот чија уставност и законитост се оспорува бидејќи со понатамошното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

II

На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена од страна на Советот на Општина Тетово на седницата одржана на ден 27.09.2024 година, врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа кој гласи „Советот врши и други работи утврдени со закон“ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.5/02).

Одлуката содржи 5 члена.

Во член 1 се предвидени недвижните ствари кои и се дадени на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово, на трајно користење. Во член 2 се наведува дека за реализација на оваа одлука, се задолжува ЈП „Тетово Транспорт“- Тетово, средствата наведени во член 1 од оваа одлука да ги внесе во евиденција на претпријатието. Согласно со член 4, градоначалникот на Општина Тетово и директорот на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово, ќе склучат договор со кој поблиску ќе ги уредат правата и обврските за недвижната ствар од член 1 на оваа одлука. Со член 5, се регулира стапувањето во сила на оспорената одлука.

III

Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово, бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 15 од 28.09.2023 година).

Со писмо бр.09-6403/3 од 30.05.2024 година, Општина Тетово, го извести Судот дека оспорената Одлука е изменета и дополнета со Одлука бр.08-6682/6 од 30.05.2024 година.

Во конкретниот случај, се утврди дека по поднесувањето на иницијативата, на ден 30 мај 2024 година е донесена Одлука за измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово транспорт“- Тетово, бр.08-12322/67 од 27.09.2023 („Службен гласник на Општина Тетово“ број 6/2024).

Со оваа одлука се врши измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово транспорт”- Тетово со бр. 08-12322/67 од 27.09.2023 година, објавена во „Службен гласник на Општина Тетово” бр.15 од 28.09.2023 година. Со член 2 од истата Одлука, се менува насловот на Одлуката бр. 08-12322/67 од 27.09.2023 година и тој гласи: Одлука за давање на управување и одржување на недвижни ствари на ЈП „Тетово транспорт”-Тетово. Со член 3 од новата Одлука, се менува член 1 став 1 од Одлуката бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година и гласи „Со ова Одлука, Општина Тетово на ЈП „Тетово Транспорт“, му дава на управување и одржување на недвижни ствари, и тоа:“. Според член 4 од истата Одлука, членовите 3 и 4 од Одлуката бр. 08-12322/67 од 27.09.2023 година, се менуваат и гласат „Член 2 Недвижните ствари од член 1 на оваа Одлука со Одлука на Владата на РСМ се дадени во трајно користење на Општина Тетово. Член 3 Недвижните ствари од член 1 на оваа одлука ќе ги одржува и управува ЈП „Тетово Транспорт”- Тетово. ЈП „Тетово Транспорт”-Тетово е должна при одржувањето и управувањето со недвижните ствари од член 1 на оваа Одлука да постапува согласно законските прописи. Член 4 Градоначалникот на Општина Тетово и Директорот на ЈП “Тетово Транспорт”-Тетово ќе склучат договор со кој поблиску ќе ги уредат правата и обврските за недвижните ствари како и другите прашања во врска со функционирањето на просторот од член 1 на оваа Одлука.” Според член 5 од истата одлука „Членот 5 на Одлуката бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година, останува непроменет.“

Имајќи го предвид фактот дека со извршените измени и дополнувања оспорената одлука добила нова содржина, Судот оцени дека постојат процесни пречки за мериторно одлучување по иницијативата со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на истата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски