У.бр.159/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.159/2023
Скопје, 20.06.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 56 и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 20.06.2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Шерифе Мусовска и Ајредин Мусовски, двајцата од Битола, за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на национална и социјална припадност.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Шерифе Мусовска и Ајредин Мусовски, двајцата од Битола, застапувани од адвокатот Лупчо Кожовски од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на национална и социјална припадност, сторени со Пресудата К-203/20 од 01.06.2023 година на Основен суд Битола и Пресудата КЖ.бр.241/23 од 13.07.2023 година на Апелационен суд Битола.

Според наводите во барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, со наведените акти, на подносителите на барањето им било повредено правото на недискриминација, односно забраната за дискриминација по основ на национална и социјална припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителите на барањето, како втор и третообвинет за сторено кривично дело „Учество во тепачка“ од член 132 став 1 од Кривичен законик (КЗ), со Пресудата К-203/20 од 01.06.2023 година на Основен суд Битола се огласени за виновни и им било изречена алтернативна мерка условна осуда и им била утврдено казна затвор од по три месеци, која нема да биде извршена доколку обвинетите во рок од една година не сторат ново кривично дело. Исто така, биле задолжени, секој од обвинетите, да му плати на судот на име паушал износ од по 2.500,00 денари додека на Основно јавно обвинителство Битола, солидарно да им платат износ од 6.666,00 денари за медицинско вештачење.

Подносителите на барањето сметат дека поради нивната социјална и етничка припадност им било скратено правото на одбрана што влијаело на нивното право на правично судење. Имено, со решение за одржување на главна расправа без присуство на второобвинетата Шерифе Мусовска, иако на судот му било укажано дека обвинетата не е во добра здравствена состојба, е хоспитализирана и ѝ била извршена хируршка интервенција, сепак, Судот, спротивно на член 479 од Законот за кривична постапка, продолжил со главна расправа, и на ваков начин на подносителката на барањето ѝ било оневозможено да биде сослушана за да ја даде својата одбрана. Со ваквото постапување од страна на судот било нарушено правилото за „еднаквост на оружјата“ на странките во постапката иако за време на траење на постапката пред Основниот суд Битола, не успеале да достават доказ, со кој ќе се докажува дека второобвинетата, во конкретниот случај, подносителката била спречена да присуствува во главната расправа.

Покрај ова, подносителите сметат дека во рамки на доказната постапка, ниту еден доказ предложен од нивна страна не бил земен предвид додека доказите предложени од страна на обвинителот биле земени предвид и било одлучено исклучиво врз тие докази и ваквиот начин на постапување од страна на судот е спротивен на Уставот на Република Северна Македонија, Законот за кривична постапка, Кривичниот законик, Законот за судовите, Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Исто така, се наведува дека сведокот предложен од страна на застапникот на обвинението и од страна на застапникот на обвинетите и другите сведоци предложени од страна на одбраната, иако биле прифатени, не биле сослушани и со донесување решенија за одржување јавна расправа во отсуство на обвинетата и сведокот, и покрај тоа што истите оправдано не можеле да присуствуваат на јавните расправи, судот постапил незаконски, пристрасно, дискриминаторски, тенденциозно и спротивно на член 6 од Европската конвенција за човекови права бидејќи им било ограничено правото на правична судска постапка во разумен рок и член 14 од истата конвенција, а тоа е забрана на дискриминација.

Во однос на второстепената пресуда, подносителите на барањето наведуваат дека надлежниот суд не ги зел предвид писмените докази доставени во прилог на жалбата и ваквото постапување судот не го образложил.

Подносителите наведуваат дека и покрај тоа што побарале да се одржи јавна расправа и да бидат поканети да присуствуваат на седницата на советот бидејќи во првостепената постапка не биле сослушани, сепак не биле поканети од причина што согласно член 482 став 2 од Законот за кривична постапка, Судот оценил дека не било корисно односно потребно за разјаснување на работите.

Во оваа насока, подносителите наведуваат судска пракса на Европскиот суд за човекови права и на Врховниот суд на РСМ, во однос на тоа кога апелационите судови не ги известиле односно не им овозможиле на обвинетите да учествуваат во жалбена постапка.

Покрај ова, подносителите на барањето наведуваат дека Апелациониот суд одлучил за време на судската ферија, кога согласно член 72 од Законот за судовите, судовите не работат, бидејќи предметот во Апелационен суд пристигнал на 06.07.2023 година и за време од 3 до 4 работни дена односно на 13.07.2023 година, е донесена пресуда, која е верифицирана на 20.07.2023 година, а застапникот на обвинетите ја примил на 23.08.2023 година. Со ваквото постапување, судовите го повредиле правото за еднаквост на оружјата на двете страни и обвинетите биле ставени во понеповолна ситуација за разлика од обвинителот и немало фер судење.

Подносителите на барањето наведуваат дека нееднаквиот третман односно дискриминаторското однесување на надлежните органи може да се извлече и од Обвинителниот предлог, КО бр. 555/17 од 24.12.2018 година на Основното јавно обвинителство Битола, каде за обвинетата Шерифе Мусовска, е наведено дека е невработена, писмена – самоука, мајка на пет полнолетни деца, сиромашна и Ромка, а за другиот обвинет, Ајредин Мусовски, е наведено дека е невработен, слабоимотен и Ром.

Со вакви квалификации и атрибути во обвинителниот акт, во конкретните околности, подносителите наведуваат дека биле потенцијално, а на крај и директно дискриминирани по основ на национална и социјална припадност, а уште повеќе од причина што станува збор за маргинализирана група граѓани. Како резултат на ова, биле различно третирани во однос на обвинителот, немало објективно судење и било одлучено на подносителката на барањето да ѝ се суди во отсуство со што ѝ била скратена можноста да се брани.

Подносителите на барањето наведуваат дека истите атрибути се наведени и во пресудата на Основниот суд Битола, и ова покажува дека биле различно третирани спротивно на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот и член 471 од ЗКП.

Покрај ова, подносителите сметат дека дискриминаторско однесување може да се извлече и од електронската комуникација помеѓу застапникот на обвинетите и претседателот на Апелациониот суд Битола особено од делот на Одговорот на претставката УПП-10/2023 од 24.08.2024 година во кој се наведува дека „не може да се смета за пропуст што предметот КЖ-241/23 бил решен во краток период по приемот бидејќи во кривичниот оддел е намален приливот на предмети, што значи се дава можност за побрзо решавање на предметите. Од друга страна, цел на правораздавањето е предметите во судовите да се решаваат побрзо, како во конкретниот случај“. Со ваквиот одговор, претседателот на Апелационен суд Битола, направил обид да се заобиколи дискриминацијата и да се оправда брзото постапување на судот.

Подносителите на барањето, бараат од Уставниот суд, да го испита начинот и ажурното, односно неажурното функционирање на Апелациониот суд Битола.

Врз основа на наведеното, подносителите на барањето, бараат Уставниот суд да го уважи нивното барање, да утврди повреда на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална и социјална припадност утврдени во член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот, сторена со оспорените пресуди, истите да ги поништи и да определи надомест на штета во висина 510.000,00 денари на товар на Буџетот на РСМ и трошоци за состав на барање и согласно член 82 од Деловникот на судот, со одлука да го определи начинот на отстранување на последиците од примената на поединечниот акт или дејство со кои тие права и слободи биле повредени и истата да се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Подносителите на барањето, исто така, бараат донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти до донесување конечна одлука, согласно со член 57 од Деловникот на Судот.

II

Судот на седницата врз основа на приложените докази утврди дека:

Основниот суд во Битола, со Пресудата К-203/20 од 01.06.2023 година, обвинетите Шерифе Мусовска како вторoобвинета и Ајредин Мусовски како третoобвинет, сега подносители на барањето за заштита на слободите и правата, ги огласил за виновни за кривичното дело „Учество во тепачка“ од член 132 став 1 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/1996; 80/1999; 48/2001; 4/2002; 16/2002; 43/2003; 19/2004; 40/2004; 81/2005; 50/2006; 60/2006; 73/2006; 87/2007; 7/2008; 139/2008; 114/2009; 51/2011; 51/2011; 135/2011; 185/2011; 142/2012; 143/2012; 166/2012; 55/2013; 82/2013; 14/2014; 27/2014; 28/2014; 41/2014; 41/2014; 115/2014; 132/2014; 160/2014; 199/2014; 196/2015; 226/2015; 97/2017; 170/2017; 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 36/2023) и им била изречена алтернативна мерка – условна осуда и тоа на вторoобвинетата Шерифе Мусовска и третообвинетиот Ајредин Мусовски им се утврдило казна затвор во траење од 3 – три месеци, која нема да се извршува доколку обвинетите во рок од 1- една година не сторат ново кривично дело.

Во образложението на пресудата е наведено дека судот по оцена на секој доказ посебно и сите докази заедно и ценејќи ја одбраната на обвинетите, ја утврдил следната фактичка состојба и тоа: второобвинетата Шерифе Мусовска родена е на 12.07.1952 година во Битола, каде и живее на ул. „Караорман“ бр.111, државјанин на РСМ, невработена, писмена е – самоука, мажена е и мајка на пет деца, сиромашна и претходно не е осудена и против неа не се води постапка за друго кривично дело, и третообвинетиот Ајредин Мусовски е роден на 11.08.1950 година во Битола, каде и живее на ул. „Караорман“, бр.111, државјанин на РСМ, писмен е со завршено четврто одделение, не е вработен и истиот е примател на социјална помош, женет е и татко на пет деца, претходно не е осудуван и против него не се води постапка за друго кривично дело.

Во оваа насока, се наведува дека личните и семејните прилики за второ и третообвинетиот се утврдени од обвинителниот предлог и по нивно лично кажување.

Покрај ова, се наведува дека времето, местото и динамиката на извршувањето на кривичното дело се утврдиле од исказите на сведоците, поткрепени со материјалните докази изведени во текот на расправата.

При одлучувањето за видот и висината на кривичната санкција се наведува дека судот ги имал предвид општите правила за одмерување на казната од член 39 од Кривичниот законик додека како олеснувачкa околност судот го имал предвид фактот дека против второ и третообвниетиот не се водела постапка за друго кривично дело, предвид биле земени и семејната и материјалната состојба на обвинетите односно фактот дека се работи за слабоимотни лица, а второ и третообвниетиот се семејни личности кои се во брак и имаат пет деца.

Исто така, се наведува дека судот бил на мислење дека изречената алтернативна мерка – условна осуда е адекватна на степенот на кривичната одговорност, возраста и личноста на второ и третообвинетиот и може да се очекува целта на казнувањето спрема обвинетите да се оствари и со предупредување со закана на казна – условна осуда, согласно член 48 од Кривичниот законик, а ќе се постигнат и целите на казнување, согласно член 32 од Кривичниот законик и ќе се влијае врз обвинетите во иднина да се воздржат од вакво постапување, истите да одбегнуваат учество во тепачка и да не вршат вакви и слични кривични дела, со што ќе се постигне специјалната превенција, а ќе се постигнат и целите на генералната превенција, односно воспитно ќе се влијае врз другите да не вршат вакви и слични кривични дела, а спорните ситуации со други лица да ги решаваат со разговор и преку надлежните институции.

Во однос на процесните трошоци, во пресудата се наведува дека со оглед на тоа дека обвинетите се огласени за виновни, судот, согласно член 105 став 1 во врска со член 102 став 2 точка 1 и 6 од Законот за кривичната постапка, ги задолжи да ги платат процесните трошоци.

Незадоволни од пресудата на Основниот Суд во Битола, обвинетите, преку адвокат Љупчо Кожовски од Битола, поднеле жалба на првостепената пресуда до Апелациониот суд Битола.

Одлучувајќи по изјавената жалба, Апелациониот суд Битола донел Пресуда КЖ-241/23 од 13.07.2023 година, со која жалбата на обвинетите ја одбил како неоснована, а Пресудата К-203/20 од 01.06.2023 на Основниот суд во Битола година ја потврдил.

Во образложението на Пресудата КЖ-241/23 од 13.07.2023 година се наведува дека обвинетите Шерифе Мусовска и Ајредин Мусовски, преку нивниот бранител, адвокат Љупчо Кожовски од Битола, на време ја поднеле жалбата со која ја побивале пресудата по законски основи суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба и повреда на Кривичниот законик, со предлог, жалбата да биде уважена, оспорената пресуда да преправи на начин што, судот да ги ослободи обвинетите од обвинение, согласно со член 403 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка и да одлучи трошоците на постапката или пресудата да ја укине и предметот да го врати на првостепениот суд на повторно судење.

Воедно кон жалбата, бранителот истакнал барање, да бидат известени за седницата на советот на повисокиот суд.

Во оваа насока, во пресудата се наведува дека Апелациониот суд Битола го имал предвид вака истакнатото барање на бранителот Љупчо Кожовски од Битола, но за седницата на советот не ги известил обвинетите Шерифе и Ајредин, ниту бранителот, бидејќи, во смисла на член 482 став 1 од Законот за кривичната постапка, оценил дека нивното присуство не би било корисно за разјаснување на работите.

Покрај ова, во пресудата се наведува дека Апелациониот суд Битола, одлучувајќи по изјавените жалби, ги разгледал и проучил списите по кривичниот предмет, ја испитал обжалената пресуда во границите на овластувањата од член 427 став 1 точка 1 и 2 од Законот за кривичната постапка, ја оценил жалбата и жалбените наводи и имајќи го предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Битола, утврдил дека жалбата е неоснована со образложение дека не се сторени суштествени повреди од член 415 став 2 во врска со членовите 4, 15, 16 и 399 од Законот за кривичната постапка како што е наведено во жалбата дека првостепениот суд со еднакво внимание не ги испитувал и утврдил сите факти, при што поголемо внимание им дал на фактите кои се во корист на обвинението, додека оние кои се во корист на обвинетите целосно ги занемарил, така што оспорената пресуда ја засновал исклучиво на доказите на обвинението и на вештиот наод и мислење, кои дека биле контрадикторни сами по себе, паушални и несигурни, во која смисла за вештачењето се наведува дека вештото лице своето вештачење го дало како да бил сведок присутен на настанот, дека вештачењето било тенденциозно, спротивно на фактичката состојба, дека судот го образложил само исказот на вештото лице даден на записник пред јавниот обвинител, а не и исказот даден на расправа.

Во продолжение на пресудата се наведува дека првостепениот суд, при анализата и оценката на доказите ги имал предвид сите докази, ги анализирал и ценел со подеднакво внимание, при што правилно постапил кога на исказите на сведоците им поклонил верба. Исто така, се наведува дека Првостепениот суд, правилно поклонил верба и во целост го прифатил и вештачењето на вештото лице, со оглед дека се работи за наод и мислење дадено од страна на стручно лице, со лиценца од соодветната област и согласно со правилата на науката и вештината, а чиј заклучок произлегува од издадените докази.

Апелациониот суд утврдил дека неосновани се и жалбените наоди истакнати во жалбата за ускратено право на одбрана на второобвинетата Шерифе, со образложение дека одлуката на првостепениот суд за одржување на главната расправа без присуство на второобвинетата Шерифе е правилна и законита и правилно судот утврдил дека се исполнети условите од член 479 став 2 од Законот за кривичната постапка за судење без присуство на наведената обвинета, со оглед дека истата, уредно известена, не се јавила на расправата, а тврдењето на нејзиниот бранител дека била спречена поради здравствени проблеми да дојде во судот без да го оправда со медицинска документација, иако од страна на првостепениот суд му била дадена таква можност и оставен рок од три дена да достави докази за нејзината спреченост да се јави во судот, но тоа не е сторено, било неосновано.

Во пресудата се наведува дека неосновани се жалбените наоди истакнати во жалбата по законски основ погрешно утврдена фактичка состојба, со оглед дека првостепениот суд правилно ги утврдил сите решавачки факти од значење за постоење на предметното кривично дело за кое се товарат обвинетите, како и за нивната кривична одговорност како сторители на делото.

Исто така, е наведено дека на правилно утврдена фактичка состојба, првостепениот суд правилно го применил Кривичниот законик кога утврдил дека во дејствијата на обвинетите се содржани елементите на кривичното дело „Учество во тепачка“ од член 132 став 1 од Кривичниот законик, за истото обвинетите ги огласил виновни и им изрекол алтернативна мерка, условна казна онака како што е наведено во изреката на оспорената пресуда.

Во продолжение на пресудата се наведува дека неосновани се жалбените наводи истакнати во жалбата по основ повреда на Кривичниот законик бидејќи Кривичниот законик е правилно применет и не е сторена повреда во смисла на член 416 од Законот за кривична постапка.

Во пресудата се наведува дека Апелациониот суд Битола, ја испитал обжалената пресуда и во делот на изречените кривични санкции, при што утврдил дека од страна на првостепениот суд при определување на видот и одмерувањето на висината на кривичната санкција се земени предвид општите правила за одмерување на казната предвидени во член 39 од Кривичниот законик и со подеднакво внимание се ценети сите отежнувачки и олеснувачки околности на страната на обвинетите, битни за индивидуализација на казната и тоа посебно за секој обвинет, за кое нешто во првостепената пресуда, судот има дадено доволно образложени причини, прифатливи и за судот, и врз основа на кои околности на секој обвинет му е изречена условна осуда.

Последниот дел на пресудата се однесува на трошоците за кривична постапка, и се наведува дека одлуката е правилна во овој дел и дека истата има законски основ во одредбите на ЗКП, кои ја регулираат оваа материја, како и во тарифата за награда и надоместоци на трошоците за работа на адвокатите.

III

Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 50 став 1 од Уставот е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од наведените уставни одредби произлегува дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот. Во сферата на овие слободи и права спаѓа и еднаквоста на граѓаните независно од нивната национална и социјална припадност и заштитата од дискриминација по овие основи од страна на Уставниот суд, е загарантирана со член 110 алинеја 3 од Уставот.

Во член 14 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи е предвидено дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Член 1 од Протоколот 12 кон Европската конвенција за човекови права и основни слободи предвидува општа забрана на дискриминацијата, притоа со став 1 е предвидено дека уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз која било основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус, а во став 2 се предвидува дека никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во став 1.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според тоа, од аспект на исполнетоста на условите од член 51 и член 52 од Деловникот, за барање за заштита на слободи и права, поконкретно повреда на слободи и права кои се под уставно-судска заштита, бараната заштита да биде во определениот рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, видно од доставените податоци од страна на барателите, Основниот суд во Битола и Апелациониот суд во Битола, Судот, утврди дека во конкретниот случај, исполнети се условите за мериторно одлучување по барањето.

Наводите на подносителите на барањето дека поради нивната социјална и етничка припадност, на второобвинетата Шерифе Мусовска и било ускратено правото на одбрана и правично судење, и покрај тоа што на судот му било укажано дека истата не е во добра здравствена состојба, хоспитализирана е и ѝ била извршена хируршка интервенција, сметаме дека се неосновани. Ова од причина што првостепениот суд ја одржал главната расправа без присуство на второобвинетата Шерифе согласно со одредбите од член 479 став 2 од Законот за кривична постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 150/10, 100/12, 142/16, 193/16 и 198/18), според кој, за кривични дела за кои е пропишана парична казна или казна затвор до три години, ако обвинетиот не дојде на главната расправа, иако уредно е повикан или поканата не можела да се врачи поради очигледно одбегнување на обвинетиот да ја прими поканата, судот може да одлучи главната расправа да се одржи без негово присуство. За останатите кривични дела за кои се води скратена постапка, присуството на обвинетиот на главната расправа е задолжително. Имено, неможноста на второобвинетата Шерифе да дојде во судот поради здравствени проблеми, не било оправдано со соодветна медицинска документација, иако од страна на првостепениот суд им била дадена таква можност и оставен рок од три дена да достават доказ за нејзината спреченост да се јави на главната расправа. Поради тоа судот не бил во можност, ниту можел да биде запознаен со некои објективни околности, заради кои второобвинетата Шерифе не можела да присуствува на главната расправа пред судот и како резултат на ова не може да стане збор за каква било дискриминација на обвинетите.

Наводите на подносителите на барањето дека во рамки на доказната постапка, ниту еден доказ предложен од нивна страна не бил земен предвид додека доказите предложени од страна на обвинителот биле земени предвид и било одлучено исклучиво врз тие докази и ваквиот начин на постапување од страна на судот е спротивен на Уставот на Република Северна Македонија, Законот за кривичната постапка, Кривичниот законик, Законот за судовите, Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, сметаме дека станува збор за барање што произлегува надвор од надлежностите на Уставниот суд утврдени во член 110 од Уставот.

Во однос на наводите на подносителите на барањето дека второстепениот суд не ги зел предвид писмените докази доставени во прилог на жалбата и ваквото постапување судот не го образложил, сметаме дека истите се неосновани од причина што според член 413 став 4 од Законот за кривичната постапка, во жалбата не смее да се наведуваат нови факти или нови докази освен оние за кои странките ќе докажат дека не можеле да ги изнесат до завршувањето на доказната постапка во текот на главната расправа бидејќи не им биле познати или достапни и наведената законска одредба се применува и се однесува на сите странки во постапката, на сите граѓани на РСМ, без оглед на нивната национална и социјална припадност.

Наводите на подносителите на барањето дека и покрај тоа што побарале да се одржи јавна расправа и да бидат известени за седницата на советот, не биле известени и на ваков начин биле дискриминирани, сметаме дека се неосновани од причина што Апелациониот суд во Битола постапил во целост согласно со одредбите од член 482 став 1 од Законот за кривичната постапка според кој, кога второстепениот суд решава по жалба против пресудата на првостепениот суд донесена во скратена постапка, двете странки ќе се известат за седницата на советот на второстепениот суд само ако претседателот на советот или советот најде дека присуството на странките би било корисно за разјаснување на работите.

Исто така, сметаме дека се неосновани наводите на подносителите на барањето дека судот требало да ги покани, да ги види обвинетите, да поразговара со нив и врз основа на тоа да одлучи. Ова од причина што Апелациониот суд својата работа не ја заснова врз основа на разговори со странките, туку оценува дали првостепениот суд ја засновал пресудата врз основа на оцена на секој доказ поединечно и во врска со другите докази согласно со член 399 став 2 од Законот за кривичната постапка според кој, судот е должен совесно да го оцени секој доказ поединечно и во врска со другите докази и врз основа на таква оцена да изведе заклучок дали некој факт е докажан. Во пресудата на првостепениот суд на јасен начин е наведено дека судот одлучил по оцена на секој доказ посебно и сите докази заедно.

Наводите на подносителите на барањето дека Апелациониот суд одлучил за време на судската ферија, кога согласно член 72 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/06, 62/06, 35/08, 61/08, 118/08, 16/09, 150/10, 39/12, 83/18, 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19), судовите не работат и на ваков начин судовите го повредиле правото за еднаквост на оружјата во постапката и истите биле ставени во понеповолна ситуација за разлика на обвинителот и немало фер судење, сметаме дека се неосновани од причина што согласно член 72 став 1 од Законот за судовите, годишните одмори во судовите траат од 15 јули до 15 август и предметот од страна на судијата-известител бил рефериран на 13.07.2023 година, за време кога не било судска ферија, додека во став 2 и 3 од истиот член е предвидено кои предмети се работат за време на судска ферија, а за другите судски дејствија како што се пишувањето, верификацијата и доставувањето на одлуките не се применуваат одредбите за судска ферија.

Покрај ова, наводите на подносителите на барањето дека поради нивната национална и социјална припадност, Апелациониот суд во Битола, брзо постапил по нивната жалба односно нивниот предмет бил решен во пократок период од вообичаениот, сметаме дека се неосновани од причина што судот постапил стручно и совесно согласно одредбите на Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка и Законот за судовите. Имено, за сторителите на кривичното дело „Учество во тепачка“ од член 132 став 1 од Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од три месеци до три години, и согласно со член 107 и 108 од Кривичниот законик, апсолутната застареност на кривично гонење настапува во секој случај по шест години од денот на сторување на делото, што во конкретниот случај, кривичноправниот настан се случил на 06.08.2017 година и апсолутната застареност за гонење на обвинетите би настанала на 06.08.2023 година и имајќи го предвид овој факт, судија-известител, предметот го примил на 06.07.2023 година и истиот го реферирал и е донесена второстепена пресуда на 13.07.2023 година.

Барањето на подносителите на барањето да Уставниот суд да го испита начинот и ажурното односно неажурното функционирање на Апелациониот суд во Битола, сметаме дека станува збор за барање што произлегува надвор од надлежностите на Уставниот суд утврдени во член 110 од Уставот.

Наводите на подносителите на барањето дека квалификациите и атрибутите наведени во обвинителниот акт и потоа наведени и во оспорените пресуди дека обвинетата Шерифе Мусовска е невработена, писмена – самоука, мајка на пет полнолетни деца, сиромашна и Ромка, а другиот обвинет, Ајредин Мусовски, е невработен, слабоимотен и Ром, претставуваат основ за директна дискриминација по основ на национална и социјална припадност, сметаме дека се неосновани од причина што во пресудата на првостепениот суд е наведено дека личните и семејните прилики на обвинетите, судот ги утврдил од личните податоци дадени во обвинителниот предлог и по нивно лично кажување и истите се третирани како олеснувачки околности.

Врз основа на погоре наведеното, Судот оцени дека не постои повреда на конкретни слободи и права со оспорените пресуди. Имено, од содржината на презентираните судски пресуди, може да се констатира, дека првостепениот и второстепениот суд, постапувајќи во рамки на своите надлежности со примена на одредбите од Кривичниот законик, Законот за кривична постапка и Законот за судовите, ги засновале своите одлуки на оценка за релевантните факти и донеле пресуди, а подносителите на барањето пред Судот не презентираа докази кои ќе укажат каде судот имал различен третман и одлучил поинаку во иста или слична ситуација за да ја докаже дискриминацијата на која се повикуваат.

Од фактичката состојба и правната анализа, не произлегоа аргументи и докази во поткрепа на барањето кои Судот би ги ценел како компаратор, за евентуално утврдување на повреда на еднаквоста во слободите и правата поради дискриминација по основ на национална и социјална припадност, односно повреда во уживање на овие права или дискриминација по која било основа од страна на јавен орган, на кои се повикуваат подносителите, а гарантирани со член 8 став 1 алинеја 1, член 9, член 110 алинеја 3 од Уставот и на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и член 1 од првиот Протокол кон Конвенцијата.

Во конкретниот случај, подносителите само упатуваа на околноста Судот да утврди постоење повреда на уставно загарантирани права и слободи на граѓаните кои се во делокруг на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а кои се однесуваат на заштита од дискриминација по основ на национална и социјална припадност, но притоа не се посочува ниту компаратор во однос на кој може да се оценува дискриминаторски однос, имајќи предвид дека согласно член 8 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/2020), дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.

За да се утврди дека во еден конкретен случај или дејствие постои директна дискриминација, согласно со Законот за спречување и заштита од дискриминација, треба кумулативно да бидат исполнети три главни елементи, односно со лицето да се постапувало понеповолно од други лица по некој предвиден законски основ, тоа постапување да може да се спореди со постапувањето спрема други лица во иста или слична ситуација и понеповолното постапување да е засновано на лично својство.

Во конкретниот случај, подносителите на барањето не доставија докази кои ќе укажат дека судовите имале различен третман и одлучиле поинаку во друга ситуација како би ја докажале дискриминацијата.

Имајќи го предвид наведеното, Судот, оцени дека при водењето на постапката, судовите ги зеле предвид релевантните законски одредби од Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка и Законот за судовите.

По однос на барањето на подносителите да Судот да определи надомест на штета во висина 510.000,00 денари на товар на Буџетот на Република Северна Македонија и трошоци за состав на барање и согласно член 82 од Деловникот, Судот со одлука да го определи начинот на отстранување на последиците од примената на поединечниот акт или дејство со кои тие права и слободи биле повредени, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети условите од член 81 од Деловникот на Уставниот суд.

Во однос на барањето на подносителите за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти до донесување на конечна одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите согласно со член 57 од Деловникот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски