У.бр.153/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 3 декември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлука за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт Ј 03, донесена од Советот на Град Скопје бр.27-6443/1 од 18 јули 2018 година.

2. Филип Спасовски, Радосава Зечевиќ, Дејан Зенделски, Даниела Атанасовска, Гаврил Ристовски, Миодраг Митровиќ и Ташко Мавродиев сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, со оспорената Одлука на Советот на Град Скопје бр.27-6443/1 од 18.07.2018 година и Регулацискиот план на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022) за четврт Ј 03 повредени биле одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 10, член 43 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014; 44/2015; 44/2015; 193/2015; 31/2016; 163/2016; 90/2017; 64/2018; 168/2018), членовите 3 и 7 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр.142/2015, 217/2015, 222/2015, 228/2015, 35/2016, 99/2016, 134/2016, 33/2017 и 86/2018) чијашто содржина е цитирана во иницијативата.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека наместо ова со оспорената одлука, а согласно известувањето бр.13-9512/2 од 08.11.2019 година, Градот Скопје врши поделба на градската четврт Ј на 10 блокови според создадените услови односно по осовините на улиците од секундарната улична мрежа кои во сообраќајниот систем се приклучуваат на примарната сообраќајна мрежа, наместо врз основа на релјефот и природни линеарни зададености на теренот како што било предвидено со претходниот регулациски план донесен врз основа на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022).

Според подносителите основната цел за донесување на оспорената одлука и врз основа на донесениот Регулациски план на Генералниот урбанистички план за четврт Ј 03 кој ги дефинира границите на планското подрачје била донесување на нoв детален урбанистички план за населба трнодол од страна на Општина Карпош. Ваквиот заклучок произлегува од тоа што со начинот на дефинирање на границите на планскиот опфат со регулациски план кој претставува основа за донесување на детален урбанистички план се остава простор во населбата Трнодол и на делот од потегот под брдото кој е составен дел од планскиот простор на оваа населба надвор од секакви услови за хумано и безбедно живеење да се зголемува бројот на жители и да се предвидуваат основи за изградба на објекти на семејно и колективно домување со бројност на жители и катност кои неколку кратно ги надминуваат условите за градба на вакви објекти предвидени со важечкиот детален урбанистички план.

Со ова населбата Трнодол, која со претходниот регулациски план била дефинирана како затворена, рационална, економична правилна линија, линија на опкружување со колку е можно помала должина која се совпаѓала и ги следела линеарните природни релјефни зададености на теренот во еден блок Ј 03 06, вештачки (заедно со „Шпанско село“) се формираат граници за детално планирање на просторот со детален урбанистички план од Општина Карпош, делејќи ја населбата Трнодол на два дела и нејзино припојување на дел кон „Шпанско село“ и дел кон Жданец, на кој начин постојниот број на жители на ова подрачје ќе се зголеми неколку кратно, ќе се зголеми катноста на градбите, изградба на нови градби и загрозување на безбедноста на постојните градби во населбата Трнодол заради конфигурација на теренот на кој е изградена населбата (брдото на падините на Водно, природно раздвоено со два длабоки долови од населбата Жданец и „Шпанско село“ со глинеста подлога).

Понатаму, подносителите на иницијативата наведуваат дека Одлуката на Советот на Град Скопје бр.27-6443/1 од 18.07.2018 година, врз основа на која е донесен регулациски план на генерален урбанистички план за Град Скопје за четврт Ј 03 и која е цитирана во документите за донесување на предлог детален урбанистички план за населба Трнодол и Шпанско село и во одговорот на претставката од 18.09.2019 година, од градоначалникот на Општина Карпош на Електронскиот службен гласник на Град Скопје е јавно објавена како Одлука за донесување на Регулациски план за генерален урбанистички план за Град Скопје 2012-2022 за четврт З 04 број 27-6443/1 од седницата одржана на 18.07.2019 година, така што на ова јавно гласило нема јавно објавена Одлука за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт Ј 03, со што директно се повредува начелото на јавност во постапката за донесување и спроведување на планската документација утврдена со член 4 став 2 алинеја 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Од наведените причини подносителите предлагаат Судот да донесе решение за запирање на донесување на урбанистички акти врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата, тргнувајќи од наводите во иницијативата утврди дека советот на Град Скопје, врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 40 став 8 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 64/2018) на седницата одржана на 18 јули 2018 донел

О Д Л У К А
За донесување на регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012- 2022 за четврт З 04

Член 1

Се донесува регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт З 04

Член 2

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“

4. Видно од наводите во иницијатива, произлегува дека подносителите ја оспоруваат одлуката на Советот на Град Скопје за Регулациски план за четврт Ј 03, а според бројот и датумот на донесување се работи за Регулацискиот план на Генералниот урбанистички план за Град Скопје, за четврт З 04.

Со цел да се утврди фактичката состојба по однос на прашањето за тоа која одлука ја оспоруваат подносителите беше направен увид во документите односно одлуките кои се однесуваат на регулациските планови на Град Скопје за градските четври Ј 03 и З 04.

Од извршениот увид во доставената документација е утврдено дека Советот на Град Скопје врз основа на членот 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 26 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011,53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), на седницата одржана на 26 јануари 2017 година, донел

О Д Л У К А
За донесување на урбанистички план за четврт Ј 03 Скопје.

член 1

Се донесува урбанистичкиот план за четврт Ј 03, Скопје.

член 2

Урбанистичкиот план за четврт Ј 03 ќе се завери во седум примероци со потпис на претседателот на Советот на Град Скопје.

член 3

Советот на Град Скопје ќе обезбеди картирање на урбанистичкиот план за четврт Ј 03 на хамер или астралон во рок од триесет дена од денот на влегување во сила на оваа одлука.

член 4

Урбанистичкиот план за четврт Ј03 ќе се применува со денот на исполнување на условите од членовите 2 и 3 од оваа одлука.

член 5

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

За наведената одлука на 27 декември 2016 година, согласност дало Министерството за транспорт и врски врз основа на потребната документација за водењето на постапката за донесување на урбанистичкиот план за градска четврт Ј 03.

5. Во натамошната постапка Судот утврди дека Советот на Град Скопје врз основа на членот 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 40 став 8 од законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018, и 168/2018) на седницата одржана на 30 септември 2020 година, донел

О Д Л У К А

за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт Ј 03

член 1

Се донесува Регулациски план на Генерален урбанистички план за Град Скопје 2012-2022 за четврт Ј 03

член 2

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

6. Исто така, Судот утврди дека по донесување на Одлуката за донесување на Регулациски план на Град Скопје 2012-2022 за градска четврт З 04 која подносителите ја оспоруваат и на која се повикуваат дека била објавена во службеното гласило на Град Скопје, а не била објавена одлуката за регулациски план за градска четврт Ј 03, Советот на Град Скопје врз основа на член 36 од законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 40 став 8 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018, и 168/2018) на седницата одржана на 29 јануари 2020 година, донел

О Д Л У К А
За донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт З 04

Член 1

Се донесува Регулациски план на Генерален урбанистички план за Град Скопје 2012-2022 за четврт З 04

Член 2

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

Од вака наведената утврдена фактичка состојба произлегува дека Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план за Град Скопје 2012-2022 за четврт З 04 е ставена вон сила со донесување на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт З 04 бр.27-974/1 од 29 јануари 2020 година.

Исто така, вон сила е ставена и Одлуката за донесување на Урбанистички план за четврт Ј 03 Скопје, бр.07-516/1 од 26 јануари 2017 година, со донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје за четврт Ј 03 бр.27-7527/1 од 30 септември 2020 година.

7. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба на работите по предметот недвосмислено произлегува дека Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план за Град Скопје 2012-2022 за четврт З 04 е ставена вон сила со донесување на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт З 04 бр.27-974/1 од 29 јануари 2020 година.

Исто така, вон сила е ставена и Одлуката за донесување на Урбанистички план за четврт Ј 03 Скопје, бр.07-516/1 од 26 јануари 2017 година, со донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје за четврт Ј 03 бр.27-7527/1 од 30 септември 2020 година.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, утврдената фактичка состојба и одредбата од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.153/2019
03.12.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати