У.бр.152/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 43 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. Оливер Давидовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 43 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во оспорената одредба било предвидено извршителот да не одговара за причинетата штета доколку незаконитоста или неисполнувањето на должностите не е утврдено во постапка по изјавен приговор од членот 86 од Законот за извршување.

Од вака поставената одредба основано се поставувало прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност како елемент на владеењето на правото, а сето во врска со член 9 став 2 од Уставот, односно еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Ова од причина што начелото на правна сигурност барало во правниот поредок да егзистираат јасни, прецизни, недвосмислени правни норми, со цел создавање на еден внатрешно конзистентен правен систем.

Во натамошниот текст на иницијативата се елаборира облигационо-правниот однос кој настанува со причинување на штета преку цитирање и анализирање на членовите 141, 142 и 145 од Законот за облигационите односи, како и одредени принципи и правила кои се во примена во парничната постапка. Притоа се потенцира дека овие правила важеле подеднакво и се применувале за сите лица, што значело дека требало да важат и за извршителот, кој е правно лице со определени јавни овластувања.

Секако дека извршителот во текот на своето дејствување можел да стори или пак да пропушти да преземе определено дејствие со кое можел да предизвика штета како за странката, така и за трето лице. Во ситуација кога некој сметал дека извршителот со своето дејствие или непостапување му предизвикал штета, можел во законски определените рокови со материјалното право, да побара заштита од страна на редовните судови, да се утврди постоењето на облигациониот однос настанат со предизвикување на штетата.

Меѓутоа, со оспорената одредба се предвидувало извршителот да не одговара за причинетата штета, доколку незаконитоста или неисполнувањето на обврските не биле утврдени во постапка по изјавен приговор, според член 86 од Законот за извршување, што било спорно.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитира означената одредба од Законот за извршување и се наведува дека според анализата на подносителот на иницијативата со неа се регулирало процесно-правно средство-приговор против неправилности во текот на извршувањето, кое на странката и давало можност да се обрати до судот и во една итна постапка, да се констатира постоење или непостоење на одредена незаконитост. Сево ова не било спорно, но во оспорената одредба се предвидувал неопходен услов, без кој оштетениот нема да можел да поднесе тужба до редовниот суд за остварување на своето право за надомест на штета.

Итната постапка, која ја водел судот по поднесен приговор, не подлежела на истите принципи, начела и правила на докажување кои важеле во редовната постапка за надомест на штета. По правило постапката била нејавна, се спроведувала врз основа на писмени документи, не се почитувале основните начела за: непосредност, усност, јавност, контрадикторност и други, кои биле многу важни начела во парничната постапка, а исто така и докажувањето во посебната постапка било многу ограничено.

Користењето на приговорот во ниеден случај не смеело да претставува ограничувачки услов, без кој странката или трето лице нема да смеело да поведе редовна парнична постапка и да ја докажува одговорноста на извршителот. Сето ова ја доведувало во прашање правната сигурност на граѓаните одземајќи им го правото да бараат утврдување на одговорност на извршителот во редовна граѓанска постапка, ако претходно не поднеле процесен приговор.

Можеби странката немало да успее да ја докаже основаноста на поднесениот приговор, но во никој случај тоа не значело дека таа не би успеала и во редовна парнична постапка за надомест на штета, од каде тоа право не смеело во никој случај однапред да се ограничи или исклучи.

Користењето на процесниот приговор морало да стои независно од правото на странката да поднесува тужба и да бара одговорност на извршителот. Доколку странката пропуштила да го искористи правото на приговор или пак не успеала со приговорот се создавала правна пртпоставка дека извршителот не одговара за причинетата штета, иако таа била сторена и тој бил за неа несомнено одговорен, според правилата и принципите на редовната парнична постапка.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се повредувал и член 9 став 2 од Уставот, бидејќи извршителот се издигнувал на поинакво рамниште, се ставал во привилегирана положба во однос на другите правни и физички лица, му се утврдувала поинаква позиција и поставеност по однос на одговорноста за штета. Овој ограничувачки услов не постоел во Законот за извршување што бил во сила и примена претходно.

Подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја укине.

3. Судот на седницата, утврди дека, според оспорениот член 43 став 2 од Законот за извршување, извршителот не одговара за причинетата штета, доколку незаконитоста или неисполнувањето на должностите, не е утврдено во постапка по изјавен приговор по член 86 од овој закон.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, покрај другите, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 3 став 1 од Законот за извршување е предвидено дека извршителот го спроведува извршувањето.

Според член 10 став 1 од Законот, при спроведување на извршувањето сообразно се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено. Одредбите на Законот за парничната постапка кои се однесуваат на употребата на јазиците, се применуваат и во извршувањето (став 2).

Изразите: „извршител“, „заменик на извршител“ и „помошник на извршител“ според член 11 точка 7 од Законот значат: лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани/назначени согласно со одредбите на овој закон и кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања, за да се спроведе извршната исправа и да ги преземат извршните дејствија. Согласно член 32 став 1 од Законот, извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон именувано од Министерството за правда (во натамошниот текст: Министерството), согласно со одредбите од овој закон.

Во член 12 став 1 е предвидено дека, извршни исправи се:

1) извршна судска одлука и судско порамнување;
2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска;
3) извршна нотарска исправа;
4) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето;
5) решение за издавање на нотарски платен налог и
6) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Според член 40 став 1 од Законот за извршување, извршителот ги презема следниве дејствија:
-прима барања за извршување,
-врши достава на судски писмена врз основа на решение на суд согласно одредбите на Законот за парнична постапка,
-врши достава на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа,
-врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето,
-прибира податоци за имотната состојба и други податоци за должникот во функција на извршувањето,
-донесува налози и заклучоци, составува записници, барања, потврди и службени белешки, согласно со одредбите на овој закон,
-врши попис, процена, пленидба и продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение,
-распределува средства од извршување,
-врши продажба на подвижни и недвижни предмети и спроведува извршување врз други имотни права во стечајна постапка, по барање на стечајниот управник, освен продажба на деловниот потфат,
-врши пломбирање (запечатување) на подвижни предмети и недвижности заради оневозможување на нивната употреба или трошење со ставање жиг на извршителот,
-врши испразнување од луѓе и од ствари и предавање на недвижности и презема други дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон,
-врши објавување во средствата за јавно информирање,
-поднесува барање за поставување на старател за посебни случаи до Центарот за социјални работи кога адресата на должникот е непозната или нема застапник,
-поднесува барање за добивање на податоци за поседување на трансакциска сметка до правното лице кое го води Единствениот регистар на трансакциски сметки во врска со предметот на извршување,
-поднесува барање за распишување на потрага и запирање на моторното возило предмет на извршување до Министерството за внатрешни работи,
-дава известување за состојба на предмет по барање на странките,
-презема други дејствија во врска со доверени работи од судот,
-презема дејствија за обезбедување на материјални докази како доверена работа од судот,
-издава потврда за намиреност на побарувањето,
-презема дејствија за вонсудска наплата на долгови и
-презема и други дејствија предвидени со закон.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, при спроведување на дејствијата утврдени со ставот 1 на овој член, извршителот може да врши фото и видео документирање на дејствието во согласност со закон.

Извршителот е должен со личните податоци да постапува согласно со прописите за заштита на личните податоци, при спроведување на извршувањето согласно со овој закон (став 3).

Извршителот е должен да го чува како тајна се она што е од личен карактер што го сознал при спроведување на извршувањето, освен ако од закон или од волјата на странките не произлегува нешто друго (извршителска тајна). Извршителската тајна се должни да ја чуваат и лицата вработени кај извршителот. Должноста за чување на тајната останува трајна (став 4).

При преземањето на дејствијата, извршителот ги изготвува налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти со форма пропишана од министерот. Актите кои не се во пропишаната форма се сметаат за неважечки (став 5).

На извршителот само врз основа на одлука на суд или јавен обвинител, може привремено да му се одземат списите на извршниот предмет, за што се издава писмена потврда за одземените списи, која се заведува во Уписникот утврден во член 45 од овој закон (став 6).

Во членот 43 од Законот е уредена одговорноста за штета на извршителот. Така, според ставот 1 од овој член од Законот, извршителот е одговорен за целата штета што ја причинил на странката или спрема трети лица, со незаконско спроведување на извршните дејствија и со неисполнување на должностите што ги има како извршител според овој закон.

Извршителот не одговара за причинетата штета доколку незаконитоста или неисполнувањето на должностите, не е утврдено во постапка по изјавен приговор по членот 86 од овој закон (оспорена одредба).

Извршителот е одговорен за штетата која произлегла од извршување на поединечни дејствија што ги предизвикале лицата од членот 42 од овој закон (став 3).

Осигурителното друштво има право на регрес од извршителот за надоместената штета само во случај кога штетата е причинета по вина на извршителот (став 4).

Штетата се утврдува во парнична постапка (став 5).

Најнискиот износ на осигурување за кој извршителот мора да склучи договор за осигурување изнесува 100.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на склучување на полисата за осигурување (став 6).

Извршителот е должен до Комората да достави доказ за секој склучен договор за осигурување од одговорност од штета веднаш по склучување на истиот (став 7).

Претседателот на Комората го известува Министерството, за извршителот кој не постапил согласно со одредбите на овој став и ставовите 5 и 6 на овој член, во рок од 30 дена по истекот на полисата за осигурување (став 8).

Во член 54 став 1 од Законот е уредено прашањето на надзор над работата на извршителите и Комората на извршителите (надзорот го врши Министерството за правда).

Членовите 57 до 70 од Глава шеста од Законот за извршување ја уредуваат дисциплинската одговорност на извршителот.

Според член 57 став 1 од Законот, извршителот одговара дисциплински за своето нестручно и несовесно работење предвидено во закон, подзаконските актите и актите на Комората, со кои се уредува работењето на извршителот.

Нестручно постапување е повреда на законот со кое при спроведувањето на извршувањето извршителот причинил штета или предизвикува повреда на правата на странките во постапката или на трети лица (став 2).

Несовесно постапување е постапување спротивно на Кодексот за професионалната етика на извршителите и обврските предвидени во Статутот и другите општи акти на Комората (став 3).

Под истите услови определени со овој закон дисциплински одговара и заменик извршителот за повредите сторени во време кога го заменувал извршителот (став 4).

Член 61 став 1 од Законот, меѓу другото, ги уредува видовите решенија на Дисциплинската комисија. Така, Дисциплинската комисија донесува:

-решение со кое се отфрла предлогот за поведување на дисциплинска постапка, ако предлогот е нецелосен, недозволен, или ненавремен односно поднесен од неовластен подносител,
-решение со кое се одбива предлогот и се утврдува дека не е сторена дисциплинска повреда и
-решение со кое се усвојува предлогот и извршителот се огласува за виновен за сторена дисциплинска повреда, при што му се изрекува дисциплинска мерка.

За сторената дисциплинска повреда, согласно член 62 од Законот за извршување, на извршител можат да му се изречат следниве дисциплински мерки:

а) писмена опомена;
б) јавна опомена;
в) парична казна во висина од 500 до 5.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на изрекувањето;
г) привремено одземање на правото за вршење на должноста извршител во траење од три до шест месеци и
д) трајно одземање на правото за вршење на должноста извршител.

Во членовите 86 и 87 од Законот за извршување е уредена постапката по поднесен приговор за незаконско или пропуштено законско дејство од страна на извршителот при извршувањето.

Во член 86 став 1 од Законот е определено дека, странката, учесникот или трето лице коe што смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, приговорот образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази во доволен број на примероци, се поднесува во рок од три дена по денот на осознавање на незаконитоста односно непреземањето на дејствие, но не подоцна од три месеци по преземеното, односно непревземеното дејствие. Приговор во никаков случај не може да се поднесе по истекот на 15 дена сметано од денот на донесувањето на заклучокот за намирување.

Според ставот 3 од членот 86 од Законот, приговорот веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по приемот на приговорот до судот се доставува на одговор, до извршителот, кој е должен во рок од 24 часа да се произнесе по приговорот. По потреба приговорот во истиот рок се доставува и до странките и учесниците. Доколку судот смета дека е потребно да ги сослуша странките, учесниците и извршителот пред судот, поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување ги доставува заедно со приговорот.

Надлежен судија определен со годишниот распоред за работа на Судот, одлучува по приговорот во рок од 72 часа од истекот на рокот за одговор на извршителот (став 4).

Судот, донесува решение по приговорот во рокот определен во ставот 4 на овој член, без оглед на тоа дали спротивната странка навремено дала одговор по приговорот или пак изјавила дека истиот не го оспорува (став 5).

Со решението од ставот 5 на овој член приговорот може да се отфрли, одбие или усвои (став 6).

Судот со решението со кое го усвојува приговорот, ги утврдува сторените незаконитости и ги става вон сила преземените извршни дејствија, или пак го утврдува пропуштањето за преземање на определено законско дејствие (став 7).

Судот со решението не може да го запре извршувањето, ниту да го задолжува извршителот да презема извршни дејствија (став 8).

Приговорот не го задржува извршувањето, освен ако не е поинаку определено со овој закон (став 9).

Во член 87 став 1 од Законот за извршување е определено дека, против решението од член 86 од овој закон, странката, учесникот или третото лице и извршителот има право да поднесе жалба до Апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд.

Жалбата се поднесува преку основниот суд кој го донел решението во рок од три дена по приемот на решението од членот 86 од овој закон (став 2).

Примерок од жалбата се доставува до спротивната странка во постапката по приговорот, кој може во рок од три дена да поднесе одговор на жалба (став 3).

По добивањето на одговорот на жалбата или по истекот на рокот за одговор, предметот веднаш, а најдоцна во рок од три дена ќе се достави до апелациониот суд, кој е должен во рок од пет дена да одлучи по жалбата (став 4).

Жалбата не го задржува извршувањето, освен ако со овој закон поинаку не е определено (став 5).

Доставувањето на жалбата, одговорот на жалбата и решенијата на судот, до странките и учесникот, се врши преку извршител чие седиште е на подрачјето на судот на која е преземено оспореното дејствие (став 6).

Апелациониот суд од ставот 1 на овој член, одлучувајќи по жалбата, може решението да го укине, потврди или да го преиначи (став 7).

Против правосилната одлука на судот, не се дозволени ревизија и повторување на постапката (став 8).

Според оспорениот член 43 став 2 од Законот за извршување, извршителот не одговара за причинетата штета, доколку незаконитоста или неисполнувањето на должностите, не е утврдено во постапка по изјавен приговор по член 86 од овој закон.

Подносителот на иницијативата смета дека ограничувањето да не може да се поднесе тужба за надомест на штета пред редовен суд доколку не бил изјавен приговор против незаконитоста или неисполнувањето на должностите на извршителот во извршната постапка ги поврдувала член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

Судот, тргнувајќи од анализата на цитираните одредби од Законот за извршување наспрема прашањата покренати во иницијативата оцени дека оспорената одредба не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со наведените уставни одредби, а заради следново:

Според ставот 4 на Амандманот XXV на Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Законот за извршување прецизно ја уредил постапката за спроведување на извршување врз основа на извршните исправи определени во член 12 став 1 од Законот. Притоа за извршителот се определени строго дефинирани надлежности, одговорности и санкции за незаконитост или неисполнување на неговите должности. Предвидено е извршителот да одговара за причинетата штета и детално е уредена неговата дисциплинска одговорност.

Одредбите од парничната постапка се во сообразна примена при спроведување на извршувањето (член 10 став 1 од Законот), а штетата се утврдува според правилата на парничната постапка (член 43 став 5 од Законот) од каде неосновани се тврдењата во иницијативата дека со оспорената одредба се оневозможувала примената на одредбите од Законот за парничната постапка, како и на одредбите од Законот за облигационите односи.

За подносителот на иницијативата е спорно тоа што со оспорената одредба е предвидено да не може да се води парнична постапка за надомест на штета предизвикана со незаконито дејство или пропуштање на дејство, ако не е поднесен приговор според правилата од членот 86 од Законот, на кој начин според него се губело правото за водење на спор. Но, за него не е спорно што спор не може да се води и во случај кога приговорот ќе биде отфрлен или пак одбиен како неоснован (член 86 став 6), кога исто така не постои основ за спор за штета. Имено, според оваа одредба надлежниот судија може приговорот да го отфрли, одбие или усвои.

Само во случаите кога надлежниот судија со решение го усвоил приговорот сторените незаконитости се утврдени, или пак е утврдено пропуштање за преземање на определено законско дејствие (член 86 став 7). Вака донесеното решение претставува основ за водење на парнична постапка за надомест на штета според правилата на облигациите. Оттаму, законодавецот предвидел надлежен судија, во извршната постапка да ја утврдува основаноста на барањето за надомест на штета, а во парничната постапка би се утврдувала нејзината висина, камати, рокови за исплата и слично. Со ваквото законско уредување приговорот против неправилностите при извршувањето е поставен како средство за заштита на странките во случај на неправилности и незаконитости сторени од страна на извршителот при спроведувањето на самото извршување, кое уредување води кон брзо, стручно и ефикасно извршување на одлука на суд или орган, односно, функционален и ефикасен систем на извршување. Ваквото гледиште се заснова на уставно-судската практика по предметот У.бр.162/2014.

Инаку, во член 86 став 2 од Законот се уредени роковите за поднесување на приговор и тоа: рок од три дена по денот на осознавање на незаконитоста односно непреземањето на дејствие, односно не подоцна од три месеци по преземеното, односно непреземеното дејствие. Приговор во никаков случај не може да се поднесе по истекот на 15 дена сметано од денот на донесувањето на заклучокот за намирување. Според Судот ваквото законско решение обезбедува правна сигурност од приговори кои, без постоење на рокови, би можеле да се поднесуваат до бесконечност, дури и по донесувањето на заклучокот за намирување со што се смета дека постапката за извршување завршила, или се спровела во целост. Правото да се поднесе приговор во било кое време, без определување на рокови би водело кон можноста од постојано преотценување на работата на извршителот по однос на конкретно спроведено дејствие,а со оспорената одредба, според Судот се обезбедува спротивното.

Оттаму, неосновани се наводите во иницијативата дека пропуштањето да се вложи приговор е ограничувачки услов, туку напротив ваквото законско решение води кон правна сигурност на сите учесници во извршната постапка, вклучително и на извршителот кој како лице со јавни овластувања утврдени со закон, директно одлучува за дејствијата што треба да се превземат во рамките на неговите овластувања, се со цел да се спроведе извршната исправа.

Од анализата на наводите во иницијативата уште произлегува дека, во одделни делови, подносителот на иницијативата го оспорува концептот на приговорот против неправилности при извршувањето воопшто, но кај него отсуствува јасно изразено барање за оценување на уставноста на одредбите кои ја уредуваат оваа проблематика во целост.

Оттаму, оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи е јасна, недвосмислена и води кон правна сигурност на сите учесници во извршната постапка.

Оспорената одредба не може да се спротистави на принципот на еднаквост од членот 9 од Уставот, бидејќи лицата кои можат да изјават приговор, односно лицата кои пропуштиле да изјават приговор и извршителот, кој го спроведува извршувањето не се наоѓаат во иста правна положба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.152/2017
11 јуни 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски