У.бр.147/2019 и У.бр.155/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 4 март 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 24 ставови 3 и 5 и член 25 ставови 1, 2 и 3 од Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.114/2006, 6/2009, 145/2012, 41/2014, 33/2015, 31/2016, 106/2016, 120/2016 и 211/2018), и

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите во делот за оценување на меѓусебната согласност на Законот за полиција со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и на член 24 од Законот означен во точката 1 од ова решение со член 36 став 1 точки 12, 13 и 14 и со ставот 3 од истиот член на Законот за локалната самоуправа.

3. Елсан Нурчески од с.Пласница и Советот на Општина Пласница, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесените иницијативи оспорените одредби биле во спротивност со членовите 114 и 115 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 36 став 1 точка 12, член 36 став 3 и член 87 од Законот за локалната самоуправа. Имено, подносителите на иницијативите сметаат дека наведените одредби од Уставот и Законот за локалната самоуправа предвидувале поинакво решение во однос на постапката за избор на командир на полициските станици во рамки на секторите за внатрешни работи при Министерството за внатрешни работи за разлика од она што се предвидувало со оспорените одредби во Законот за полиција.

Со Законот за локална самоуправа во член 36 став 1 точка 12 и став 3 биле дефинирани надлежностите на советот на општината кои биле во согласност со наведените членови од Уставот. Подносителите на иницијативите сметаат дека во пракса Министерството за внатрешни работи го применувал Законот за полиција – членовите 24 и 25, кои според подносителите не биле во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, особено со член 115 став 1 и Амандманот XVII каде што граѓаните преку претставници одлучуваат за локалното значење во јавните служби и во други области утврдени со закон, односно во Законот за локалната самоуправа.

Од наведените причини во иницијативите се предлага оспорените одредби да се укинат за да можело да се оствари правото на локална самоуправа на Советот на Општина Пласница за да истиот учествува со своја одлука заедно со Советот на Општина Македонски Брод да избира командир на Полициска станица.

4. Судот на седницата утврди дека членoт 24 од Законот за полиција предвидува:

1) Со полициската станица од член 23 на овој закон раководи командир кој работите ги врши во полициска униформа.
2) За командир на полициска станица може да биде избрано лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос во Полицијата предвидени со овој закон, ги исполнува и следниве посебни услови: 1) да има завршено соодветно високо образование и
2) да има работно искуство во Полицијата најмалку од шест години
3) Командирот од ставот 1 на овој член се избира со мнозинство гласови од вкупниот број советници од страна на советот на општината во којашто е сместена полициската станица од општа надлежност на Министерството (во натамошниот текст: советот на засегнатата општина), од листа која содржи најмалку тројца кандидати, предложена од страна на министерот, меѓу кои барем еден кандидат припаѓа на заедницата која е во мнозинство во тие општини
4) Ако советот на засегнатата општина не избере ниту еден од предложените кандидати во рок од 15 дена од денот на доставувањето на листата, министерот ќе предложи втора листа која содржи најмалку тројца нови кандидати, меѓу кои барем еден кандидат припаѓа на заедницата која е во мнозинство во тие општини.
5) Ако и по спроведувањето на постапката од ставот 4 на овој член советот на засегнатата општина повторно не избере ниту еден од предложените кандидати во рок од 15 дена од денот на доставувањето на листата, министерот по консултација со Владата, ќе го избере командирот на полициската станица од општа надлежност од двете листи на кандидати предложени од министерот, како и тројца дополнителни кандидати предложени од страна на советот на засегнатата општина.
6) Министерот го задржува овластувањето за разрешување на командирот на полициската станица од општа надлежност, во согласност со овој закон.

Во членот 25 од истиот закон се предвидува дека:

1) Командирот на полициската станица од членот 24 на овој закон, на секои шест месеца писмено го информира советот на засегнатата општина за работите што се однесуваат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата.
2) Командирот од ставот 1 на овој член по барање на советот го информира советот на засегнатата општина за работите што се однесуваат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата.
3) Командирот од ставот 1 на овој член, од советите на засегнатите општини прима препораки за подобрување на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата, заради градење доверба меѓу Полицијата и локалното население.

5. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во глава V од Уставот, со наслов: “Локална самоуправа” е содржан членот 114 во кој е уредено дека на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа во чии рамки е утврдено дека единици на локалната самоуправа се општините, а во истите можат да се основаат облици на месна самоуправа. Во истиот член е предвиден и начинот на финансирање на општините и тоа од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Ставот 5 од истиот член кој е изменет со Амандманот XVI предвидува дека локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Со точката 1 од Амандманот XVII од Уставот, со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот, е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според ставот 2 на членот 115 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според ставот 3 на овој член од Уставот, Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.

Законот за локална самоуправа, во членот 36 ги уредува надлежностите на советот на општините, меѓу другите надлежности, со точките 12 и 13 од ставот 1 на овој член се предвидува дека советот го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината,в согласност со закон, како и дека го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител. Ставот 3 на овој член уредува дека раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината е избрано ако за него гласале мнозинството од сите совети на општините, кои ги опфаќа подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.

Законот за полиција во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат полициските работи, организацијата на Полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Согласно членот 20 од Законот за полиција, за вршење на полициските работи, на територијата на Република Македонија се формираат сектори за внатрешни работи. 2) Секторите за внатрешни работи се формираат во зависност од големината на подрачјето, бројот на населението, бројот на кривичните дела и прекршоците, како и значењето на патните правци и географската положба на општините кои ги зафаќа секторот за внатрешни работи. 3) Сектори за внатрешни работи, согласно со овој закон се: 1) Сектор за внатрешни работи – Скопје, со седиште во Скопје, за вршење на полициски работи на подрачјето на Градот Скопје и општините Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопишта, Студеничани и Чучер Сандево; 2) Сектор за внатрешни работи – Битола, со седиште во Битола, за вршење на полициски работи на подрачјето на општините Битола, Демир Хисар, Долнени, Крушево, Кривогаштани, Македонски Брод, Могила, Новаци, Пласница, Прилеп и Ресен; 3) Сектор за внатрешни работи – Велес, со седиште во Велес, за вршење на полициски работи на подрачјето на општините Велес, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Неготино, Росоман и Чашка; 4) Сектор за внатрешни работи – Куманово, со седиште во Куманово, за вршење на полициски работи на подрачјето на општините Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане; 5) Сектор за внатрешни работи – Охрид, со седиште во Охрид, за вршење на полициски работи на подрачјето на општините Вранешница, Вевчани, Дебар, Дебарца, Другово, Зајас, Кичево, Осломеј, Охрид, Струга и Центар Жупа; 6) Сектор за внатрешни работи – Струмица, со седиште во Струмица, за вршење на полициски работи на подрачјето на општините Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Гевгелија, Дојран, Конче, Ново Село, Радовиш и Струмица; 7) Сектор за внатрешни работи – Тетово, со седиште во Тетово, за вршењенаполициски работи на подрачјето на општините Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуша, Теарце и Тетово и 8) Сектор за внатрешни работи – Штип, со седиште во Штип, за вршење на полициски работи на подрачјето на општините Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Лозово, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Свети Николе, Чешиново – Облешево и Штип.

Според членот 21 од Законот, за вршење на полициските работи, секторот за внатрешните работи: 1) Ја следи и анализира безбедносната состојба и појавите кои предизвикуваат настанување и развој на криминалитетот и настани кои ја доведуваат во опасност јавната безбедност на подрачјето за кое е формиран; 2) ја организира, усогласува, насочува и врши контрола на работата на полициските станици; 3) врши криминалистички работи и работи на превенција на криминалитетот; 4) собира, обработува, анализира, користи, оценува, пренесува, чува и брише податоци од делокругот на работата на Полицијата за подрачјето за кое е формиран, како и врши обработка на лични податоци под услови и на начин утврдени со овој и посебен закон; 5) непосредно учествува во извршување на сложените работи од делокругот на работата на полициската станица; 6) по потреба извршува и спроведува утврдени мерки од областа на безбедноста на државната граница; 7) презема мерки заради заштита на определени лица и објекти; 8) ја информира јавноста за работи од својот делокруг и 9) врши други работи утврдени со закон, друг пропис или согласно со обврските што произлегуваат од членството во меѓународните полициски организации и институции. Член 22 1) Со секторот за внатрешни работи раководи началник. 2) За началник на сектор за внатрешни работи може да биде назначено лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос во Полицијата предвидени со овој закон, ги исполнува и следниве посебни услови: 1) да има завршено соодветно високо образование и 2) да има работно искуство во Полицијата најмалку од шест години, од кои четири години на раководно работно место. 3) Началникот на секторот за внатрешни работи го назначува и разрешува министерот од редот на вработените, во транспарентна постапка. 4) Началникот на секторот за внатрешни работи, за својата работа непосредно е одговорен на директорот на Бирото.

Членот 23 од Законот, ја предвидува организацијата во рамки на секторите за внатрешни работи, во кои се формираат полициски станици од општа надлежност за непосредно вршење на полициските работи за определено подрачје и за таа цел се формирани 38 Полициски станици од општа надлежност на целата територија на државата , и тоа: 1) Полициска станица – Аеродром; 2) Полициска станица – Бит Пазар; 3) Полициска станица – Гази Баба; 4) Полициска станица – Драчево; 5) Полициска станица – Ѓорче Петров; 6) Полициска станица – Карпош; 7) Полициска станица – Кисела Вода; 8) Полициска станица – Центар; 9) Полициска станица – Чаир; 10) Полициска станица – Берово; 11) Полициска станица – Битола; 12) Полициска станица – Валандово; 13) Полициска станица – Велес; 14) Полициска станица – Виница; 15) Полициска станица – Гевгелија; 16) Полициска станица – Гостивар; 17) Полициска станица – Дебар; 18) Полициска станица – Делчево; 19) Полициска станица – Демир Хисар; 20) Полициска станица – Кавадарци; 21) Полициска станица – Кичево; 22) Полициска станица – Кочани; 23) Полициска станица – Кратово; 24) Полициска станица – Крива Паланка; 25) Полициска станица – Крушево; 26) Полициска станица – Куманово; 27) Полициска станица – Македонски Брод; 28) Полициска станица – Неготино; 29) Полициска станица – Охрид; 30) Полициска станица – Прилеп; 31) Полициска станица – Пробиштип; 32) Полициска станица – Радовиш; 33) Полициска станица – Ресен; 34) Полициска станица – Свети Николе; 35) Полициска станица – Струга; 36) Полициска станица – Струмица; 37) Полициска станица – Тетово и 38) Полициска станица – Штип.

Оспорените членови 24 и 25 од Законот за полиција се однесуваат на изборот на командир на полициските станици од општа надлежност.

Имено, со член 24 од Законот е утврдено дека со полициската станица од член 23 на овој закон раководи командир кој работите ги врши во полициска униформа, а за командир на полициска станица може да биде избрано лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос во Полицијата предвидени со овој закон, ги исполнува и посебните услови: да има завршено соодветно високо образование и да има работно искуство во Полицијата најмалку од шест години

Командирот од ставот 1 на овој член се избира со мнозинство гласови од вкупниот број советници од страна на советот на општината во којашто е сместена полициската станица од општа надлежност на Министерството (во натамошниот текст: советот на засегнатата општина), од листа која содржи најмалку тројца кандидати, предложена од страна на министерот, меѓу кои барем еден кандидат припаѓа на заедницата која е во мнозинство во тие општини.

Ако советот на засегнатата општина не избере ниту еден од предложените кандидати во рок од 15 дена од денот на доставувањето на листата, министерот ќе предложи втора листа која содржи најмалку тројца нови кандидати, меѓу кои барем еден кандидат припаѓа на заедницата која е во мнозинство во тие општини.

Ако и по спроведувањето на постапката од ставот 4 на овој член советот на засегнатата општина повторно не избере ниту еден од предложените кандидати во рок од 15 дена од денот на доставувањето на листата, министерот по консултација со Владата, ќе го избере командирот на полициската станица од општа надлежност од двете листи на кандидати предложени од министерот, како и тројца дополнителни кандидати предложени од страна на советот на засегнатата општина.

Покрај наведеното, министерот го задржува овластувањето за разрешување на командирот на полициската станица од општа надлежност, во согласност со овој закон.

Според членот 25 од Законот Командирот на полициската станица од членот 24 на овој закон, на секои шест месеца писмено го информира советот на засегнатата општина за работите што се однесуваат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата. Командирот од ставот 1 на овој член по барање на советот го информира советот на засегнатата општина за работите што се однесуваат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата. Командирот од ставот 1 на овој член, од советите на засегнатите општини прима препораки за подобрување на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата, заради градење доверба меѓу Полицијата и локалното население.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите во иницијативите Судот оцени дека оспорените членови 24 и 25 од Законот за полиција не може да се доведат под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кои упатуваат иницијативите. Oва, од причина што оспорените ставови од членовите 24 и 25 од Законот за полиција кои се однесуваат на изборот на командирот на полициската станица во конкретна општина,како и неговата надлежност , во целост се во согласност со одредбите од Уставот поточно со член 114 став 1 и членот 115 од Уставот, односно Амандманот XVII од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.

Имено, со наведените уставни норми се гарантира правото на локална самоуправа на граѓаните на начин што во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишно воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Во наведените области не е наведена јавната служба на која се повикуваат иницијаторите, како ни областа на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата, што значи дека за истите законодавецот ја уредува нивната организација и надлежност што е во согласност со наведените уставни норми. Оттука, сосема легитимен и уставен е начинот на избор на командирот во конкретна полициска станица, како и начинот и поставеноста на неговата организираност, надлежност и функционирање, коишто се предвидени во оспорените ставови на член 24 и член 25 од Законот за полиција.Од овие причини според Судот не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорените членови со одрдбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.

6. По однос на наводите во иницијативите кои се однесуваат на постоење на колизија на одредбите од Законот за полиција и Законот за локална самоуправа во врска со начинот на кој е уредено учеството на советот на општините во изборот на командир на полициската станица, односно во однос на практичната примена на Законот за полиција од страна на Министерството за внатрешни работи, Судот оцени дека истите излегуваат од рамките на надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 од Уставот.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имено, по однос на наводите во иницијативата за согласноста на Законот за полиција со Законот за локалната самоуправа и на член 24 од Законот за полиција со член 36 од Законот за локалната самоуправа, како и за практичната примена на Законот, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на законите во целина, како и меѓусебната согласност на одредбите на наведените два закони.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.147/2019
У.бр.155/2019
04.03.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.147/2019 и У.бр.155/2019