У.бр.140/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 4 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од У.Е.”2” локалитет “Сопотски пат”, плански опфат меѓу ул.”Карпошева”, “Скопска”, “4-ти јули”, “19-ти ноември”, “11-та Македонска бригада” и “100”, Општина Свети Николе 2011-2016 година, донесена од Советот на Општина Свети Николе бр.0701-740 од 29.08.2012 година, објавена во „Службен гласник на Општина Свети Николе” број 11/2012 од 29.08.2012 година.

2. Николче Јованов од Свети Николе, преку полномошник Зоран Јованчев, адвокат од Свети Николе до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одлука се повредувал членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, согласно член 24 став 1 од овој закон, по нацрт на детален урбанистички план општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Во член 24 став 3 од истиот закон се предвидувало дека за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработувал извештај, а според став 4 алинеја 3 на член 24 од Законот било предвидено дека јавната анкета трае најмалку 10 работни дена.

Во иницијативата понатаму се наведува дека од увидот во Одговорот на барање заведен под арх.бр.09-49 од 11.07.2013 година од Општина Свети Николе до Влада на Република Македонија било наведено дека биле донесени Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета бр.08-684 од 05.10.2011 година, Соопштение бр.08-684/2 од 05.10.2011 година, Соопштение од дневен весник “Нова Македонија” од 06.10.2011 година, Потврда од локална телевизија ТВ “Свет” во Свети Николе, Решение бр.08-684/3 од 05.10.2011 година, анкетен лист бр.09-3686 од 20.10.2011 година, анкетен лист бр.09-3692 од 20.10.2011 година, Извештај бр.08-684/сл од 24.10.2011 година и др.

Подносителот на инцијативата тврди дека при донесувањето на оспорената одлука била сторена повреда на постапката при донесување на ДУП, конкретно на членот 24 од Законот за урбанистичко и просторно планирање кој важел во време на донесување на истиот. Ова,од причина што бил донесен Извештај бр. 08-684/сл од 24.10.2011 година, датум кој бил неработен ден согласно Законот за празниците на Република Македонија. Имено празникот 23 Октомври утврден во наведениот закон во тековната година се паднал во недела, што значи според наведениот закон наредниот ден, понеделник е неработен, а тоа било 24 октомври кога всушност Општината го изготвила предметниот извештај.

Исто така, во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука била сторена повреда на член 30 ставови 1, 3 и 4 од Уставот, од причина што на подносителот на иницијативата му била извршена експропријација на имот за кој што тој дозволил експропријација сметајќи дека ДУП-от предвидува парк со дрвореди,зелени површини и фонтана, а не станбени објекти. Оттука, според наводите во иницијативата со оспорената одлука на подносителот на иницијативата му било повредено правото на сопственост загарантирано со Уставот.

Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека со донесувањето на оспорениот ДУП била сторена повреда на членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање поради што се предлага Судот да ја укине или поништи оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е со следната содржина:

“Врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.05/02) и член 26 став 5 точка 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање(“Службен весник на Република Македонија” бр.60/11), Советот на Општина Свети Николе на седницата одржана на 29.08.2012 година, донесе

О Д Л У К А

за донесување на Детален урбанистички план за дел од У.Е.”2” локалитет “Сопотски пат”, Плански опфат меѓу ул.”Карпошева”, “Скопска”, “4-ти јули”, “19-ти ноември”, “11-та Македонска бригада” и “100”, Општина Свети Николе 2011-2016 година, донесена од Советот на Општина Свети Николе бр.0701-740 од 29.08.2012 година, објавена во „Службен гласник на Општина Свети Николе” број 11/2012 од 29.08.2012 година.

Член 1

Со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за дел од У.Е.”2” локалитет “Сопотски пат”, Плански опфат меѓу ул.”Карпошева”, “Скопска”, “4-ти јули”, “19-ти ноември”, “11-та Македонска бригада” и “100”, Општина Свети Николе 2011-2016 година (4,05 ха).

Член 2

Оваа одлука се донесува по претходно добиена Согласност на Предлог планот бр.16-16611/4 од 29.08.2012 година од Министерството за транспорт и врски, сектор за уредување на просторот- Скопје.

Член 3

Со оваа одлука се прифаќа простор од 4,05 ха.

Член 4

Урбанистичкиот план е со технички број 182/10 од август 2012 година и е изработен од “ПЛАНЕРИС”- ДООЕЛ–Куманово.

Член 5

Составен дел на планот се графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за планирање на просторот кои се направени согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање(“Службен весник на Република Македонија” бр.60/11).

Член 6

Урбанистичкиот план во 7(седум) примероци се заверува со печат на Советот на Општина Свети Николе.

Член 7

Планот со сите негови делови се чува, следи и за негова реализација ќе се грижи Секторот за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животната средина на Општина Свети Николе.

Член 8

Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Свети Николе”.

Бр.0701-740                                                                                                                                                                                   Советот на Општина Свети Николе
29.08.2012 година                                                                                                                                                                                            Претседател,
Свети Николе                                                                                                                                                                                                Марјанчо Саздов

4. Во текот на постапката Судот ја утврди следната фактичка состојба:

– Одлука за отпочнување постапка за изработка на Детален урбанистички план за У.Е.2 плански опфат меѓу ул.”11 Македонска бригада”, ул.”Скопска”, ул. “29 ноември” и ул. “Карпошева”, Општина Свети николе, донесена од Советот на Општина Свети Николе бр.0701-98 од 29.01.2010 година;
– Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени за ажурирање на геодетска подлога- КО Свети Николе, бр.10-163 од 16.07.2009 година изработено од “Геометар Про.Инг.” ДОО- Свети Николе;
– Планска програма за изработка на Детален урбанистички план за дел од УЕ “2”- Локалитет “Сопотски пат”- Плански опфат меѓу ул. “Карпошева”. Ул”.Скопска”, ул.”4-ти Јули”, ул. “19-ти Ноември”, ул. “11-та Македонска бригада и ул. “100”, за Општина Свети Николе, тех,бр.182/10, февруари 2011, изработено од “ПЛАНЕРИС”- Куманово, Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг- Куманово;
– Детален урбанистички план за дел од УЕ “2”- Локалитет “Сопотски пат”- Плански опфат меѓу ул. “Карпошева”. Ул”.Скопска”, ул.”4-ти Јули”, ул. “19-ти Ноември”, ул. “11-та Македонска бригада и ул. “100”, за Општина Свети Николе, 2011-2016, ПРЕДЛОГ ПЛАН тех.бр.182/10 – јуни 2012, изработено од “ПЛАНЕРИС”- Куманово, Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг- Куманово;
– Мислење за Детален урбанистички план за дел од од УЕ “2”- Локалитет “Сопотски пат”- Плански опфат меѓу ул. “Карпошева”. Ул”.Скопска”, ул.”4-ти Јули”, ул. “19-ти Ноември”, ул. “11-та Македонска бригада и ул. “100”, изготвено од Комисија во состав од Валентина Гилева,диа, Дарко Јованов, дги и Иво Ѓорѓиев, диа, Овластен планер 0101, април 2011 година;
– Извештај за постапување по Мислење на Комисија за Детален урбанистички план за дел од УЕ “2”- Локалитет “Сопотски пат”- Плански опфат меѓу ул. “Карпошева”. Ул”.Скопска”, ул.”4-ти Јули”, ул. “19-ти Ноември”, ул. “11-та Македонска бригада и ул. “100”, изработено од “ПЛАНЕРИС”- Куманово, Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг- Куманово, мај 2011;
– Одлука за утврдување на нацрт Детален урбанистички план за дел од УЕ “2”- Локалитет “Сопотски пат”- Плански опфат меѓу ул. “Карпошева”. Ул”.Скопска”, ул.”4-ти Јули”, ул. “19-ти Ноември”, ул. “11-та Македонска бригада и ул. “100”,Општина Свети Николе 2011-2016, донесена од Советот на Општина Свети Николе, бр.0701-611 од 15.09.2011;
– Одлука за организирање на Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт Детален урбанистички план за дел од УЕ “2”- Локалитет “Сопотски пат”- Плански опфат меѓу ул. “Карпошева”. Ул”.Скопска”, ул.”4-ти Јули”, ул. “19-ти Ноември”, ул. “11-та Македонска бригада и ул. “100”,Општина Свети Николе 2011-2016, донесена од Градоначалникот на Општина Свети Николе, бр.08-684 од 05.10.2011 година;
– Соопштение за одржување на Јавната презентација и Јавната анкета , донесено од Градоначалникот на Општина Свети Николе, бр.08-684/2 од 05.10.2011 година;
– Објавување на наведеното соопштение во 2 медиуми- “Нова Македонија”, 06 октомври 2011 година и Трговско радиодифузно друштво “ТВ СВЕТ” ДОО- Свети Николе, кое е емитувано на програмата на телевизијата во периодот од 07.10.2011- 21.10.2011 година;
– Записник од одржаната Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт Детален урбанистички план за дел од УЕ “2”- Локалитет “Сопотски пат”- Плански опфат меѓу ул. “Карпошева”. Ул”.Скопска”, ул.”4-ти Јули”, ул. “19-ти Ноември”, ул. “11-та Македонска бригада и ул. “100”,Општина Свети Николе 2011-2016,изготвен од Градоначалникот на Општина Свети Николе бр.08-684/сл од 24.10.2011 година;
– Извештај на Комисијата по спроведената Јавна презентација и Јавна анкета, бр.08-684/сл од 24.10.2011 година;
– Известување за постапување по Извештајот од спроведената Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт Детален урбанистички план за дел од УЕ “2”- Локалитет “Сопотски пат”- Плански опфат меѓу ул. “Карпошева”. Ул”.Скопска”, ул.”4-ти Јули”, ул. “19-ти Ноември”, ул. “11-та Македонска бригада и ул. “100”,Општина Свети Николе 2011-2016, изготвено од Стручната комисија , а по овластување на Градоначалникот, бр.08-684/сл од 02.11.2011 година, со кое се врши дополнување на планот пред доставување на Предлог планот на согласност до Министерството за транспорт и врски- Сектор за уредување на простор. Изготвен е и Предлог план со што започнува постапката за добивање Согласност од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот и негово донесување од страна на Советот на Општина Свети Николе;
– Согласност на Предлог ДУП за Урбана единица 2, Локалитет Сопотски пат, Свети Николе- површина на опфат 4,05 ха, плански период 2011-2016- Општина Свети Николе, изработен од ПЛАНЕРИС”- Куманово, Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг- Куманово, со тех.бр.182/10 од август 2012 година, дадена од Министерство за транспорт и врски, бр.16-16611/4 од 29.08.2012 година;
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од У.Е.”2” локалитет “Сопотски пат”, плански опфат меѓу ул.”Карпошева”, “Скопска”, “4-ти јули”, “19-ти ноември”, “11-та Македонска бригада” и “100”, Општина Свети Николе 2011-2016 година, донесена од Советот на Општина Свети Николе бр.0701-740 од 29.08.2012 година,
– Заклучок за објавување на Одлуката и истата е објавена во „Службен гласник на Општина Свети Николе” број 11/2012 од 29.08.2012 година.

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Според членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од списите по предметот се гледа дека постапката за донесување на предметниот план била во време на важење на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија”бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/12010, 18/2011 и 60/2011-пречистен текст).

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање насловено како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co членот 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање и тоа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место).

Според член 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 5 од членот 21 од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 на овој закон е определено:

(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон.
(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.
(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(8) Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
(10) Доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според член 25 став 2 од Законот, на плановите од член 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од членот 25 од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од наведениот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината,општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница на советот, и советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Според ставот 7 од овој член од Законот, Советот на општината,општината на Градот Скопје и Градот Скопје може да го донесе, односно да не го донесе предлогот на планот доколку смета дека истиот не е изработен согласно со законските прописи во кој случај е должен да донесе одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлогот не е донесен.

Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, кое во својата суштина ја содржи правната сигурност на граѓаните во правниот поредок, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во конкретниот случај, од презентираната фактичка состојба, утврдена врз основа на писмената документација, произлегува дека доносителот на оспорениот акт ги спровел сите фази во постапката за донесување на предметниот урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање , што важел во време на донесување на оспорениот акт. Имено, според Судот, од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, неспорно и со сигурност произлегува дека во текот на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање поради што Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Северна Македонија и со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека при донесување на планот не била во целост запазена постапката, од причина што, според подносителот на иницијативата, изготвениот Извештај не бил валиден, Судот оцени дека се неосновани од причина што Советот на Општината во целост ги почитувал сите фази од постапката за донесување на оспорената одлука, односно го почитувал и член 24 став 7 од Законот на начин што стручната комисија изготвила Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за планот од ставот 1 на овој член од Законот. Наводот дека извештајот бил донесен на ден во кој не би можел да биде донесен, според Судот, не ја менува суштината на правната и фактичката состојба на работите по предметот, бидејќи од суштинско значење е фактот што доносителот на актот во целост постапил во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а особено согласно овластувањата дадени во членовите 7-48 од Законот, кои се однесуваат на планирање на просторот.

Оттука, неосновани се наводите на подносителот на иницијативата дека оспорениот акт не бил во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

По однос на наводот во иницијативата дека со оспорената одлука била сторена повреда на членот 30 од Уставот, односно дека на подносителот на иницијативата му било повредено правото на сопственост на начин што во овој случај недвижниот имот кој бил даден во замена за експроприраната недвижност не претставувала правичен надомест, според Судот, е од ирелевантно значење во оваа постапка каде се бара оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука. Ова, од причина што ваквото барање на подносителот на иницијативата излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не неговата содржина. Доколку подносителот смета дека е сторена повреда на правото на сопственост, истиот може пред редовен суд да поднесе друг вид на правно средство, односно тужба за утврдување на правото на сопственост пред надлежен граѓански суд.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и со член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.140/2019
4 февруари 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати