У.бр.137/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 в.в. со член 68, член 56, член 70 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 мај 2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Живко Јаќимовски од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на слободата на уверувањето и совеста, како и заштита на правото на забрана на дискриминација повредени со Решението број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година на Основниот суд Куманово и Решението ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје.

2. СЕ ОТФРЛА барањето на Радица Јаќимовска од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на слободата на уверувањето и совеста, како и заштита на правото на забрана на дискриминација.

3..Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Бенита Белешкова, адвокат од Скопје, како полномошник на Живко Јаќимовски и Радица Јаќимовска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата по основ на социјална припадност, повредени со пресудите означени во точката 1 од оваа одлука.

Барањето е поднесено за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, верска, национална, социјална и политичка припадност.

По однос на барањето бил оформен предмет во Уставниот суд под Р.број 62/2021 од 22 јули 2021 година, кој се зема како датум на прием на барањето. Со писмо од секретарот на Судот од 22 ноември 2021 година е побарано прецизирање и дополнување на барањето во смисла на тоа кое право или слобода од член 110 алинеја 3 од Уставот било повредено со наведените акти на Основниот суд Куманово и Апелациониот суд Скопје и да се наведат причините поради кои се бара заштита на истите. На ден 7 декември 2021 година е доставено дополнување на барањето и заведен е предметот У.бр.137/2021. На ден 14 јануари 2022 година повторно е доставено дополнување на барањето од страна на адвокатот кој ги застапува подносителите на барањето.

Во прецизираното и дополнето барање е наведено дека Живко Јаќимовски бил единствен сопственик на недвижен имот со имотен лист број 40 476 за КО Куманово, со кој се стекнал на 26 септември 2018 година. Со споменатото Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година на Основниот суд Куманово било усвоено тужбеното барање на неговиот сосед Пера Јаќимовски од Куманово, кој бил татко и близок роднина на членови кои припаѓале на политичка партија на Србите и поради тоа подносителите на барањето сметаат дека е со подобра социјална положба и општествено- политичка позиција. Според наводите во барањето, Живко Јаќимовски од Скопје му го нарушил мирното, фактичко и непосредно совладение над опишаниот наведен имот од имотен лист број 20 751 за КО Куманово кој бил во сосопственост на повеќе сосопственици, помеѓу кои бил и подносителот на барањето.

Со дополнувањата на барањето доставени на 7 декември 2021 година и на 14 јануари 2022 година се прецизира дека била повредена слободата и правото на мислата и јавното изразување на мислата на вториот барател Радица Јаќимовска од Скопје, бидејќи истата не била наведена во записникот со точни податоци и нејзиниот исказ од страна на првостепениот и второстепениот суд не бил правилно читан, односно делумно бил изваден од контекст и на тој начин е земен во полза на спротивната страна.

Понатаму, во барањето се наведува дека, исто така, повреда е сторена и со дискриминација на првиот и вториот барател по однос на непочитувањето на правото на фер судење и еднаквост на оружјата, согласно член 6 од Европската конвенција за човекови права што било поврзано со нивното исклучиво право на сопственост кое го поседувал првиот барател уште од 26 март 2010 година и дека е сторена дискриминација по однос на нивната полоша социјална положба и политичка неприпадност и фаворизирање на спротивната страна поради политичката припадност.

Во барањето е наведено дека е сторена повреда на член 16 и на член 19 од Уставот во делот со кој се гарантира слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Според наводите во барањето сторена е повреда на начин што првостепениот суд манипулирал и го ограничил предложениот единствен сведок од страна на тужениот, во конкретниот случај, подносител на барањето. Во барањето, исто така, е наведено дека првостепениот судија направил професионални грешки во одделни делови на Решението IV П1-65/20 од 19 февруари 2021 година кога ги цитирал исказите на сослушаните сведоци кои ги наведе на погрешно место и погрешно ги изведе сведочењата што е видно од записникот составен на 20 јуни 2019 година, кој тогаш бил заведен под судски број IV П1-174/18 и од каде може да се заклучи дека Радица Јаќимовска од Скопје, како сопруга на тужениот, сведочела дека отсекогаш постои друг пристапен пат кој тужителот го користи како пристап по неговиот имот, а додека другите сонаследници го користат, но дека тоа не е кратенка која тужителот бара да ја поминува.

Во дополнувањето на барањето се наведува дека првостепениот суд ги извртел, односно ги цензурирал зборовите на наведениот сведок Радица Јаќимовска од Скопје и на тој начин го злоупотребил нејзиното уставно заштитено право на слободно изразување на мисла и слобода на говор и на достоинствен углед кои биле загарантирани со член 16 и член 25 од Уставот. Исто така, и во второстепеното решение има голема злоупотреба на сведокот Радица Јаќимовска, сопруга на оштетениот, која е наведена како Верица и нејзиниот исказ е злоупотребен и анализиран погрешно.

Понатаму, во дополнувањето на барањето е наведено дека закажаните рочишта се одржани без тонско снимање што е во спротивност со член 107 од Законот за парнична постапка и дека е сторена суштествена повреда на одредбите од Законот за парнична постапка. Исто така, сторено било прекршување на член 16 од Уставот и при ценењето на исказите дадени од страна на сведоците била сторена техничка грешка при составувањето на записникот и решенијата.

Со цел да се утврди фактичката состојба се обративме со писмо до Основниот суд во Куманово од каде сме известени дека била поведена постапка од страна на тужителот Пера Јаќимовски од Куманово против тужениот Живко Јаќимовски од Скопје по основ смеќавање на владение. Постапувајќи по истиот предмет и по поставеното тужбено барање како во петитумот на тужбата Основниот суд Куманово донел Решение П1 174/18 од 2 октомври 2019 година и вака донесеното решение било укинато со Решението ГЖ. 939/20 од 19 март 2020 година на Апелациониот суд Скопје и предметот бил вратен на повторно постапување и судење .

Според наводите во барањето, при повторното постапување по предметот првостепениот суд ги ценеше дадените напатствија од страна на второстепениот суд и утврди дека тужбата се однесува на конкретното барање поставено во тужбата, а тоа е смеќавање на владение, а не е заштита на сопственост или постоење на друг пристапен пат, па доколку барателот во конкретниот случај смета дека треба да се расправа за истото, тоа значи дека не ја искористил законската можност и тој треба да поднесе противтужба. Во барањето е наведено дека од Уставниот суд се бара да се преиспита дали е во ред во записниците кои биле водени од страна на Основниот суд во Куманово да стои изјавата дека поради технички услови судот не можел да ја одржи расправата со тонски запис и на тој начин да манипулира со нивните изјави од записниците и да ги дискриминира во однос на нивните уставно гарантирани права на правично и фер судење.

Во поднесеното барање е наведено дека Уставниот суд треба да утврди дека на подносителот Радица Јаќимовска ѝ е повредено правото на говор и јавното изразување на мислата бидејќи е злоупотребена преку извртување на нејзиниот исказ на штета на подносителот Живко Јаќимовски.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9 – 60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.

Со Уставот начелно се скицирани и дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.

Согласно член 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Со член 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд и тоа не е прашање препуштено на уредување со закон или друг пропис. Според алинеите 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Тоа значи дека уставно-судската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се определени како надлежност на Уставниот суд на Република Северна Македонија во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Со член 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Барањето пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во случајов се однесува на заштита на слободи и права од членови од Уставот кои на подносителот му биле повредени со конкретни решенија на Основниот суд во Куманово и Апелациониот суд во Скопје, и врз основа на тоа се бара Уставниот суд да ги поништи наведените судски решенија.

Со цел да се утврди фактичката состојба во врска со оспорените судски решенија, по анализата на Решението број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година на Основниот суд Куманово како првостепен парничен суд утврдивме дека решавајќи по тужбата на тужителот Пера Јаќимовски од Куманово против тужениот Живко Јаќимовски од Скопје по основ смеќавање на владение, по одржаната расправа на ден 11 февруари 2021 година Основниот суд Куманово донесе решение со кое се усвојува тужбеното барање на тужителот и се утврдува дека тужениот Живко Јаќимовски од Скопје, му го нарушил последното мирно, фактичко и непосредно совладение над недвижен имот со катастарски индикации на повеќе катастарски парцели. Постапувајќи по истиот предмет и по поставеното тужбено барање Основниот суд Куманово наложил на тужениот да ги отстрани дрвените столбови и метални шипки, како и металната жичана ограда поставени на граничните линии помеѓу конкретните катастарски парцели и на тужителот да му се овозможи слободен пристап преку конкретните катастарски парцели. Исто така, Судот наложил во иднина да се воздржува од вакви или слични дејствија со кои би го нарушил совладението на тужителот Пера Јаќимовски од Куманово, во рок од 8 дена од приемот на ова решение, а под страв на присилно извршување и се задолжува да му ги надомести на тужителот процесните трошоци. Со Решението ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје, жалбите на тужениот Живко Јаќимовски, изјавени лично и преку полномошникот се одбиени како неосновани, додека Решението П1-65/20 од 19 февруари 2021 година се потврдува.

Во конкретниот случај, подносителите на барањето го наведуваат основот на дискриминација и актите со кои била сторена дискриминацијата. Меѓутоа, во барањето отсуствуваат елементи и докази врз основа на кои ќе може да се утврди повредата по основ на социјална припадност.

Имено, по однос на наводите за дискриминација, сметаме дека истите содржат само начелно повикување на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност, односно подносителот во своето барање смета дека е дискриминиран по основ на социјална припадност со тоа што врз основа на поединечните акти Решението број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година на Основниот суд Куманово и Решението ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје, му се повредени слободите и правата и од целината на барањето несомнено произлегува дека подносителот на барањето е незадоволен од решенијата на судовите, од каде таквите наводи се сведуваат на барање Уставниот суд да ја преиспита работата и преземените дејствија на Основниот суд Куманово и Апелациониот суд и тоа да добие своја завршница во нивна корист, а конкретни факти и докази во барањето и појаснувањето на барањето, не се содржани.

Според прифатениот принцип на ефективна заштита, практикуван од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, не е доволно државата преку нормите во националното законодавство само да утврди гаранции за заштита на слободи и права, туку државата има обврска истите доследно да ги почитува и да се грижи за нивна целосна реализација и ефективност. Согласно обврската за почитување на слободите и правата на човекот и граѓаните, државата и нејзините органи треба да се воздржуваат самите тие да не извршат некаква повреда на правото. Согласно принципот на ефективност, обврските треба да се толкуваат на начин на кој најдобро би се заштитило едно лице. Овој пристап најчесто се користи од страна на ЕСЧП во случаи кога одлучува дали определена одредба е применлива, или дали постои повреда на одредба која е јасно применлива.

Во кокретниот случај треба да се има предвид дека аргументот за различниот социјален статус на странките во судската постапка, сам по себе, не доведува до дискриминација по автоматизам, а изразот дискриминација подразбира секое разликување, исклучување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до оспорување или намалување на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично. Самиот статус на граѓаните по некои од наведените основи, сам по себе не имплицира дискриминација, туку нееднаквиот и различен третман и постапување во еднакви случаи, што во секој случај треба да се утврди. Меѓутоа, во конкретниот случај, од барањето на подносителот не може да се заклучи со сигурност за тоа каков бил неговиот статус и дали заради тој статус имал нееднаков третман наспрема тужениот. Оттука, околноста што подносителот на барањето во постапките пред судовите не успеал во спорот, наспрема другата страна која успеала во спорот, не е аргумент за поинаков и нееднаков третман на странките во конкретната судска постапка.

Со член 50 од Уставот е утврдено правото на граѓанинот да се повикува на своите слободи и права пред редовните судови и пред Уставниот суд, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Очигледно е дека уставната одредба од член 110 став 3 на Уставниот суд му дава ограничена надлежност во заштитата на основните слободи и права и тоа само на оние што се изречно наброени во наведената одредба, а не и на другите слободи и права загарантирани со Уставот, па во тој контекст се поставува прашањето дали може да се смета дека граѓанинот е дискриминиран по основ на социјална припадност ако законот не се применува еднакво спрема сите граѓани.

Суштината на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност е нејзиниот недискриминаторски карактер и фактот што исклучува секаква привилегија и облик на повластување од секаков вид и по кој било основ. Ова право е апсолутно и тоа не само како уставна гаранција, туку и по својата суштина и содржина, т.н. природно право, зашто забранува востановување на основи и елементи на какви било разлики меѓу луѓето, па според тоа и разликување на луѓето во животната практика и кога тие остваруваат одделни свои права и исполнуваат пропишани должности. Апсолутноста на ова право е изразена во уставно утврдената еднаквост на граѓаните пред законот.

Во конкретниов случај, Судот утврди дека наведените пресуди на судовите не содржат елементи на дискриминација по основ на социјална припадност, како што наведува подносителот на барањето, поради што Судот оцени дека треба да се одбие неговото барање за заштита на слободите и правата што се однесува на заштита на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата и заштита од дискриминација по основ на социјална припадност.

Исто така, во однос на подносителката на барањето Радица Јаќимовска од Скопје, која е брачна другарка на Живко Јаќимовски од Скопје, од фактичката состојба утврдена од Уставниот суд при што посебно ги ценеше наводите во барањето и поради тоа Судот оцени дека истата не била странка во постапката пред редовните судови, туку се јавува во улога на сведок и од тие причини треба да се отфрли барањето во тој дел.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од Одлуката.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу,  д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.137/2021
10.05.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска