У.бр.137/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 25 март 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 72 став 3, во делот: „ценејќи ја законитоста на постапката“ и член 72 став 4, во делот: „во случај на груба повреда на одредбите за постапката“ од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017 и 83/2018).

3. Еленко Миланов, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

а) Во врска со член 96 став 4 од Законот означен во точката 2 од ова решение, во иницијативата се наведува дека: во основниот текст на Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006 имало 72 члена, па немало член 96; членот 96 прв пат бил внесен во Законот со измените и дополнувањата објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010 (член 8); следувала промена на таа законска одредба со измените и дополнувањата објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.197/2017 (член 12); последната промена на таа законска одредба била направена со измените и дополнувањата објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018 (член 16). Притоа, подносителот на иницијативата наведува дека: во Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006 и 150/2010) не било прецизно уредено кој орган одлучува конечно за разрешување на судија или претседател на суд – Судскиот совет на Република Македонија или Советот за одлучување по жалба; потоа било определено дека Врховниот суд на Република Македонија одлучува конечно за разрешување на судија или претседател на суд со потврдување или преиначување на одлуката на Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.197/2017); а со последните промени на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018) било определено дека Судскиот совет одлучува конечно за разрешување на судија или претседател на суд на тој начин што ги цени напатствијата на Советот за одлучување по жалба.

Со иницијативата се оспорува содржината на член 96 став 4 пропишана со Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018.

Понатаму, во врска со член 96 став 4 од Законот се наведува дека на 16 мај 2019 година бил донесен нов Закон за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), кој влегол во сила осмиот ден од објавувањето (член 109), што значи на 30 мај 2019 година, и со денот на неговото влегување во сила престанал да важи Законот за Судскиот совет на Република Македонија објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017 и 83/2018 (член 108), но според член 107 став 2 од новиот Закон за Судскиот совет на Република Северна Македонија започнатите постапки за разрешување на судија или претседател на суд до денот на влегувањето во сила на новиот закон ќе се завршеле според новиот закон, па од тоа произлегувало дека на 30 мај 2019 година не престанале да важат сите одредби од стариот закон, а не престанал да важи ниту член 96 став 4 од стариот закон во однос на судиите и претседателите на судови за кои била започната и била незавршена постапката за разрешување. Поради тоа, оспорената одредба од член 96 став 4 на Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017 и 83/2018) се уште била во правниот поредок и можела да биде оценувана од Уставниот суд.

При таква фактичка состојба, подносителот на иницијативата најнапред ги изнесува одредбите од Амандман XXVIII точка 1 став 1 (за положбата на Судскиот совет во уставниот поредок на Републиката), Амандман XXIX точка 1 став 1 алинеи 1 и 3 (за уставните овластувања на Судскиот совет) и Амандман XXVI точка 1 став 2 алинеја 2 на Уставот (за уставните основи по кои може да биде разрешен судија) и од нив заклучува дека Судскиот совет бил орган на судството, дека неговата главна функција кон „надвор од судството на Републиката“ била да обезбеди одвоеност на судската власт од другите две власти (законодавната и извршната власт), а во однос на „судството внатре“ Судскиот совет бил должен да обезбеди стручно и совесно вршење на судиската функција. Но, од друга страна, подносителот на иницијативата упатува и на Амандман XXI точка 1 на Уставот, со кој „се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд“, како и упатува на членот 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, според кој „секој човек, чии права и слободи признати со оваа конвенција се нарушени, има право на жалба пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службената должност.“

Оттука, според наводите во иницијативата, произлегувало дека даденото уставно овластување на Судскиот совет на Републиката да одлучува за разрешување на судија или претседател на суд значело дека и пред тој орган мора да се обезбеди право на реална жалба и со тоа двостепеност на постапката, без притоа да се повреди уставното овластување на Судскиот совет да одлучува за разрешувањето на судија или претседател на суд. Тоа, пак, било можно така што после првостепеното одлучување на Судскиот совет на Републиката, кој се јавувал во својство на првостепен суд во врска со разрешување на судија или претседател на суд (Судскиот совет припаѓал на судството и имал уставно овластување да одлучува за разрешување на судиите и претседателите на судовите), се овозможувало Советот за жалба да се произнесе процедурално и материјално како второстепен орган (Советот за жалба е составен од стручни и компетентни судии на Врховниот суд, апелационите судови и од судии од судот од кој доаѓа судијата за кого се води постапката), а нивната определба задолжително да морала да биде одлука на Судскиот совет на Републиката.

На крајот на иницијативата се наведува дека „со оглед на тоа дека оспорениот член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017 и 83/2018) не го задолжува Судскиот совет да мора да ја почитува укинувачката одлука на Советот за жалба, туку само да ги цени напатствијата на Советот за жалба, при што ценењето всушност значи, покрај почитувањето на аргументите во напатствијата, и оценување од страна на Судскиот совет на аргументите на Советот за жалба, а со тоа и да може да ги игнорира законски заснованите аргументи на Советот за жалба, произлегувало дека член 96 став 4 од наведениот закон не обезбедува реално, суштинско остварување на правото на жалба утврдено во Уставот и во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Необезбедувањето, пак, на реално, суштинско остварување на правото на жалба значело дека член 96 став 4 од Законот не ги обезбедува темелните вредности на уставниот поредок на Републиката: владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот) и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право (член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот).“

Поради тоа се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на член 96 став 4 од наведениот закон, изрекување на привремена мерка и, потоа, поништување или укинување на означената законска одредба.

б) Во однос на оспорените делови од член 72 ставови 3 и 4 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), во иницијативата најнапред се упатува на содржината на напред наведените амандмани на Уставот за уставната положба и уставните овластувања на Судскиот совет, како и за уставните основи по кои може да биде разрешен судија (Амандман XXVIII точка 1 став 1, Амандман XXIX точка 1 став 1 алинеи 1 и 3, Амандман XXI точка 1 и Амандман XXVI точка 1 став 2 алинеја 2 на Уставот), а потоа се упатува и на напред наведената содржина на членот 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Притоа, подносителот на иницијативата го наведува следното: „Со оглед на тоа дека член 72 став 3, во делот: „ценејќи ја законитоста на постапката“, и делот од став 4 кој гласи: „во случај на груба повреда на одредбите за постапката“ од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), го ограничуваат Советот за жалба да го оценува решението за разрешување на судија или претседател на суд донесено од Судскиот совет само од аспект на законитоста на постапката (односно дали е постапувано според редоследот и во обем определен со процедуралните законски правила) и само во случај на груба повреда на одредбите за постапката да може Советот за жалба да го укине решението на Судскиот совет, а не и надвор од тоа, односно да не може Советот за жалба да ја оценува и точноста и целовитоста на фактичката состојба, како и правилноста во примената на материјалното право, од што суштински зависат правата на судијата или претседателот на суд против кои се води постапка за разрешување, произлегува дека оспорените делови на член 72 ставови 3 и 4 од наведениот закон не обезбедуваат реално, суштинско остварување на правото на жалба гарантирано со Уставот и дефинирано во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Тоа, пак, отсуство на реално, суштинско остварување на правото на жалба значи дека означените делови на член 72 ставови 3 и 4 од Законот не ги обезбедуваат ниту темелните вредности на уставниот поредок на Републиката: владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот) и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право (член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот).“

Од тие причини, се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на член 72 став 3, во делот: „ценејќи ја законитоста на постапката“ и став 4, во делот: „во случај на груба повреда на одредбите за постапката“ од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), како и изрекување на привремена мерка, а потоа поништување или укинување на означените делови од законските одредби.

4. а) Во врска со член 72 ставови 3 и 4 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

Во член 72 став 1 од наведениот закон се определува дека: „Право на жалба до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Советот за жалба) против одлуката на Советот, има само судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапката за утврдување на одговорност, во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката.“

Според став 2 од истиот член, „Советот за жалба е составен од девет члена од кои тројца судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, по еден судија од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката. Членовите се бираат јавно по систем на ждрепка на општа седница на Врховен суд на Република Северна Македонија, односно седница на сите судии на односниот суд, најдоцна во рок од 10 дена од денот на приемот на жалбата.“

Членот 72 став 3 од Законот, чиј дел се оспорува, гласи: „Советот за жалба најдоцна во рок од 30 дена од неговото формирање одлучува по жалбата, ценејќи ја законитоста на постапката“.

Во член 72 став 4, чиј дел исто така се оспорува, се определува дека: „Во случаите од ставот 3 на овој член, Советот за жалба може да го потврди или да го укине решението на Советот во случај на груба повреда на одредбите за постапката за одговорност на судија или претседател на суд“.

Во ставот 5 се пропишува дека: „Доколку Советот за жалба го укине решението, Советот ќе ја повтори постапката, задолжително почитувајќи ги напатствијата од Советот за жалба и ќе донесе одлука и истата јавно ќе ја објави на својата веб страница.“

Ставот 6 од истиот член гласи: „Против одлуката од ставот 5 не е дозволена жалба или тужба.“

Во ставот 7 се определува дека: „Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и судија, односно претседател на суд, учесник во постапката пред Советот не можат да бидат членови на Советот за жалба од ставот 2 на овој член.“

б) Според член 8 став 1 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се: „основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот“ (алинеја 1), „владеењето на правото“ (алинеја 3) и „почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право“ (алинеја 11).

Во врска со наводите во конкретната иницијатива, тие темелни вредности Уставот ги разработува така што во Амандман XXI точка 1 став 1 определува дека: „Се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд“. Според став 2 од истата точка на Амандманот, „Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон“.

Понатаму, членот 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи определува дека „Секој човек, чии права и слободи признати со оваа конвенција, се нарушени, има право на жалба пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службената должност.“

Во конкретниот случај, членот 72 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија пропишува право на жалба на судија или претседател на суд кој е разрешен од Судскиот совет (став 1), дека по поднесена жалба постапува Совет за одлучување по жалба составен од девет судии (став 2), дека Советот за одлучување по жалба може да го потврди или укине решението на Судскиот совет (став 4) и дека во ситуација кога решението на Судскиот совет е укинато од Советот за одлучување по жалба, Судскиот совет мора да ја повтори постапката и задолжително да ги почитува напатствијата од Советот за одлучување по жалба (став 5).

Според тоа, наведените законски правила овозможуваат правото на жалба на разрешен судија или претседател на суд да се остварува во: двостепена постапка, во втор степен да одлучува судски орган, одлуката на второстепениот орган да е задолжителна, а во рамките на законитоста на постапката спроведена од Судскиот совет, Советот за одлучување по жалба може да ги опфати и прашањата поврзани со фактичката состојба и со примената на материјалното право.

Имајќи го предвид изнесеното, Уставниот суд оцени дека оспорените делови од член 72 ставови 3 и 4 на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија не ги доведуваат во прашање наведените уставни одредби, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. а) Во однос на член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015,197/2017 и 83/2018), Уставниот суд на седницата утврди дека таа законска одредба гласи: „Советот (Судскиот совет) во повторената постапка донесува конечна одлука, ценејќи ги напатствијата на Советот за жалба“.

Судот, исто така, утврди дека наведената законска одредба престанала да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019) на 30 мај 2019 година согласно на членовите 108 и 109, како и дека оспорената законска одредба останала да се применува по наведената дата само во однос на започнатите и незавршени постапки за разрешување на судии или претседатели на судови согласно на член 107 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.

б) Имајќи предвид дека член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017 и 83/2018), престана да има значење на општо задолжително законско правило на 30 мај 2019 година, туку остана да се применува само во индивидуални случаи и ограничено време, Уставниот суд оцени дека не е надлежен да одлучува за примената на таа законска одредба, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение, согласно на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.137/2019
25 март 2021 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставен суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.137/2019