У.бр.128/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 јуни 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 16 став 1 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Репуб­лика Македонија“ бр.61/2004, 92/2007,102/2008, 35/2011, 53/2011 и 84/2012).

2. Санде Пејоски од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата, наведува дека оспорената одредба била спротивна на член 8 алинеи 1, 3, 6 и 8, член 9 и член 41 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според подносителот на иницијативата, единиците на локалната самоуправа без законско покритие во пракса погрешно го применуваат тој член и пресметувале данок на движен и недвижен имот со тоа што погрешно го ставале брачниот другар во втор наследен ред и при наследувањето го обврзувале погрешно да плати 2% од вредноста на наследниот имот ако брачните другари во бракот немале деца, а оние кои имаат деца биле во првиот наследен ред и не плаќале данок.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека таквата погрешна примена на член 16 став 1 од Законот за даноците на имот претставува дискриминација и е спротивна на член 8 алинеи 1, 3, 6 и 8, член 9 и член 41 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, според подносителот на иницијативата, со таквиот начин на примена на овој член, даночните одделенија го немале во предвид членот 13 од Законот за наследување, каде брачниот другар бил во прв наследен ред, при што самите даночни одделенија ги ставале во втор наследен ред брачните другари кои немале деца и ги задолжувале да плаќаат данок, што било нехумано од нивна страна.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 16 став 1 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 92/2007) и неговата погрешна примена во пракса како би владеело правото и еднаквоста по што, истиот да се укине како спротивен на член 8 алинеи 1, 3, 6 и 8, член 9 и член 41 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одредба од член 16 став 1 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Репуб­лика Македонија“ бр.61/2004, 92/2007,102/2008, 35/2011, 53/2011 и 84/2012), е предвидено дека: „Стапките на данокот на наследство и подарок се пропорционални и различни во зависност од наследниот ред“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, темелни вредности на уставниот поредок се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во член 9 став 2 од Уставот прецизно е уредено дека: „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“.

Видно од членот 41 од Уставот е дека право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Во духот на содржината на член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011 и 84/2012), се уредува начинот на оданочување на данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подноси­телот на иницијативата ја оспорува уставноста на членот 16 став 1 од Законот за даноците на имот како спротивен на член 8 алинеи 1, 3, 6 и 8, член 9 и член 41 од Уставот на Република Северна Македонија поради неговата примена во практиката.

Во одговор на овие наводи, Судот оцени дека треба да се има предвид следното:

Според член 10 став (1) од Законот за даноците на имот, данок на наследство и подарок се плаќа на недвижен имот и право на плодоуживање и користење на недвижен имот, кои наследниците односно примателите на подароци ги наследуваат, односно примаат врз основа на Законот за наследување, односно договорот за подарок.

Со член 16 од Законот за даноци на имот е предвидено дека:

(1) Стапките на данокот на наследство и подарок се пропорционални и различни во зависност од наследниот ред.
(2) Данокот на наследство и подарок за обврзник од втор наследен ред се пресметува по стапка од 2% до 3%, а за обврзник од трет наследен ред или обврзник кој не е во сродство со оставителот данокот се пресметува постапка од 4% до 5%.
(3) Висината на стапките од ставот (2) на овој член со одлука ја утврдува советот на општината.
(4) Висината на стапките од ставот (2) на овој член со одлука ја утврдува советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за Градот Скопје.

Многу јасно е предвидено дека данок на наследство и подарок не плаќа ако наследникот, односно примателот на подарок е од прв наследен ред,во член 17 став 1 од истиот закон.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби како и содржината на оспорената одредба во однос на наводите во иницијативата, Судот оцени дека, подносителот на иницијативата во суштина бара Судот да ја оцени примената на оспорената одредба во практиката, во смисла дали општинските даночни одделенија правилно го определувале наследниот ред на брачните другари во постапката за определување на данок на наследство и подарок.

Во член 110 од Уставот, концизно е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а во согласност со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд предвидено е дека: „Судот ќе ја отфрли иницијативата доколку не е надлежен да одлучува за барањето“.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, произлегува дека Судот не е надлежен да ја цени примената на законските одредби, како што се бара со иницијативата, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на извршената уставна судска анализа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.128/2021
21 јуни 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска