У.бр.48/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 во делот: „на оваа уредба“, член 2 ставoви 1 и 2 и став 3 во делот: „на оваа уредба“ од Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време  на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства од 30.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/2020).

2. Адвокатот Александра Илиева Милчова од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 во делот: „на оваа уредба“, член 2 ставови 1 и 2 и став 3 во делот: „на оваа уредба“ од Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените членови во оспорениот дел на Уредбата не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 4 и 11, член 9, член 29 и член 98 од Уставот на Република Северна Македонија, односно со  Конвенцијата за принудна работа од 1930 година, ратификувана од Република Северна Македонија во согласност со Уставот на  Република Северна Македонија, како и со член 6 и член 17 од Европската конвенција за човекови права.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 30 март 2020 година, донела Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањeтo на судовите и јавните обвинителства, а оспорените членови 1 и 2 од Уредбата гласат:

Член 1

Законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа уредба сè до престанување на вонредната состојба.

Член 2

Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките од член 1, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба.

Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба.

Роковите за застарување за кривично гонење, поведување и водење на прекршочна постапка, за извршување на кривичните и прекршочните санкции престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба.

Издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.

4. Во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, јасно е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Претседателот на Републиката донел пет последователни одлуки: од 18.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 68/2020), од 16.04.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2020), од 16.05.2020 („Службен весник на Република Северна Македонија” број 127/2020), од 30.05.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 142/2020) и од 15.06.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 159/2020) за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката.

Последната од низата одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба била донесена на 15 јуни 2020 година за период од 8 дена, а истата била со важност заклучно со 22 јуни 2020 година.

Со член 126 став 1 од Уставот, децидно е утврдено дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 на истиот член од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донела низа уредби со законска сила, меѓу кои и Уредбата којашто е оспорена од страна на подносителот на иницијативата.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање на мерки кои ги наложува вонредната состојба, а сé со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба како и последиците од истата.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на овластувањето коешто го има за време на прогласена вонредна состојба од член 126 став 1 од Уставот, меѓу низата уредби, ја донела и Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањeтo на судовите и јавните обвинителства,  број 44-2568/1 од 30 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 84/2020).

Со членот 1 од оспорената уредба со законска сила, Владата уредила дека за време на траењето на вонредната состојба законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа уредба сè до престанување на вонредната состојба.

Со членот 2 од оспорената уредба со законска сила, се уредени законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките од член 1, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба.

Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба.

Роковите за застарување за кривично гонење, поведување и водење на прекршочна постапка, за извршување на кривичните и прекршочните санкции престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба.

Издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.

Со Решението У.бр.97/2020 од 12 јуни 2020 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2, 4, 5 и 6 од Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/2020 и 89/2020).

Имајќи го предвид фактот дека оспорената уредба имала важност и се применувала заклучно со 22 јуни 2020 година, односно истата била од темпорален карактер и повеќе не е дел од правниот поредок на Републиката, што значи исцрпена е нејзината примена и повеќе не произведува правно дејство, Судот утврди дека со иницијативата се оспоруваат одредби кои не се во важност и постои процесна пречка за одлучување по истите, поради што исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.48/2022
7 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска