У.бр.119/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 9 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 63 став 4 алинеја 3, во деловите: „очигледно“ и „односно се однесува на факти кои веќе биле предмет на разгледување од повисок суд во постапка по правен лек или можеле да бидат предмет на разгледување од повисок суд, но не биле покренати со правен лек“, од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019).

2. Ристо Бачев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со тврдење дека оспорените делови од алинејата 3 на означената законска одредба не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 10, членот 9, член 14 став 2, Амандман XXI, Амандман XXV точка 1 потточка 2, Амандман XXVI точка 1 алинеите 6 и 7 и Амандман XXIX алинеите 4 и 5 на Уставот.

Потоа, подносителот на иницијативата ја изнесува содржината на Амандман XXVIII точка 1 и на Амандман XXIX точка 1 алинеите 4 и 5 на Уставот, на членовите 1 и 2, член 36 став 1 точка 15, член 62, член 63 став 2 и член 68 став 3 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, на член 37 став 1 алинеја 8 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) и на членовите 1, 2 и 9 од Законот за поднесување на претставки и предлози („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008), при што смета дека од сите тие одредби произлегувало дека барање за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд можеле да поднесат до Судскиот совет (1) баратели по службена должност (член на Судскиот совет-според член 63 став 2 и член 68 став 3 од Законот за Судскиот совет, како и Врховниот суд на Република Северна Македонија-според член 37 став 1 алинеја 8 од Законот за судовите), кои субјекти сознанијата за судиите и претседателите на судовите ги стекнувале преку следењето на нивната поединечна работа прикажана во кварталните и годишните извештаи за судовите, како и преку годишниот извештај за севкупните состојби во судовите изготвен од Врховниот суд, но и (2) граѓаните и правните лица преку претставки и поплаки, ако имаат правен интерес, бидејќи овие субјекти како учесници во судските постапки имале најквалитетни, прецизни, концизни и правовремени сознанија за судиите, а тоа било во согласност со членовите 1 и 2 од Законот за поднесување на претставки и предлози и со член 36 став 1 точка 15 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.

При таква состојба, оспорените делови од наведената законска одредба, според наводите во иницијативата, значеле дека законодавецот поставил дополнителен услов за граѓаните и правните лица за да поднесат барање за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд бидејќи законодавецот го овластил Судскиот совет да може да отфрли барање за кое смета дека е „очигледно“ неосновано или за кое смета дека се однесува на факти кои веќе биле или можеле да бидат предмет на разгледување од повисок суд но не биле покренати, со што спорните одредби ги суспендирале членовите 1 и 2 од Законот за поднесување на претставки и предлози.
Покрај тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените делови од наведената законска одредба на Судскиот совет му се доделувала надлежност надвор од надлежностите утврдени за тој орган во членот 36 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, при што таа надлежност им припаѓала на судовите па, бидејќи Судскиот совет не бил суд, оспорените одредби овозможувале Судскиот совет да настапува како вонреден суд, да ги испитува судските одлуки и врз основа на тоа да одлучува за отфрлање или за прифаќање на барањата.

Освен тоа, според наводите во иницијативата, со оспорените делови од наведената законска одредба законодавецот му овозможувал на Судскиот совет да прејудицира мислења и ставови од граѓаните и правните лица иако тие тоа не го искажале со неподнесувањето на правен лек против судска одлука, со што се навлегувало во правото на граѓаните и правните лица суверено да располагаат со процесно-правните дејствија и да проценуваат дали за нив е штетно или не преземање на некој правен лек, од што произлегувало дека изјавувањето или неизјавувањето на правен лек не можело да претставува услов за основаноста или неоснованоста на поднесеното барање за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд.

Понатаму, со оспорената одредба која го овластува Судскиот совет да го отфрли барањето на граѓаните и правните лица ако оцени дека е „очигледно“ неосновано, подносителот на иницијативата смета дека законодавецот го овластил Судскиот совет повторно да суди, да ја осудува странката и да ја потврдува пресудата иако на странката во постапката и била нанесена неправда и штета поради што поднела барање за утврдување на одговорност на судијата или претстедателот на суд, а пак со овластувањето Судскиот совет да оценува дали фактите изнесени во барањето биле или не биле предмет на разгледување од повисокиот суд, законодавецот го овластил Судскиот совет да постапува по правна работа за која постапката се уште била во тек, што било неуставно и незаконито.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека со примената на оспорените делови од наведената законска одредба судиите, знаејќи дека нивните одлуки не подлегнуваат на надзор и контрола од Судскиот совет поради можноста овој орган да ги отфрла барањата за утврдување на одговорност на судиите како „очигледно“ неосновани, донесувале судски одлуки кои имале изрека и образложение со незаконити содржини и одлуки кои биле спротивни на нивната совест, чест и стручност. Во таа смисла, подносителот на иницијативата изнесува пример од неговата практика, кога поднел претставка до Врховниот суд, кој пак ја проследил претставката до Судскиот совет, а овој орган го известил дека наводите во претставката се неосновани со оглед дека тие наводи биле жалбени наводи и дека нив ги ценел второстепениот суд.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорените делови од наведената законска одредба не биле во согласност со: темелните вредности на уставниот поредок-основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска; почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право (член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11 од Уставот); уставното начело на еднаквост на граѓаните меѓу себе и уставното начело на еднаквиот однос на државата кон граѓаните (член 9 ставови 1 и 2); уставното начело дека никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука (член 14 став 2); уставната разработка на темелната вредност-поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска со која се определува дека само судовите ја вршат судската власт и дека се забранети вонредни судови (Амандман XXV точка 1 ставови 1 и 3); како и со уставната разработка на темелната вредност-поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска со која се определува положбата на судиите при вршење на судиската функција и условите под кои тие се разрешуваат (Амандман XXVI точка 1 став 2 алинеја 2) и уставната разработка на темелната вредност-поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска со која се определува дека Судскиот совет на Република Северна Македонија ја следи и оценува работата на судиите (Амандман XXIX точка 1 став 1 алинеја 4).

На крајот од иницијативата, подносителот изведува заклучок дека Судскиот совет врши надзор над судовите така што ја следи работата на судиите, постапува по поплаките на граѓаните и правните лица изнесени во претставките, во тие случаи врши контрола над работата на судовите, ги оценува одлуките на судиите од аспект на тоа дали постапувале во согласност со законите, дали пресудите се законски издржани, дали на странките им предизвикале штета со сторување или несторување, без притоа да ја потврдуваат или укинуваат судската одлука и без да одлучуваат за процесно-правните дејствија во конкретните ситуации. Оспорените делови од наведената законска одредба го оневозможувале тоа кога барањето за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд е поднесено од граѓаните или правните лица, со што оспорените одредби го правеле неефикасно ова правно средство.

Со иницијативата се предлага Уставниот суд да ја прифати иницијативата, да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од член 63 став 4 алинеја 3 на Законот и, по спроведената постапка тие одредби да ги поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека во член 61 став 1 од Законот се определува: „По добивање на барањето за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, Советот од членовите со право на глас по пат на ждрепка формира Комисија на известители (во натамошниот текст: Комисијата) составена од три членови од кои два се од редот на членовите избрани од страна на судиите, а еден е од редот на членовите избран од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Претседателот на Комисијата се избира со ждрепка од редот на членовите на Комисијата.“

Во член 63 став 4 од Законот се определува дека: „Комисијата (Комисијата на известители) ќе го отфрли барањето за утврдување на одговорност на судијата или претседателот на судот доколку барањето е:
-ненавремено,
-нецелосно или
-очигледно неосновано, односно се однесува на факти кои веќе биле предмет на разгледување од повисок суд во постапка по правен лек или можеле да бидат предмет на разгледување од повисок суд, но не биле покренати со правен лек.“

4.1. Во врска со правото на граѓаните да поднесуваат претставки, Уставниот суд ја утврди следната правна состојба:

а) Во член 24 став 1 од Уставот е определено дека: „Секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор“.

Според ставот 2 од истиот член на Уставот, „Граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело“.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека правото да се поднесуваат претставки е право подигнато на највисоко, уставно ниво, кое му припаѓа на секој граѓанин и кое е неограничено во содржината изнесена во претставките, под услов содржината да не претставува кривично дело, при што тоа право подразбира поднесување на претставки и до државните органи, потоа подразбира обврска на државните органи да даваат одговори на претставките, а подразбира и забрана на повикување на одговорност и забрана на штетни последици за ставовите кои граѓанинот ги изнел во претставките.

б) Уставно утврденото право на граѓаните да поднесуваат претставки е посебно разработено во Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008, 13/2013, 156/2015 и 193/2015).

Притоа, во член 1 од тој закон е определено дека: „Со овој закон се уредува постапувањето по претставките и предлозите поднесени до Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судовите, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и служби и други органи и организации што вршат јавни овластувања“.

Од изнесената законска одредба произлегува дека Законот за постапување по претставки и предлози го уредува постапувањето по претставките и предлозите поднесени до наведените државни органи (претседателот на Републиката, Собранието на Републиката, Владата на Републиката, судовите и министерствата), единиците на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) и јавните установи и јавните служби и други органи и организации што вршат јавни овластувања, но не и пред Судскиот совет на Република Северна Македонија.

4.2. Во врска со овластувањето на Судскиот совет да одлучува за одговорноста на судиите, Уставниот суд ја утврди следната правна состојба:

а) Во Амандман XXIX точка 1 став 1 на Уставот се определува дека: „Судскиот совет на Република Северна Македонија ги разрешува судиите (алинеја 1), ги разрешува претседателите на судовите (алинеја 3) и ја следи и оценува работата на судиите (алинеја 4)“.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Судскиот совет ја следи и оценува работата на судиите и одлучува за разрешувањето на судиите и на претседателите на судовите.

б) Изнесените уставни овластувања на Судскиот совет понатаму се разработени во Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019) на следниот начин:

б.1) Постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд пропишана во Законот за Судскиот совет, ги опфаќа следните правила:
– во рок од шест месеци да може да се поведе постапката сметано од денот на осознавањето на сторената повреда, но не подоцна од три години од денот на сторувањето на повредата-член 61;
– барањето за поведување на постапката да мора да ги содржи следните податоци: име и презиме на судијата или претседателот на суд, нивната адреса и местото на живеење, судот во кој ја вршат функцијата, опис на повредата, законскиот назив на повредата со наведување на одредбите од Законот за судовите и предлог докази што треба да се изведат на расправата-член 62;
– со ждрепка се формира 3-члена Комисија на известители од редот на членовите на Судскиот совет-член 63 став 1;
– „Член на Советот кој е подносител на барањето, не може да биде член на Комисијата од ставот 1 на овој член“-член 63 став 2;
– „Доколку член на Совет е подносител на барањето истиот не присуствува на расправата пред Советот и се иззема од гласањето за конечната одлука“-член 68 став 3.

б.2) Покрај тоа, во врска со подносителот на барањето за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, во член 37 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018) се определува дека:

– „Врховниот суд на Република Македонија на општа седница поднесува барање за поведување на дисциплинска постапка против судија“ (алинеја 7) и „поднесува барање за поведување на постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција“ (алинеја 8).

Според тоа, одговорност на судија или претседател на суд, во врска со нивната дисциплина или стручноста и совесноста при вршењето на судиската функција, може да бара член на Судскиот совет и општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија и тоа на начин и во постапка пропишани со Законот за Судскиот совет.

Оттука понатаму произлегува дека оспорените делови од член 63 став 4 алинеја 3 на Законот се дел од правилата на постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд во ситуација кога е поднесено барање од законски овластените субјекти-член на Судскиот совет или општата седница на Врховниот суд, по што Судскиот совет од членовите со право на глас по пат на ждрепка формира Комисија на известители составена од три членови, во која не може да биде избран членот на Судскиот совет кој го поднел барањето, а таа комисија потоа проверува дали барањето е навремено, дали е целосно и дали е основано.

б.3) Во однос на постапувањето по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите и претседателите на судовите, Законот за Судскиот совет го определува следното:

– во член 36 став 1 алинеја 15 од наведениот закон се предвидува дека: „Советот (Судскиот совет) е надлежен да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите“;
– според член 36 став 2 од Законот, „Советот (Судскиот совет) задолжително најмалку еднаш месечно одржува седница на која расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите, како и за одолжување на судските постапки и одлучува за секоја одделна претставка и поплака, најдолго во рок од 60 дена од денот на нивниот прием во Советот (Судскиот совет)“; Според ставот 3 од наведениот член на Законот, „Седницата на Советот (Судскиот совет) од ставот 2 на овој член е јавна“.

Од овие изнесени законски одредби произлегува дека Судскиот совет е овластен да постапува и по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите и претседателите на судовите и тоа на начин и во постапка пропишана со Законот за Судскиот совет, но оваа постапка се разликува од постапката поведена од законски овластените субјекти-членот на Судскиот совет или од општата седница на Врховниот суд.

5. Во конкретниот случај, Судот утврди дека предвидувањето во оспорените делови од член 63 став 4 алинеја 3 на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, Комисијата на известители да го отфрли „очигледно“ неоснованото барање, односно ако барањето се однесува на факти кои веќе биле предмет на разгледување од повисок суд или не биле предмет на разгледување од повисок суд поради неподнесување на правен лек а можеле да бидат, прво, не се однесува на постапувањето на Судскиот совет по претставките и поплаките на граѓаните и правните лица поднесени во врска со работата на судиите и претседателите на судовите бидејќи тие субјекти немаат уставна и законска основа да поднесуваат барања за утврдување на одговорност против наведените носители на судската власт и, второ, таквото овластување на Комисијата на известители, која е помошно колективно работно тело на Судскиот совет, е во функција на процедурално проверување на исполнетоста на законските услови за постапување по барање од надлежен субјект-член на Судскиот совет или општата седница на Врховниот суд, за поведување на постапка за утврдување одговорност на судија или претседател на суд, потоа во функција на овозможување на судиите од повисокиот суд да одлучуваат по прашања од надлежност на тој суд, како и во функција на останување на Судскиот совет во рамките на неговите надлежности. Поради тоа, член 63 став 4 алинеја 3, во деловите: „очигледно“ и „односно се однесува на факти кои веќе биле предмет на разгледување од повисок суд во постапка по правен лек или можеле да бидат предмет на разгледување од повисок суд, но не биле покренати со правен лек“, од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, не е во несогласност со уставните одредби наведени во иницијативата.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.119/2019
9 септември 2021 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска