У.бр.118/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 10 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на: член 34 став 1 и 2 во делот на процентите кои се однесуваат на маж, зборовите: „(маж), односно” и зборот: „(жена)”; член 35 став 1 во делот на годините кои се однесуваат на маж, зборовите „години (маж), односно над” и зборот: „(жена)”; член 52 ставови 3 и 4 во делот на прикажаната табела: колоната која се однесува на маж и зборот: „жена”; член 77 во делот: „55 години живот (маж), односно” и зборот „(жена)”; член 78 став 2 во делот: 1,08% (маж) и” и зборот: „(жена), став 3 во деловите: „2,22% од пензиската основица за маж, односно” и зборовите: „за жена” и „1,08% од пензиската основица за маж, односно” и зборовите: „за жена” и став 4 во делот: „2,48% за маж и” и зборовите: „за жена”; член 83 во делот: „55 години живот (маж), односно” и зборот: „жена”; член 85 во делот: „55 години живот (маж), односно” и зборот: „жена”; член 86 во делот: „55 години живот (маж) и” и зборот: „жена”; член 87 став 2 во делот: „1,08% (маж) и” и зборот: „жена”, став 3 во деловите: „2,22% од пензиската основица за маж, односно” и зборовите: „за жена” и 1,08% од пензиската основица за маж, односно” и зборовите: „за жена” и став 4 во делот: „2,48% за маж и” и зборовите: „за жена”; член 88 во делот: „62,0% од пензиската основица за маж, односно” и зборовите: „за жена”; член 228 став 1 (преодни и завршни одредби) од табелата во делот на колоната која се однесува на маж и зборот: „жена”, ставови 3 и 4 во деловите на процентите кои се однесуваат на маж, зборовите: „маж, односно” и зборот: „жена” и член 237 став 1 (преодни и завршни одредби) во делот на годините кои се однесуваат на маж и зборовите: „години живот (маж), односно” и зборот „жена”, од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 180/2019, 275/2019, 31/2020 и 267/2020).

2. Стојко Димчевски од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од законски одредби од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Со иницијативата се смета дека оспорените делови од законските одредби биле спротивни на одредбите од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, член 50 ставови 1 и 2, членот 51 и член 54 став 1 од Уставот, со наводи дека со оспорените законски содржини се произведувало нееднаков пристап до уставните права од работен однос и правата од пензиското и инвалидското осигурување на работникот маж во однос на работникот жена, се поткопувало и владеењето на правото што создавало не само нееднаквост меѓу граѓаните по однос на пол, туку и можност за произволно мешање на државата во начинот на кој граѓаните ги остваруваат своите права од пензиското и инвалидското осигурување, а законодавецот имал уставна обврска граѓаните да ги става во еднаква правна положба по сите правни основи без разлика на нивниот пол – маж или жена.

Поради изнесеното, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да изврши интервенција во Законот за пензиското и инвалидското осигурување со бришење на деловите од законските одредби коишто се оспоруваат со иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените делови од законските одредби содржани во членовите 34, 35, 52, 77, 78, 83, 85, 86, 87, 88, 228 и 237 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се однесуваат на параметрите за пресметување на пензиите (старосната пензија, најнискиот износ на старосна пензија, инвалидската пензија, пензија под посебни услови, семејната пензија) соодветно за осигуреникот жена и осигуреникот маж.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Со членот 35 од Уставот, е определено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Според членот 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Лице помладо од 15 години живот не може да биде вработено. Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа. Малолетните лица не смеат да бидат вработувани на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот.

Според членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 180/2019), осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Со овој член од Законот, правото на старосна пензија на осигуреникот се остварува со наполнување на утврдените години на живот и тие се различно утврдени за осигуреникот-жена и осигуреникот-маж.

Прашањето за различните услови за стекнување на правото на старосна пензија помеѓу мажите и жените, што произлегуваат од нивната возраст, било предмет на оценка пред Уставниот суд кој со Решение У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” брoj 80/1993, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003 и 50/2004), а истата одредба повторно била оспорувана неколку пати со подоцнежни иницијативи, коишто Судот ги отфрлил поради res judicata (решенија У.бр.224/2004 од 25 април 2005 година, У.бр.231/2005 од 1 февруари 2006 година, У.бр.179/2005 од 16 ноември 2005, У.бр.161/2005 од 9 ноември 2005, У.бр.89/2007 од 4 јули 2007, У.бр.152/2009 од 12 октомври 2009 година).

Во наведените решенија Судот изразил став дека:

„..Разликите во правата што произлегуваат од тоа дали осигуреникот е маж или жена, не го нарушуваат принципот на еднаквост на граѓаните, ниту содржат дискриминаторски однос кон осигурениците од машки пол, туку всушност претставуваат праведно решение поради понеповолната положба на жената во однос на мажот која произлегува од нејзината посебна положба во остварувањето на улогата на мајчинство. Утврдувањето на поповолни услови односно скратувањето на годините на старост на жената работник за остварување на право на старосна пензија е во функција на остварување на еднаквост со мажот, а не дека мажот се става во понеповолна положба односно дека тој е во дискриминирана положба во однос на жената. Во таа смисла, давањето од страна на законодавецот право на жената-работник да може да оствари право на старосна пензија за две години помала возраст од мажот, што во оваа сфера е оправдано според принципот на афирмативна акција, односно позитивна дискриминација.”

Воедно, оваа содржина (со новиот закон како член 18) повторно била предмет на оценување пред Уставниот суд, односно со Решение У.бр.81/2016 од 9 ноември 2016 година, Судот, повторно не повел постапка за оценување на уставноста на членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 98/2012, … и 132/2016), потврдувајќи го претходно изнесениот став по ова прашање.

Во конкретниот случај, законодавецот поаѓајќи токму од членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во продолжение на Законот ги уредил членовите 34, 35, 52, 77, 78, 83, 85, 86, 87, 88, 228 и 237, бидејќи целта којашто законодавецот сакал да ја постигне уредувајќи ги различните услови за остварување на правото на старосна пензија врз основа на возраста на осигуреникот жена и осигуреникот маж, не би била постигната во отсуство на уредените оспорени законски содржини.

Доколку позитивната дискриминација од членот 18 од Законот, би се свела само на право на жената осигуреник, две години порано од мажот осигуреник да оствари право на старосна пензија, односно, доколку позитивната дискриминација би запрела со овој член од Законот, како што подносителот тоа го смета, ова би имплицирало пониска пензија за жената осигуреник при остварување на старосна пензија, во споредба со мажот осигуреник, со оглед дека должината на пензискиот стаж е од битно влијание за висината на пензијата, со што не би се остварила целта од законското решение на членот 18 од Законот, а тоа е постигнување на еднаквост на жената осигуреник со мажот осигуреник во поглед на висината на пензијата и во тоа всушност се согледува ефектот на афирмативната акција (или позитивна дискриминација) при уредувањето на законското решение од членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

По дефиниција, афирмативната акција (или позитивна дискриминација) претставува оправдано отстапување од основниот принцип на формална еднаквост. Преземањето на афирмативна акција е преземање на мерки од страна на државата, односно нејзина активна улога во процесот на еднакво третирање на одредени групи.

Според тоа, поаѓајќи од членот 18 од Законот и различно утврдените услови за остварување на правото на старосна пензија засновани на возраста на осигуреникот жена и осигуреникот маж, законодавецот во продолжение на Законот ги уредил членовите 34, 35, 52, 77, 78, 83, 85, 86, 87, 88, 228 и 237, утврдувајќи различни параметри за пресметување на пензиите соодветно за осигуреникот жена и осигуреникот маж (старосната пензија, најнискиот износ на старосна пензија, инвалидската пензија, пензија под посебни услови, семејната пензија) со кои во суштина се ефектуира интенцијата на законодавецот за постигнување на еднаквост на жената со мажот во остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, што е во согласност со уставно прокламираната заложба на Републиката за посебната општествена заштита на жената со оглед на нејзините биопсихолошки својства, односно на мајката и мајчинството, хуманата популациона политика од аспект на жената односно кон семејството и детето и посебните права и обврски што од тоа произлегуваат.

Отсуството, односно бришењето на оспорените содржини од Законот, како што тоа го смета подносителот, според Судот, не е во духот на принципите и целите кои треба да се постигнат со уставно прокламираната грижа и заштита на Републиката за осигуреникот жена, прокламирани и со меѓународните акти кога е во прашање заштитата на жената и забраната на сите облици на дискриминација на жената.

Така, според член 25 од Универзалната декларација за правата на човекот, мајките и децата имаат право на посебна нега и заштита, а според член 4 став 2 од Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација на жената (донесена од Генералното собрание на ООН во 1979 година, која е во сила од 3 септември 1981 година), усвојувањето на посебни мерки од страна на државите членки, вклучувајќи ги и мерките содржани во оваа конвенција, чија цел е заштита на мајчинството, не се сметаат за дискриминаторски.

Воедно, според член 11 точка 1 од Конвенцијата, елиминирањето на дискриминацијата на жената, покрај другото содржи и утврдување на право на здравствена заштита и заштита на работа; и под точка (е), право на социјална заштита, меѓу другото, особено во случај на заминување во пензија.

Што се однесува до наводите изразени во иницијативата дека жената работник можела да побара од работодавачот продолжување на договорот за вработување и по 62 години возраст, предвидено со Законот за работните односи, треба да се има во вид дека правото на пензија, не треба да се поистоветува со правото на работа, тоа се сосема различни права, а во предметот У.бр.104/2014, Уставниот суд го изразил својот став по ова прашање.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се доведат под уставно сомнение оспорените содржини од законските одредби со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.118/2019
10 февруари 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати