У.бр.117/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на измена и дополнување на ДУП за УБ.34, за плански период 2015 – 2020, со плански опфат 3.07 ха – општина Тетово, изработена од ДОО „Теплан“ – Тетово со тех.бр.11/15, донесена од Советот на Општина Тетово под бр.08-5221/40 од 28.04.2016 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.38/2016).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Катица Стефаноска, Борика Наумовска и Горан Наумовски, сите од Тетово, застапувани од адвокат Дијана Мијовиќ, од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била донесена од Советот на Општина Тетово, без претходно добиена согласност од Министерството за транспорт и врски.

Имено, надлежното министерство доставило допис до Советот на Општината Тетово за „неиздавање на согласност и враќање на документација за да се отстранат констатираните недостатоци и забелешки“. Меѓутоа, Општината Тетово, и покрај ваквиот допис во текот на постапката за донесување на предметниот план, ја ставиле оспорената одлука на дневен ред на седница на Советот на Општината Тетово на 28.04.2016 година и ја донеле Одлуката, без притоа да се има согласност од надлежното министерство, согласно членовите 38 и 39 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199.2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016).

Во иницијативата се наведува дека на незаконитото донесување на Одлуката, претходеле поголем број на преземени дејствија од страна на иницијаторите, насочени кон институциите, со цел да се спречи неправилното планирање на содржините во предметниот план. Имено, подносителите на иницијативата веднаш по сознанието за започнување на постапка за измена и дополна на ДУП за УБ 34 во Тетово, испратиле укажување до Општина Тетово бр.10-2909/1 од 29.07.2015 година за да го актуелизираат проблемот кој произлегувал од предлогот за формирање на нова соседна градежна парцела сочинета од површината на две катастарски парцели (КП 1662/2 и КП 1662/1), како т.34.28, на која била предвидена изградба на објект П+7+Пк со височина од 25,2 м., и тоа непосредно до нивниот постоечки станбен објект во кој живееле двете семејства Стефаноски и Наумовски, на градежна парцела т.34.27 сочинета од двете други соседни катастарски парцели КП 1661/1 и КП 1661/2.

Повторно укажување до Општина Тетово, подносителите на иницијативата испратиле и на 04.09.2015 година, искажувајќи несогласување и незадоволство од планираниот нов објект непосредно до нивниот постоечки станбен објект.

Потоа, тие до Општината доставиле и анкетен лист бр.10-3325/1 од 15.09.2015 година за Нацрт-планот, по кој добиле одговор односно известување од 29.10.2015 година дека не се прифатени забелешките од приговорот во анкетниот лист. Незадоволни од известувањето, тие доставиле приговор на 07.12.2015 година со цел Оштината позитивно да интервенира во однос на приговорот за планираната содржина во планот, меѓутоа Општината и по овој приговор доставила известување на 15.01.2016 година дека не се прифатени забелешките.

Подносителите на иницијативата, директно доставиле приговор на 7.12.2015 година и до Министерството за транспорт и врски во Скопје. На овој приговор, Министерството им доставило одговор бр.24-1770/2 од 16.02.2016 година со кое тие биле известени дека: „Општината Тетово доставила барање бр.10-109/6 од 15.01.2016 година за добивање согласност за измена на ДУП за УБ 34 со тех.бр.11/15 од декември 2015 година, изработен од „Теплан“ Тетово. По разгледување на Предлог-планот и списите од водената постапка Министерството за транспорт и врски се произнело со допис – НЕИЗДАВАЊЕ СОГЛАСНОСТ и враќање на документацијата за да се отстранат констатираните недостатоци и забелешки“.

Во иницијативата се наведува дека и покрај законските обврски од членот 38 ставови 1 и 2 на Законот за просторно и урбанистичко планирање, од кои произлегувало дека органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот треба да даде согласност на предлог- планот и во рок од 10 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е – урбанизам, а во спротивно ќе се смета дека согласноста е издадена, сепак во случајов Советот на Општина Тетово, без добиена согласност и спротивно на Законот на седница одржана на 28.04.2016 година го донела предметниот урбанистички план и ја објавило Одлуката во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.38/2016 на 09.05.2016 година.

По донесувањето на планот, било издадено одобрение за градење бр.10-3806 од 10.04.2017 година за новиот објект, за кој подносителите на иницијативата приговарале во текот на целата постапка за донесување на планот.

Со изградбата на новопредвидениот објект постоела опасност за загрозување на стабилноста и статиката на постоечкиот станбен објект на подносителите на иницијативата, со оглед на тоа што новата градба требала да се гради непосредно до постојниот објект до заедничката меѓа, иако растојанието според нормативите за минимална оддалеченост на објектот од меѓните линии со соседот требало да биде најмалку третина од височината за градба над 10,20 м., а во случајов ќе се гради до заедничката меѓа, што е спротивно воедно и на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Во иницијативата се наведува дека целата постапка за донесување на предметниот план со оспорената одлука не била во согласност со членот 8 алинеја 10 од Уставот, членовите 38 и 39 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2012).

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а до конечното одлучување Судот да донесе времена мерка согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и со решение да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Тетово, на седница одржана на 28.04.2016 година ја донело оспорената одлука, во која со членот 1 утврдила дека со оваа одлука се усвојува Предлогот за измена и дополнување на ДУП за УБ 34, за плански период 2015 -2020, со плански опфат 3.07 ха – Општина Тетово, изработена од ДОО „Теплан“ – Тетово, со тех.бр.11/15, помеѓу улиците: „Димо Гавровски-Кара,“ Ул.. „Методи Андонов – Ченто“, Булевар „Благоја Тоска“ и Булевар „Илириа“ Општина Тетово.

Во членот 2 е утврдено дека составен дел на оваа одлука е техничката документација бр.11/15, изработена од ДОО „Теплан“ – Тетово, која не се објавува, а од која еден примерок се чува во архивата на Општина Тетово, еден кај органот што го спроведува овој план – Секторот за урбанизам на Општина Тетово, еден во надлежниот Државен архив, еден примерок кај Министерството за транспорт и врски, еден примерок кај Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Агенцијата за запишување на правата на недвижности – ПЕ Тетово, а седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот (Општина Тетово) заради достапност на јавноста.

Според членот 3 од Одлуката, Советот на Општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астролон и картираните подлоги се предаваат на Агенцијата за катастар на недвижностите на чување и користење како подлоги за издавање на нумерички податоци.

Согласно членот 4 од Одлуката, донесениот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од член 2 и член 3 на оваа одлука.

Според членот 5, оваа одлука влегува во сила 8-от ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Тетово“.

5. Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014) бил објавен на 30.12.2014 година, влегол во сила на 7.01.2015 година, а согласно членот 135, започнал да се применува од 1 март 2015 година.

Меѓутоа, овој Закон по донесувањето, имал повеќе измени и дополнувања објавени во „Службен весник на Република Македонија„ број 199/14, 44/15, 44/15, 193/15, 31/16 и 163/16.

Во „Службен весник на Република Македонија„ број 44/2015 од 19.03.2015 година, објавени се истовремено два закони за измена и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, со измени и дополнувања на различни законски одредби.

Едниот од овие закони влегол во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 19.03.2015 година, а другиот влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ односно на 27.03.2015 година.

Во Законот кој влегол во сила на 27.03.2015 година, членот 135 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бил изменет, со тоа што зборовите „1 март 2015 година“ се заменети со зборовите „1 мај 2015 година“.

Оттука, примената на актуелниот Закон за просторно и урбанистичко планирање започнала од 1 мај 2015 година.

Согласно членот 133 од Законот за просторно и урбанистичко планирање,со денот на отпочнување на примената на овој закон престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014).

Согласно членот 123 од новиот закон, постапките за донесување на урбанистичките планови, урбанистичко-плански документации, ахитектонско-урбанистички проекти и проекти за инфраструктура, започнати до денот на отпочнување на примена на овој закон (1 мај 2015 година) ќе продолжат согласно одредбите на законот по кој се започнати.

Имајќи го во предвид наведеното, произлегува дека постапките за донесување на урбанистички план започнати пред 1-ви мај 2015 година ќе продолжат според законот по кој се започнати односно, во случајов за конкретниов предмет, по претходно важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005….42/2014)

Од увидот во списите по предметот произлегува дека во Програмите за изработка на урбанистички планови во Општина Тетово, за 2014 и 2015 година не било предвидено донесување на измена и дополнување на ДУП за УБ 34.

Советот на Општина Тетово на седница од 29.12.2015 година врз основа на одредби од актуелниот Закон за просторно и урбанистичко планирање (член 20), ја донел Програмата за изработка на урбанистички планови на Општина Тетово за 2016 година, каде под точка 34 е предвидено изработка на ДУП за УБ 34 во Тетово, површина 3.03 ха, со намена домување.

Со оглед дека во програмите од 2014 и 2015 година немало планирано изработка на урбанистички план за УБ 34, пред донесување на Програмата за 2016 година,Градоначалникот на Општина Тетово донел посебно Решение бр.10-1717/3 од 30.04.2015 година, со кое го уважил барањето на Исмаили Бурим од с. Џепчиште, за отпочнување на постапка за изработка на ДУП за УБ 34, Општина Тетово, согласно точка „Ѓ“ на Програмата за изработка на урбанистички планови на Општина Тетово за 2014 година. Барањето на Исмаили Бурим до Општината е поднесено на 30.04.2015 година и на тој датум е донесено наведеното решение.

Имено,поради тоа што во програмите за 2014 и 2015, не било децидно предвидено донесувањето на предметниот план, Градоначалникот со Решението од 30.04.2015 година за отпочнување на постапката, се повикал на општата одредба од точката „Ѓ“ од Програмата за 2014 година според која: „Општината Тетово ќе нарача да се изработуваат и други урбанистички планови освен горенаведените, доколку изработката на тие планови е во интерес на Општината Тетово и во интерес на граѓаните на Општина Тетово. Финансирањето на изработката на планот ќе биде од физички и правни лица и Буџетот на Општина Тетово“.

Во Решението за отпочнување на постапката по повод барањето на наведеното лице, е наведено дека во случајов, трошоците за изработка на предметниот план и постапката на донесување на планот, ја финансира барателот.

На 30.04.2015 година започнала постапката со поднесување на барањето од лицето Исмаили Бурим и со донесување на Решението на Градоначалникот на Општина Тетово, а од април 2015 година датира и Планската програма за изработка на измена и дополна на ДУП за УБ 34, Општина Тетово.

Во постапката биле применувани одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 ………42/2014) кој важел во време на започнување на постапката со оглед на тоа што новиот закон влегол во примена на 1 мај 2015 година, а поднесеното барање на странката и Решението на градоначалникот датираат од 30 април 2015 година.

Од списите по предметот се гледа дека била извршена Стручна ревизија на измените и дополнувањата на ДУП за УБ 34, и бил изготвен Извештај Р-06/2015 од 12.06.2015 година од „ПРО-ИНЖЕЊЕРИНГ“ Тетово, а потоа на тој Извештај е даден одговор од изготвувачот на планот „Теплан“ – Тетово, во јуни 2015 година.

Советот на Општина Тетово, донело Одлука бр.08-3262/9 од 28.07.2015 година за утврдување на Нацртот за измена и дополнување на ДУП за УБ 34, Општина Тетово, за плански период 2015 – 2020, тех.бр.11/15, површина 3.07 ха.

Од списите во предметот се гледа хронологијата на актите и дејствијата на спроведената постапка, и тоа:

– Барање на лицето Исмаили Бурим од 30.04.2015 година, за започнување на постапка за донесување на предметниот план,
– Решение на Градоначалникот на Општината за започнување на постапката, од 30.04.2015 година,
– Планска програма за изработка на измена и дополна на ДУП за УБ 34, од април 2015 година,
– Извештај од Стручна ревизија извршена од „Про инжењеринг“ – Тетово, од 12.06.2015 година и одговор од изготвувачот на планот „Теплан“ – Тетово, од јуни 2015 година,
– Одлука на Советот на Општина Тетово за утврдување на Нацрт-планот, бр.08-3262/9 од 28.07.2015 година,
– Решение на Градоначалникот на Општина Тетово, за формирање Комисија за изготвувње на извештај за спроведена јавна презентација и јавна анкета, бр.10-1717/12 од 31.08.2015 година,
– Одлука на Градоначалникот на Општина Тетово, за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот, бр.10-1717/11 од 31.08.2015 година,
– Соопштение на Градоначалникот на Општина Тетово, за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот, бр.10-1717/13 од 31.08.2015 година.

Понатаму, во постапката не е спорно дека Соопштението за спроведување на јавна презентација и јавна анкета било објавено во јавни гласила „Нова Македонија„ и „Коха“, како и на веб – страницата на Општината. Во Соопштението е наведено дека јавната презентација ќе се одржи на 07.09.2015 година во 10 часот во Општината Тетово, а јавната анкета ќе трае во време од 10 работни дена за период од 3.09.2015 до 17.09.2015 година. Граѓаните ќе можат на анкетни листови да доставуваат писмени забелешки на нацрт-планот, преку архивата на Општината.

Од Записникот бр.10-109/2 од 13.01.2016 година, за спроведена јавна анкета се гледа дека соопштението било уредно објавено, биле поднесени 20 анкетни листови кои тричлената комисија ги разгледала и се произнела со прифаќање на приговороите од 3 анкетни листови, а за останатите со неприфаќање на приговорите, меѓу кои бил и анкетниот лист на Катица Стефаноска и Горан Наумовски од Тетово, кои се подносители на иницијативата пред овој суд.

Од Записникот бр.10-109/3 од 13.01.2016 година за јавната презентација, се гледа дека тричлената комисија констатирала дека на определениот ден 7.09.2015 година во 10 часот во просториите на Општината Тетово, не присуствувале заинтересирани странки и немало писмени или усни забелешки од граѓаните кои биле опфатени во планската документација и правни лица кои биле уредно поканети.

По спроведената постапка која е погоре наведена, Општината Тетово, преку својот Сектор за урбанизам, поднело барање за согласност за донесување на планот, бр.10-109/8 од 16.02.2016 година до Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот – Скопје.

Министерството за транспорт и врски по повод тоа барање со свој акт бр.24-2543/2 од 9.03.2016 година, дало произнесување и се произнело со неиздавање на согласност по предлог-планот кој бил доставен од Општината Тетово и ја вратило документацијата со укажувања наведени во актот.

Од списите се гледа дека пред наведеното барање, Општината Тетово имала поднесено и претходно барање за согласност бр.10-109/6 од 15.01.2016 година, по кое не била дадена согласност од надлежното Министерство со акт бр.24-786/2 од 26.01.2016 година и документацијата била вратена со укажувања.

Меѓутоа факт е дека со последниот акт за неиздавање согласност, од 09.03.2016 година, Министерството не издало согласност, ја вратило документацијата на Општината и изнело забелешки за содржината на планираниот простор, а во однос на спроведуваната постапката од Општината, недвосмислено дало забелешки од аспект на одредбите на претходно важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 ………….. 42/2014), што укажува дека од целокупната документација, за Министерството не е спорно дека водената постапка за донесување на предметниот план фактички била со примена на одредбите од тој Закон кој важел во време на започнување на постапката, па оттука и неговото произнесување кое воедно не било во електронска форма било во согласност со тој закон. Со оглед на тоа, и овој дел од постапката кој се однесува на произнесување на Министерството за согласноста по предлог планот, не излегол од рамките на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија„ бр.51/2005….42/2014), кој важел во време на започнување на постапката.

Понатаму од Записникот од 35-та седница на Советот на Општина Тетово одржана на 28.04. 2016 година, како 23-та точка била Предлог-одлуката за усвојување на измена и дополнување на ДУП за УБ 34, за плански опфат 3.07 ха-Општина Тетово и предлогот бил усвоен со 17 гласа „за„ „ 6„ гласа против и ниту еден воздржан.

Врз основа на погоре изнесената фактичка состојба и хронолошко делување во постапката за донесување на предметниот план, Советот на Општина Тетово, донело Одлука бр.08-5221/40 од 28.04.2016 година за усвојување на измената и дополнувањето на ДУП за УБ 34, за плански период 2015 – 2020, со плански опфат 3.07 ха – Општина Тетово, изработена од ДОО – „Теплан“ – Тетово, со тех.бр.11/15.

Одлуката била објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.38/2016 од 09.05.2016 година.

6. Во текот на претходната постапка на Судот, заради утврдување на правната и фактичката состојба, на директно писмено барање на Судот во врска со предметот, Министерството за транспорт и врски со свое Известување бр.24-11990/2 од 21.12.2017 година, даде одговор дека тоа Министерство со акт бр.24-2543/2 од 09.03.2016 година не издало согласност и ја вратило документацијата на Општината Тетово. Постапката за донесување на предметниот план фактички била водена врз основа на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), па соодветно на тоа Министерството не го изготвило и доставило на Општината своето произнесување за несогласноста по пат на информатичкиот систем е-урбанизам, како што предвидувал новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање.

7. Постапката за донесувањето на предметниот план донесен со оспорената одлука е водена со примена на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013).

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co членот 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање и тоа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место).

Според член 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 5 од членот 21 од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 на овој закон е определено:

(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон.
(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.
(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(8) Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
(10) Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според членот 25 став 2 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од членот 25 од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од наведениот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница на советот, а советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Според ставот 7 од овој член од Законот, Советот на општината,општината на градот Скопје и градот Скопје може да го донесе, односно да не го донесе предлогот на планот доколку смета дека истиот не е изработен согласно со законските прописи во кој случај е должен да донесе одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлогот не е донесен.

8. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, кое во својата суштина ја содржи правната сигурност на граѓаните во правниот поредок, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во конкретниот случај, од презентираната фактичка состојба, утврдена врз основа на доставената писмена документација, произлегува дека доносителот на оспорениот акт ги спровел фазите во постапката за донесувањето на предметниот детален урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, меѓутоа, предметниот план со оспорената одлука го донел, спротивно на одредбите од членот 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.Ова поради тоа што надлежното министерство се произнело со неиздавање на согласност на предлог планот и оспорената одлука е донесена без согласност, кое прашање во постапката е уредено со одредбите од членот 25 од Законот.

Имајќи ја во предвид изнесената норма од Уставот како и погоре изнесената фактичка и правна состојба, Судот утврди дека за оспорената одлука основано може да се постави прашањето за согласноста со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот и прашањето за согласноста со членот 25 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 125/2010, 18/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), поради фактот што за донесување на планот не е издадена согласност од надлежниот орган од причини што биле утврдени недостатоци и забелешки во врска со планираниот простор на предметниот план.

Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одлука не ги исполнила стандардите и нормативите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, имајќи ја во предвид определбата од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, а не и за согласноста на одлуките на органите на локалната самоуправа со подзаконските прописи, се утврди дека Судот не е надлежен да одлучува од аспект на овој навод во иницијативата. Судот исто така не се впушта во оценка на планираните содржини во урбанистичките планови, туку ја оценува законитоста на постапката за донесување на планот согласно законот кој важел во време на започнување на таа постапка.

Имајќи го во предвид сето погоре изнесено, како и по повод барањето во иницијативата за донесување на решение за времена мерка, Судот оцени дека до конечното одлучување треба да се донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992).

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.117/2017
14 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски