У.бр.114/2023, У.бр.115/2023, У.бр.117/2023, У.бр.118/2023, У.бр.123/2023, У.бр.126/2023, У.бр.127/2023, У.бр.130/2023, У.бр.133/2023, У.бр.134/2023, У.бр.137/2023, У.бр.141/2023, У.бр.160/2023, У.бр.188/2023 и У.бр.194/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.114/2023, У.бр.115/2023
У.бр.117/2023, У.бр.118/2023
У.бр.123/2023, У.бр.126/2023
У.бр.127/2023, У.бр.130/2023
У.бр.133/2023, У.бр.134/2023
У.бр.137/2023, У.бр.141/2023
У.бр.160/2023, У.бр.188/2023
У.бр.194/2023
Скопје,10.01.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 јануари 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) во целина и посебно на членовите 1, 2, 3, 4 и 5 и на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).

Образложение

I

До Уставниот суд на Република Северна Македонија беа поднесени петнаесет одделни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законите означени во диспозитивот на ова решение. По повод поднесените иницијативи, Судот спроведе единствена постапка согласно член 21 од Деловникот.

Со иницијативата поднесена oд Владо Костовски, адвокат од Охрид, се оспорува член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи од причини што со наведените измени на Законот се ставааат во нееднаква положба странките во облигационите односи, односно се врши дискриминација на доверителите како учесници во извршната постапка, на начин што должниците се ставаат во привилегирана состојба со што директно се повредува член 9, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.

Од аспект на исклучокот што го предвидува член 52 став 4 од Уставот со кој е предвидено дека повратното дејство е можно во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, подносителот на иницијативата смета дека во конкретниот случај оспореното законско решение е поповолно само за должниците, но не и за доверителите. Од тие причини се наведува дека оспорениот член 4 од Законот е во спротивност со член 9, член 50 став 2, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.

Подносителот Вангел Баракоски од Охрид во својата иницијатива наведува дека член 2 став 3 и член 4 од оспорениот закон не се во согласност со член 8, член 9 и член 52 став 4 од Уставот. Имено, од анализата на член 2 став 3 од Законот произлегува дека по изминувањето на периодот од 10 години како апсолутен рок на застареност, сметано од денот на поднесувањето на барањето за извршување, се гасат правата на доверителите за наплата на нивните побарувања во целост и со тоа должниците целосно се ослободени од секаква обврска што ја имаат спрема доверителите, така што ваквото законско решение има негативно влијание во однос на еднаквоста на страните во облигациониот однос. Со ваквото законско решение се прави повреда на член 9 од Уставот.

По однос на член 4 од Законот, подносителот смета дека со истиот се наметнува ретроактивно дејство во услови кога тоа е поповолно само за една одредена група на граѓани кои имаат статус на должник и со тоа се создава правна несигурност поради што истиот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

Никола Источки од Ресен во својата иницијатива го оспорува член 4 од оспорениот закон кој дозволува ретроактивна примена со тоа што предвидува дека започнатите постапки за наплата на побарувањето предвидени во член 2 ќе завршат во согласност со овој закон.

Според наводите во иницијативата, тоа значи дека сите постапки за извршување кои се во тек по поднесени барања за извршувања на доверителите до 20.07.2023 година со стапување во сила на овој закон се веќе застарени, а постапките по овие предмети треба да бидат запрени и сите трошоци направени во извршната постапка ќе паднат на товар на доверителите. Со ваквата одредба се дозволува ретроактивно важење на Законот, иако истиот е понеповолен за граѓаните, странките во извршната постапка се ставаат во нееднаква положба, се нарушува принципот на правната сигурност како еден од фундаменталните аспекти на владеењето на правото, а правната сигурност е суштинска при креирањето и одржувањето на довербата на граѓаните во системот на државата.

Со иницијативата поднесена од Петар Баришиќ од Скопје се оспорува член 1, член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, како и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување. Според наводите во иницијативата оспорените одредби се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 30 и член 55 став 3 од Уставот од причина што со нив се ограничува стекнување и уживање на имот по основ на казнена камата и со тоа се штитат должниците на терет на доверителите.

Со оспорениот член 2 од Законот, се штитат должниците против кои е во тек извршна постапка подолго од 10 години. Подносителот наведува дека наведеното законско решение го дерогира правниот систем и неприкосновеноста и извршноста на правосилните и извршни судски одлуки кои секогаш гласат на досудениот паричен износ со затезна и казнена камата сѐ до конечна исплата на долгот. Судски одлуки не смеат да се менуваат од законодавна власт. Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби доверителите се лишуваат од досудениот имот со што се повредува член 30 став 3 од Уставот. Член 4 од оспорениот закон, исто така, е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот од причина што со пропишувањето дека тековната наплата на побарувањата од член 2 ќе се спроведе според овој закон има ретроактивно дејство и истото е на штета на доверителите.

Со оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување се ограничува досудената камата дефинирана со извршна исправа. Со изменетото законско решение законодавната власт се меша во надлежноста на судската власт што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Со член 2 од Законот за извршување е пропишано дека основ за извршување претставува извршна исправа, а со член 12 став 1 точка 1 од истиот закон е пропишано дека извршна исправа е извршна судска одлука и судско порамнување. Судска одлука при наплата на долг секогаш гласи на рок на исполнување со затезна или казнена камата до конечна исплата на долг.

Адвокатската комора на Република Северна Македонија во поднесената иницијатива со која се оспорува целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи наведува дека со донесување на истиот се повредуваат принципите на современата демократија и хиерархијата на правните акти во системот на државното уредување. Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот закон се нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок кои ги штити Уставот, како резултат на ставање на една категорија граѓани во нееднаква и нерамноправна положба на сметка на други кои се привилегирани иако не ги почитувале своите законски обврски.

Имено, подносителот наведува дека оспорениот закон е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 11, член 9, член 30, член 51, член 52, член 54 и член 55 од Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот закон се воведува нееднаквост меѓу граѓаните затоа што се работи за постапки и рокови преку кои по разни основи некои од граѓаните ќе бидат доведени во поповолна позиција во однос на другите бидејќи нивните обврски ќе престанат (должници), но затоа друга група на граѓани ќе останат без своите побарувања (доверители). Според иницијативата, ова е пример на очигледна дискриминација бидејќи од една страна државата одредува лимит во извршувањето на побарувањето кој е директна пречка за реализација на побарувањето, но од друга страна преку законско решение отвора можност побарувањето на доверителот да застари по протек од десет години.

Со оспореното законско решение, исто така, се повредува и член 30 од Уставот, односно правото на сопственост од причина што со истото се одзема сопственоста на доверителите, со што се воведува правна несигурност што предизвикува колапс на правната држава.

Оспорениот закон е во спротивност и со член 52 став 4 од Уставот од причина што истиот има повратно дејство и истиот е во полза само на должниците, а на штета на доверителите. Оттука, овој закон е очигледна повреда на минималниот период на vacatio legis од 8 дена од објавувањето во „Службен весник“ бидејќи сосема е нејасно кои се тие исклучително оправдани причини поради кои Собранието утврдува измените да влезат во сила веднаш. Со измените на овој закон се создава правен вакуум бидејќи поради повратното дејство голем број на правосилни и извршни пресуди нема да можат да се извршат од причина што скратувањето на рокот за застареност од 10 на 5 години за правосилните судски пресуди ќе придонесе голем број на пресуди според кои на должниците им се дало можност за доброволно исполнување да ја загубат можноста за правна заштита. Имено, со овие измени се запира извршувањето за извршните предмети за кои поминал рокот од 10 години.

Со оспорениот закон се обезвреднуваат уставните гаранции за слобода на пазарот и претприемништвото и за еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Имено, смислата и значењето на казнената камата која се пресметува за парични обврски е да биде казна или санкција за должниците кои не ги плаќаат навремено своите долгови.

Комората на извршители на Република Северна Македонија во својата иницијатива ги оспорува член 2 став 3, член 4 и член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи од причина што смета дека со истиот се прави дискриминација меѓу должниците и доверителите. Доколку целта на законодавецот е да заштити одредена категорија на граѓани според социјалното потекло, имотната или општествената положба, подносителот смета дека тоа не треба да биде преку Законот за облигационите односи. Имено, овој закон треба да важи подеднакво за сите.

Во иницијативата, исто така, се наведуваат истите причини за оспорување како и во иницијативата на Адвокатската комора, и оспорениот закон се оспорува vis-a-vis истите уставни норми како во таа иницијатива.

Во иницијативата на ЕВН Македонија и други, се наведува дека оспорениот закон претставува директна дискриминација и ставање во крајно неповолна положба на доверителите. Подносителите на оваа иницијатива, не по своја вина, туку поради запазување на социјалниот момент и интересот на потрошувачите, односно поради спогодби склучени со должниците за враќање на утврдените долгови на рати, бројни свои побарувања поради истек на сега утврдениот рок од 5 години не можат да поведат постапка за присилно извршување, односно мора книговодствено да ги отпишат своите побарувања.

Со оспорениот закон поповолноста на граѓаните како услов и претпоставка за можноста за ретроактивно дејство на законските измени, законодавецот во никој случај не може да ја цени еднострано и парцијално, односно во интерес само и исклучиво на една категорија граѓани и учесници во облигационите односи. Исто така, со оспорениот закон е сторена повреда на минималниот период на vacation legis од 8 дена, поради што не е јасно од кои причини Собранието утврдува овие измени да влезат веднаш во сила.

Во иницијативата на Ѓорѓи Андов од Куманово се оспорува Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, како и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, исто така, поради нивна несогласност со член 30, член 52 став 4 и член 54 став 3 од Уставот.

ЕВН Македонија и други го оспоруваат Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи како неуставен и спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7, член 9, член 30, член 51, член 52 став 4 и член 55 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека смислата на значењето на казнената камата која се пресметува за доспеани, а неплатени парични обврски се прикажува преку нејзините три основни функции: пенална, како санкција за должниците кои не ги плаќаат навреме своите долгови; економска, како своевиден материјален надоместок за имотната штета и превентивна, која ги стимулира должниците навремено да ја извршат својата парична обврска. Оттука, постоењето на казнената камата е целосно економски и правно оправдано.

Со ограничувањето на казнената камата државата го стимулира најлошиот тип на должници кои свесно не ги плаќаат своите парични долгови навремено.

Со воведување на институтот на застареност на долгови кои се предмет на извршна постапка се врши директна дискриминација и ставање во крајно неповолна положба на доверителите.

Повратното дејство на Законот е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот, од причина што условот за поповолно влијание на Законот за граѓаните со кое би се оправдало ретроактивното дејство на законските измени не е исполнет.

Со оспорениот закон е сторена повреда на минималниот период на vacatio legis од 8 дена, поради што не е јасно од кои причини Собранието утврдува овие измени да влезат веднаш во сила.

Со иницијативата на Синиша Станковиќ од Куманово се оспоруваат членовите 1, 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи поради нивна несогласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7 и 11 од Уставот. Имено, во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби законодавецот одредена група на граѓани ја казнува, а друга група ја наградува, со што граѓаните ги доведува во нееднаква положба спротивно на член 9 од Уставот. На овој начин, законодавецот ја штити категоријата должници.

Со оспорениот член 4 од Законот законодавецот создава хаос во поглед на владеењето на правото кога дозволува повратно дејство на Законот кое е на штета и не е поповолно за граѓаните, со што се повредува член 52 став 4 од Уставот.

Според наводите во иницијативата со оспорените членови од Законот се повредува и член 54 од Уставот од причина што со истите се ограничува правото на сопственост на доверителите, односно им се одземаат нивните права стекнати врз основа на закон.

Во иницијативата поднесена од Јаким Илиев од Кочани се оспоруваат член 2 став 3, член 4 и член 5 од Законот со образложение дека со истите се повредува член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот. Имено, според наводите во иницијативата со оспорените одредби не е предвидена постапка во која извршителот ќе утврдува застареност на правосилна судска одлука или одлука на друг орган или порамнување постигнато пред суд. Исто така, во Законот не е предвидено право на заштита или на правен лек против одлуката на извршителот, со што нема владеење на правото и сопственоста, односно не е заштитено правото на сопственост. Понатаму во иницијативата се наведува дека Законот има повратно дејство кое не е поповолно за граѓаните поради што се повредува член 52 став 4 од Уставот.

Со член 5 од оспорениот закон се повредува член 52 став 3 од Уставот од причина што во конкретниот случај исклучокот предвиден во цитираната уставна норма не може да се примени со оглед на потребата од доволно време да можат извршителите да се запознаат со содржината на Законот. Од овие причини подносителот на иницијативата смета дека vacatio legis треба да е седум дена.

Македонската банкарска асоцијација во поднесената иницијатива ги оспорува член 2 став 3 и член 4 од Законот наведувајќи дека истите се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 6, член 30 и член 55 од Уставот, односно член 4 е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека Европскиот суд за човекови права во својата практика ја нагласува позитивната обврска на државата во граѓански контекст да организира систем на извршување на судските пресуди што е ефективен и нормативно и во практиката да обезбеди извршувањето да се спроведе без непотребно одлагање. ЕСЧП изрази став дека за целите на член 6 од Европската конвенција извршувањето на судска одлука мора да се смета за интегрален дел на судењето. ЕСЧП паричното побарување утврдено со правосилна судска пресуда во својата пракса секогаш го смета за имот во смисла на член 1 од Протоколот 1 и нагласува дека државата има обврска во рамките на член 1 од Протоколот 1 да му обезбеди на доверителот неопходна асистенција во извршувањето на побарувањето утврдено со судска одлука и конкретно ги наведува случаите кои се воделе пред судот (Kotov v.Russia, Аpp.no.54522/00 од 04.05.2006). Повредата на тој член и на член 6 од Конвенцијата настапува кога лица со јавни овластувања не ги вршат своите функции во постапката за извршување на ефективен начин на штета на доверителитe. Така, во предметот Fuklev v.Ukraine, App.no.71186/01, 07.06.2005,para.92, ЕСЧП утврдил повреда на правото на сопственост и на член 6 од Конвенцијата затоа што извршителите не постапиле соодветно во тек на 4 години за да ги пријават побарувањата на апликантот во стечајна постапка, а домашните судови не спровеле соодветна контрола на ситуацијата со одлагањето, со што создале постојана несигурност во однос на извршувањето на пресудите.

Законодавецот со оспорената одредба спречува да се изврши правосилната судска пресуда и доверителот да го наплати својот долг од должникот со што се повредува правото на сопственост на доверителите. Оттука, подносителот смета дека во правниот поредок не смее да има законска одредба со која ќе има рок за извршување на судска одлука со чие истекување би згаснало побарувањето утврдено во неа. Во тој контекст, донесувањето на оспорениот закон претставува преседан во правната историја на Република Северна Македонија со која се загрозува интегритетот на правниот поредок.

Подносителот на иницијативата смета дека самото поставување на рок за спроведување на извршувањето по поднесување на барање за извршување и ефектите од неговото истекување е во директна спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Според иницијативата, постапката за извршување на судската одлука заради наплата на побарувања, за да биде во согласност со Уставот мора да трае сѐ додека долгот не се наплати, односно дека таа не може да запре поради протек на време.

Во иницијативата се наведува дека во оспорениот закон воопшто не е утврден јавен интерес за одземањето на сопственоста како што бара член 30 став 3 од Уставот, за да истиот биде уставно непроблематичен. Имено, заштитата на интересите на едната во однос на другата страна во еден облигационен однос никогаш не може да биде во јавен интерес. Oттука, ефективното одземање на сопственоста од доверителите како последица на оспорената одредба на член 2 став 3 од Законот не може да се оправда од перспектива на член 30 став 3 од Уставот.

Оспорениот член 4 од Законот, исто така, е во спротивност со член 52 став 4 oд Уставот, од причина што истиот има повратно дејство кое не е поповолно за граѓаните. Имено, повратното дејство во овој случај се согледува во тоа што новиот рок за застареност на побарувањата од став 1 (5 години) ќе се примени на правни односи што се завршени пред влегувањето во сила на новиот закон затоа што со застареноста престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската, а доверителите тоа право веќе го искористиле пред влегувањето во сила на новиот рок за застареност.

По однос на одредбата што предвидува дека овој закон ќе се применува на сите започнати постапки за извршување пред влегување во сила на измените, без оглед на тоа што во време на поднесувањето на барањето за извршување вакво „застарување“ на постапката за извршување воопшто не постоеше, подносителот на иницијативата смета дека има повратно дејство и го загрозува принципот на владеењето на правото и правната сигурност. Токму тоа значи дека оспорената одредба на член 4 од Законот не е во согласност со уставната забрана на повратно дејство на законите. Имено, овој закон е поповолен само за должниците и од тие причини не може да се смета дека истиот е поповолен за граѓаните. Смислата на уставната одредба за дозволениот исклучок на повратното дејство на законите е во постоењето на генерална поволност за граѓаните во однос на исполнувањето на законски услови за остварување на лични, статусни, имотни или други права, а не за стекнување на поповолна положба на една во однос на друга страна, на нивна штета.

Од наведените причини во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 став 3 и член 4 од оспорениот закон.

Во иницијативата поднесена од Трајче Торов од Штип се наведува дека оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи е спротивен на член 30 ставови 1, 3 и 4 и член 8 став 1 алинеи 6 и 7 од Уставот. Имено, во иницијативата се упатува на пресуда на Европскиот суд за човекови права Бочварска против Македонија А.бр.27865/02 од 17.09.2009 година во која е пресудено дека извршното побарување се смета за сопственост согласно целите на чл.1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Оттука, според иницијативата, побарувањата се сопственичко право и државата не смее да ја намалува таа сопственост без пазарен надомест. Државата има право и може да ја национализира каматата на сопствениците на средствата по став 4 од член 30 од Уставот, но под услов кој ја гарантира сопственоста, т.е. мора да даде паричен надомест, кој не смее да е под пазарната вредност.

Член 2 став 1 точка 1 и член 5 од оспорениот закон се спротивни на член 52 став 4 од Уставот затоа што имаат повратно дејство дури и на извршни пресуди кои се пресудени и станале извршни пред овој закон, а истиот е поповолен само за должниците. Со оспорените законски решенија се одзема, односно национализира извршното побарување на доверителите кои не поднеле барање за извршување до денот на донесување на Законот, а оние кои станале извршни го имале тоа право до 10 години, без да им се даде пазарен надомест за побарувањата. Според иницијативата правото на сопственост не застарува поради што не може да се одредува рок за застарување на овие побарувања.

Оспорените норми, исто така, според наводите во иницијативата, создаваат правна несигурност и нарушување на ефикасноста на судскиот систем со обезвреднување на извршувањето на судската пресуда и се спротивни на член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6 и 7 од Уставот.

Љупчо Наумоски од Охрид, со поднесената иницијатива го оспорува член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи од истите причини како во претходно наведените иницијативи.

Со иницијативата поднесена од Друштвото за производство, инженеринг и трговија „Хидротерма“ – дооел, увоз-извоз Куманово, се оспорува член 2 став 3 од Законот од причина што истиот е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 и член 55 од Уставот.

Според наводите во иницијативата оневозможувањето на извршувањето кое се однесува на побарувањата спрема јавните претпријатија значи нерамноправност на учесниците во облигационо-правниот однос и можност за застарување за десет години од поднесеното барање за извршување. Ваквото законско решение има негативно влијание и врз идни побарувања спрема јавните претпријатија. Со внесување на ваквата законска одредба се поткопуваат основните начела како што се владеењето на правото и правната држава, принципот на правната сигурност и правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото. Од овие причини со иницијативата се предлага оспорениот член 2 став 3 од Законот да се укине.

II

На седницата Судот утврди дека оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи содржи 5 (пет) члена. Во член 1 од истиот се предвидува дека во Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/13 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 215/21), во член 266-а по став (7) се додава нов став (8), кој гласи „(8) Кога износот на достасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“.

Со член 2 од оспорениот закон, член 368 се менува и гласи:
(1) Сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за пет години, од моментот на нивната извршност, како и побарувањата за кои во согласност со законот се предвидува пократок рок за застареност.
(2) Сите повремени побарувања, коишто произлегуваат од одлуки или порамнувања предвидени во ставот (1) на овој член и достасуваат во иднина, застаруваат во рокот предвиден за застареност на повремените побарувања.
(3) Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.

Според член 3 од Законот, во Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 215/21), член 2 се менува и гласи:
(1) Одредбата од членот 1 од овој закон со кој се додава нов член 389-а се применува и за неплатената камата од 1 јануари по годината во која стапката на инфлацијата била до 50% на годишно ниво.
(2) Одредбата од членот 1 од овој закон со кој се додава нов член 389-а не се применува од 1 јануари по годината во која стапката на инфлацијата била над 50% на годишно ниво.
(3) Стапката на инфлација од ставовите (1) и (2) на овој член претставува просечна годишна стапка на промена на индексот на трошоци на живот за соодветната календарска година, пресметана од страна на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија и објавeна на нивната веб-страница.

Во член 4 од Законот се предвидува дека започнатите постапки за наплата на побарувања предвидени во член 2 од овој закон ќе завршат во согласност со овој закон.

Член 5 од Законот предвидува дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување предвидува дека во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 14/2020), во член 18 став (1) точката на крајот од реченицата се заменува со запирка и се додаваат зборовите „односно до моментот кога неисплатената камата ќе го достигне износот од главниот долг“.

III

Во член 1 став 1 од Уставот е предвидено дека Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственоста.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Според став 3 од истиот член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест, кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во член 52 став 4 од Уставот се предвидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 1 од Законот за облигационите односи со овој закон се уредуваат основите на облигационите односи, договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги.

Во глава III од Законот со наслов „Казнена камата“ со посебни одредби се уредува казнената камата. Така, со член 266 од Законот се предвидува:
(1) Должникот кој ќе задоцни со исполнувањето на парична обврска долгува, покрај главнината, и казнена камата.
(2) Стасаноста на обврската за плаќање на казнена камата се определува согласно со правилата на овој закон што се однесуваат на определувањето на времето на исполнување на обврските.
(3) Доколку стасаноста не може да се определи на овој начин, а станува збор за побарување од прометот на стоки и услуги меѓу трговци или трговци и лица на јавното право, обврската за плаќање на казнената камата стасува во еден од следниве денови, без потреба од доставување опомена: 30 дена од денот на приемот на фактурата или соодветното барање за исплата или – ако денот на приемот на фактурата или соодветното барање за исплата не може да се определи со сигурност, 30 дена по приемот на стоките или услугите или ако должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред приемот на стоките и услугите, 30 дена од приемот на стоките или услугите или ако со закон или договор е предвидена постапка за прием или потврдување со која се утврдува сообразноста на стоките или услугите, а должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на приемот или потврдувањето, 30 дена од денот на приемот, односно потврдувањето.

Според член 266-а од Законот е предвидено
(1) Стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
(2) Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
(3) Во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право може да се договори и повисока стапка од стапката на законската казнена камата што важела на денот на склучување на договорот (договорна казнена камата), но најмногу до 50 проценти повисока од утврдената законска казнена камата.
(4) Целосно или делумно е ништовна одредбата со која се договара стапка повисока од стапката на законската казнена камата ако од околностите на случајот, трговските обичаи или природата на предметот на обврската произлегува дека со вака договорената стапка на казнена камата, спротивно на начелата на совесност и чесност, еднаква вредност на заемните давања и справедливоста, како и на одредбите за лихварските договори, е предизвикан очигледен несразмер меѓу правата и обврските на договорните страни.
(5) При оценувањето дали одредбата за определување на висината на стапката на договорната казнена камата е ништовна, предвид ќе се земе и дали постоеле оправдани причини за отстапување од висината на стапката на законската казнена камата.
(6) Народната банка на Република Македонија е должна на секој 2 јануари и на секој 1 јули да ја објави референтната стапка на својата веб страница и истата се применува за тековните шест месеца (до крајот на полугодието).
(7) Како лица на јавното право, во смисла на овој закон, се сметаат лицата кои се обврзани да постапуваат според постапката за јавни набавки, освен трговците.
(8) Кога износот на достасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.

Ставот 8 на цитираниот член 266-а од Законот е додаден со сега оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи. Со наводите содржани во поднесените иницијативи се оспорува член 1 од овој закон од аспект на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот, односно дека со него се повредува правото на сопственост на доверителите од облигационо-правниот однос.

Согласно член 1 од оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за извршување во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/16, 142/16 и 233/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 14/20), во член 18 став (1) точката на крајот од реченицата се заменува со запирка и се додаваат зборовите „односно до моментот кога неисплатената камата ќе го достигне износот на главниот долг.“

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби во корелација со наводите содржани во иницијативите Судот оцени дека истите се неосновани од следните причини:

Со наведените законски одредби законодавецот предвидел дека кој ќе задоцни со исполнувањето на паричната обврска, долгува покрај главниот долг и казнена камата во висина утврдена со закон. Доверителот има право на казнена камата без оглед дали претрпел штета поради должниковото доцнење. Каматата всушност претставува цена која се плаќа за употребата на пари или за други заменливи предмети без тие да му се ставени некому на располагање. Казнената камата по својата суштина има и пенален карактер и истата претставува казна за неуредниот должник, а истовремено и средство на притисок обврската да се изврши навремено. Обврската за плаќање на затезната, односно казнената камата и истовремено определувањето на нејзината височина се определува со закон, како санкција за ненавремено исполнување на обврската.

Законското уредување на казнената камата укажува на тоа дека долгувањето на казнената камата на должникот е поврзано со две околности. Првата е должникот да паднел во задоцнување со исполнување на главниот долг, а втората е, задоцнувањето да се однесува на исполнување на парични обврски. Оттука произлегува дека задоцнувањето со исполнувањето на главната обврска не е доволно само по себе да го обврзе должникот на плаќање и на казнена камата, туку за тоа е потребно уште и задоцнувањето да се однесува на парична обврска. Исто така, казнената камата, гледана како парична казна, а со тоа и како споредна обврска на должникот да се плати на доверителот, постои секогаш (без исклучок), кога должникот ќе задоцни со враќање на главниот долг. Имено, казнената камата како акцесорна обврска на должникот, настанува по сила на законот и за плаќањето на казнената камата не е потребно ништо друго освен задоцнување на должникот од конкретниот облигационен однос.

Со оспореното законско решение се предвидува горниот праг за наплата на казнената камата на износот на доспеана, а ненаплатена главница и притоа законодавецот предвидува дека износот на неисплатената казнена камата престанува да тече кога ќе го достигне износот на главниот долг, со што институтот казнена камата опстојува и понатаму.

Од наведеното, јасно произлегува дека не може да се прифати тврдењето во иницијативите дека со ограничувањето на висината на казнената камата до висината на износот на главниот долг се повредува правото на сопственост на доверителите, од причина што истите не се стекнале со правото на сопственост на идна и неизвесна ствар, а дотолку повеќе што со оспорениот член од Законот не го губат правото на казнена камата, само се ограничува висината на износот на казнената камата што е право на законодавецот да го уреди.

Ценејќи го оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување дали истиот е во спротивност со темелната вредност на уставниот поредок на правната заштита на сопственоста предвидена во член 8 став 1 алинеја 6 и правото на сопственост предвидено во член 30 од Уставот, како и правото на еднаквост пред Законот и дали истиот е доволно јасен да ги исполнува критериумите од член 1 од Уставот во кој Република Северна Македонија, меѓу другото, е одредена како социјална држава, Судот оцени дека каматата не е само правен институт, туку и инструмент на монетарна и социјална политика во која законодавецот има широко дискреционо право, односно овластување. Имено, без социјална правда системот би бил загрозен во својата основа и би се претворил во својата сопствена спротивност.

Оттука, правата и овластувањата подобро ќе се вршат исклучиво со почитување на принципите на социјалната правда. Уставниот принцип на социјалната правда значи еднакви права и еднакви можности за реализација на тие права. Принципот на социјалната правда бара од законодавецот при нормативното уредување на правата да предвиди најлесен пристап до правата со цел постигнување на баланс, рамнотежа на побарувањата од двете страни во правните односи. Токму во таа насока, според Судот, е заложбата на законодавецот при нормативното уредување со оспорените одредби да спречи и постоење на економска експлоатација на должниците во облигационо-правните односи. При нормирањето на оспорените одредби на член 1 од двата закони законодавецот го има во вид постоењето на т.н. duplum (двојна количина) правилото кoe се заснова на размислувањето на јавната политика за заштита на должникот од финансиска експлоатација од страна на доверителите.

Со цел воспоставување и одржување на правичен однос помеѓу учесниците во облигационо-правниот однос законодавецот покрај забраната ultra alterum tantum на располагање има и други инструменти, како што се висината на каматната стапка, валоризација на паричните обврски, право на целосен надомест на штета и др. Имено, анализирајќи го самото правило ne ultra alterum tantum, истото како институт не е противуставно бидејќи не влијае на износот на главнината, ниту на облигацијата за плаќање камата, туку единствено го ограничува износот на доспеаната камата. Меѓутоа, доколку доверителот претрпел штета поради задоцнувањето на должникот, којашто е поголема од сумата што би се добила со казнена камата, тогаш доверителот има право да ја бара разликата до целосен надомест. Така, со определувањето на забраната за наплата ultra alterum tantum за казнена камата, според Судот, законодавецот не го попречува правото на приватна сопственост.

Имено, според наоѓањето на Судот, основна задача на законодавецот е да одреди начин и правила со кои се остваруваат должниковите парични обврски и истовремено заштита на паричната обврска на должникот со цел да се постигне рамнотежа во односите. Правилото за забрана ultra alterum tantum има за последица да во моментот кога износот на казнената камата ќе го достигне главниот долг, истата ја губи функцијата што ја има институтот казнена камата. Имено, со укинувањето забрана ultra alterum tantum за текот на казнената камата не се засега во стекнатите права, ниту пак се нарушува начелото на легитимни очекувања поради што Судот оцени дека оспореното законско решение е во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

Во насока на забраната на ultra alterum tantum е и ставот на Европскиот суд на правдата изразен во предметот C-256/15 од 15 декември 2016 година, Драго Немец против Република Словенија. Имено, во оваа пресуда Европскиот суд утврдил дека правилото на забрана ultra alterum tantum нема ефект на ограничување на износот на казнената камата на начин што ќе ја поништи суштината на правото на доверителот да бара исплата на камата во случај на неисполнување, ниту пак ја одзема казнената камата на која било функција во однос на должникот.

По однос на наводите во иницијативите дека oспорениот член од Законот создава нееднаквост, односно учесниците во постапката се ставени во нерамноправна положба така што должниците се наоѓаат во попривилeгирана положба во однос на доверителите, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, се однесува на сите субјекти на пазарот, без исклучок, односно без оглед на фактот во какво својство се наоѓаат истите во секојдневните облигационо-правни односи – дали во улога на доверител или должник. Оттука, според Судот, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека со оспорениот член 1 од двата оспорени закони, должникот се доведува во попривилегирана положба во однос на доверителот. Имено, според содржината на оспорениот член, истиот не дефинира за кого се однесува, туку напротив одредбата е јасна, децидна и прецизна од која произлегува дека истата се однесува на сите субјекти на пазарот, подеднакво, со што Републиката обезбедува еднаква правна положба, во согласност со член 55 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, со член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Уредувањето во член 55 став 2 од Уставот, има за цел да ја обврзе Републиката, еднаквата правна положба на субјектите на пазарот да ја обезбеди преку утврдување на такви услови за одвивање на меѓусебните односи на субјектите на пазарот, како и нивните односи со државата, кои ќе бидат еднакви за сите субјекти на пазарот, а не тие субјекти да ги изедначи со оглед на посебните уредувања во рамките на односите во кои стапуваат. Тоа значи дека во сферата на должничко-доверителските односи уставното начело за еднаквоста на субјектите на пазарот ја обврзува Републиката при законското уредување на тие односи да пропише еднакви услови за одвивање на тој однос кои еднакво ќе се однесуваат на сите доверители во деловите што се однесуваат на доверителите односно еднакво ќе се однесуваат на сите должници во деловите што се однесуваат на должниците.

Согласно наведеното, Судот имаше во вид дека во конкретниот случај станува збор за законска, казнена камата која настанува по сила на Законот и истата постои без исклучок кога должникот ќе задоцни со враќањето на главниот долг. Во секој правен однос законски се уредени еднакви услови за одвивање на односите, така што со оспореното решение во првите членови на оспорените закони, не се поттикнува монополско однесување од страна на законодавецот, ниту се доведуваат во дискриминирачки и нееднаков однос субјектите кои во соодветните односи се јавуваат како должници, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 55 став 2 од Уставот.

Оспорениот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, со кој се менува член 368 од Законот за облигационите односи, предвидува дека:
(1) Сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за пет години, од моментот на нивната извршност, како и побарувањата за кои во согласност со законот се предвидува пократок рок за застареност.
(2) Сите повремени побарувања, коишто произлегуваат од одлуки или порамнувања предвидени во ставот (1) на овој член и достасуваат во иднина, застаруваат во рокот предвиден за застареност на повремените побарувања.
(3) Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.

Подносителите на иницијативите сметаат дека самото поставување на рок за спроведување на извршувањето по поднесување на барање за извршување и ефектите од неговото истекување е во директна спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Оттука, постапката за извршување на судската одлука заради наплата на побарувања, за да биде во согласност со Уставот мора да трае сѐ додека долгот не се наплати, односно дека таа не може да запре поради протек на време.

Од анализата на цитираниот член 2 од оспорениот закон vis-a-vis уставните норми на кои се упатува во иницијативите, Судот оцени дека наводите во иницијативите за несогласност на член 2 од Законот со уставните норми, се неосновани.

Имено, владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот подразбира егзистирање на јасни, прецизни и недвосмислени норми со цел обезбедување на правна сигурност на граѓаните во Република Северна Македонија. Оттука, за реализација на уставниот принцип на владеењето на правото неопходно е во правниот систем да постои сигурност и обврска дека правосилната судска одлука, која е извршна исправа и основ за извршување, ќе биде извршена онака како е дефинирана без можност за измени.

Според член 13 од Законот за судовите, судските одлуки се изрекуваат во името на граѓаните на Република Северна Македонија. Правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство. Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон. Судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема правна сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган. Секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции.

Во член 16 од Законот за судовите е предвидено дека извршувањето на правосилна и извршна судска одлука се спроведува на најбрз и најефикасен можен начин, и тоа не може да биде попречено со одлука на кој било друг државен орган.

Во член 12 од Законот за извршување децидно е наведено кои исправи имаат карактер на извршни исправи. Така, според овој член од Законот извршни исправи се: извршна судска одлука и судско порамнување; извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; извршна нотарска исправа; решение за издавање на нотарски платен налог и друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Извршната исправа е писмена исправа со определени карактеристики определени во Законот, врз основа на која може да се бара и спроведува присилно исполнување на побарувањето на обврската на едно лице спрема друго лице. Во извршната исправа треба да се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската.

Покрај принципот на владеењето на правото со оспорениот член од Законот се почитува и уставниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска од причина што не станува збор за мешање на законодавната во судската власт, што е во согласност со уставниот принцип предвиден во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Со оспорениот член 2 од Законот, според Судот, не се менува извршната исправа, содржината на извршниот наслов и сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука се предмет на извршување на сите постапки кои се започнати по влегување во сила на овој закон.

Имено, од содржината на оспорениот член 2 од Законот со кој во целост се менува член 368 од Законот за облигационите односи неспорно произлегува дека истиот уредува побарувања утврдени пред судот или пред друг надлежен орган. Истовремено, со овој член од Законот се утврдува и рокот на застареност кој со сега оспорената одредба е утврден на 5 години.

Рокот на застареноста претставува протек на определено време после кое определено право не може да се оствари присилно. Роковите на застареност од Законот за облигационите односи се делат на општи и специјални, пократки во кои застаруваат одделните побарувања. Општиот рок за застареност според Законот за облигационите односи изнесува 5 години.

Од анализата на содржината на оспорениот член 2 од Законот произлегува дека со истата е регулирано времето на застареност кога побарувањето е утврдено со извршна исправа. Во тој случај застареноста почнува да тече од денот кога истекол рокот за доброволно извршување на времето содржано во таа исправа. Овој рок на застареност се смета и применува и во случај кога обврската е утврдена со нотарски акт или приватна исправа заверена кај нотар.

Со утврдувањето на општиот рок на застареност од 5 години, според Судот, не се повредуваат уставните начела на кои се повикуваат подносителите на иницијативите од причина што утврдувањето на роковите за застареност е право и оценка на законодавецот. Практично законодавецот со оспорената материјална одредба воведува единствено, унифицирано уредување на општиот рок за застареност од 5 години кој до донесувањето на овој закон важеше за сите побарувања, освен за побарувањата од член 368 од Законот за облигационите односи. На тој начин е извршено поистоветување, односно воедначување на општиот рок за застареност од 5 години за сите побарувања.

Имено, анализирајќи ја во целина одредбата на член 2 од Законот, Судот оцени дека истата е јасна и прецизна и како таква ги уредува побарувањата утврдени пред судот или пред друг надлежен орган и истата како таква има дејство на новонастанатите правни ситуации, односно условите за нејзино извршување се однесуваат на правните ситуации настанати по влегување во сила на овој закон.

По однос на наводите во иницијативите дека со оспорениот член 2 и член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи се повредува правото на сопственост, односно дека со истите се уриваат сите гаранции на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, содржани во член 30 од Уставот, Судот оцени дека се неосновани. Имено, во иницијативите се тврди дека со оспорените законски одредби доаѓа до одземање или ограничување на сопственоста на доверителите во облигационо-правните односи со што се дестабилизира целиот правен систем. Меѓутоа, според Судот, неосновани се ваквите тврдења од причина што од содржината на оспорените членови 2 и 3 од Законот не може да се прифати дека со истите се повредува со Устав загарантираното право на сопственост.

Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот е правната заштита на сопственоста која влегува во економско-социјалните права и истата ја обезбедува социјалната и економската положба и сигурност на граѓаните. Оттука, со оваа одредба правото на сопственост го добива третманот на највисока правна заштита поради што Уставот на Република Северна Македонија го гарантира правото на сопственост, кое е етаблирано во член 30 од Уставот, кое претставува уставна рамка на правото на сопственост и истовремено претставува категорија која создава права и обврски.

Правото на сопственост во принцип е неприкосновено и правата што произлегуваат од него никој никому не може да ги одземе или ограничи. Од тој аспект легитимно право истовремено и обврска е на законодавецот со закон да го уреди остварувањето на правото на сопственост и начинот на неговото остварување, како едно од основните економски права кое се наоѓа на исто рамниште како и заштитата на слободите и правата на граѓаните.

Според Судот, токму од содржината на наведените членови од Законот произлегува дека правото на сопственост изразено преку побарувањата кои се утврдени со правосилна судска пресуда или со друг извршен наслов се заштитени и испочитувани на начин што законодавецот овозможува во покус рок истите да се извршат и да го остварат своето право на сопственост утврдено во извршната исправа. Имено, во оспорениот член 2 од Законот се уредува дека застареноста на правосилната судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, прекинува со поднесување на барање за извршување пред надлежен извршител. Меѓутоа, во истиот член законодавецот уредува дека по поднесување на барањето за извршување на одредена извршна исправа застареноста почнува да тече одново, а која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање.

Оттука, според Судот, со определување на рокот за извршување, како и определувањето на прекинот на застареноста, законодавецот не ги надминува своите со Устав определени ингеренции, од причина што легитимно право е на законодавецот да ги утврди причините за прекинување на застареноста, како и роковите во кои треба определена обврска да се исполни. Во таа насока, Законот за облигациони односи како системски закон го уредува институтот застареност во оддел 4 од Законот со членовите 349-382.

Според овој закон со застареност престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската, а застареност настапува кога ќе истече определено време во кое доверителот можел да бара исполнување на обврската. Според општата одредба на член 360 од Законот за облигационите односи побарувањата застаруваат за пет години, ако со закон не е определен некој друг рок на застареност.

Според член 381 од истиот закон, по прекинувањето, застарувањето почнува да тече одново, а времето што изминало пред прекинувањето не се смета во рокот на застареност определен со закон.
(2) Застарувањето прекинато со признание од страна на должникот почнува да тече одново од признанието.
(3) Кога прекинување на застарувањето настанало со подигање тужба или со повикување во заштита, или со истакнување на пребивање на побарувањата во спор, односно со пријавување на побарување во некоја друга постапка, застарувањето почнува да тече одново од денот кога спорот е окончан или завршен на некој друг начин.
(4) Кога прекинување на застарувањето настанало со пријава на побарување во стечајна постапка, застарувањето почнува да тече одново од денот на окончувањето на оваа постапка.
(5) Истото важи и кога прекинување на застарувањето настанало со барање на принудно извршување или обезбедување.
(6) Застарувањето што почнува да тече одново по прекинувањето, се завршува кога ќе измине толку време колку што со закон е определено за застарувањето што е прекинато.

Оттука, според Судот, оспорените одредби се во функција на заштита на правниот поредок на државата, односно остварување на темелните вредности за владеењето на правото и заштита на сопственоста утврдени во член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот и со истите се гарантира остварувањето на правото на сопственост и другите стварни права што е во насока на остварување на начелото на владеење на правото и правната заштита на сопственоста како темелни вредности на уставниот поредок во Република Северна Македонија.

Оспорениот член 4 од Законот предвидува дека започнатите постапки за наплата на побарувања предвидени во член 2 од овој закон ќе завршат во согласност со овој закон.

Тргнувајќи од анализата на содржината на овој член од Законот наспрема уставните норми на кои се упатува во иницијативите Судот оцени дека неосновани се укажувањата во истите поради што не може основано да се доведе под сомнение основаноста на овој член од Законот со Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, според наоѓањето на Судот, оспорениот член од Законот нема повратно дејство и истиот не е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот од причина што истиот се однесува на постапки за наплата кои сѐ уште траат, не се завршени, поради што не може да се прифати дека станува збор за ретроактивна примена на Законот, како што се тврди во иницијативата. Според Судот, во конкретниот случај, со оспорената одредба се уредуваат односи кои се во тек, односи кои сѐ уште траат, не е завршена постапката, па промените во законското уредување не значат и ретроактивна примена на Законот.

Од анализата на содржината на оспорениот член 4 од Законот неспорно произлегува дека истиот наоѓа примена на незавршените односи во постапките за наплата на побарувањата предвидени во член 2 од истиот закон, а не и на оние постапки кои до влегување во сила на измената на Законот биле завршени. Имено, според Судот, една норма има повратно дејство ако истата се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на таа норма, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, со оспорениот член 4 од Законот не се повредува темелната вредност на уставниот поредок за поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска предвидена во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, на што се укажува во иницијативите, од причина што со правосилната судска пресуда, како и со извршните исправи донесени од други надлежни органи, не се утврдува износот на висината на казнената камата, како и периодот утврден за пресметување, туку само обврската за наплата на казнената камата, која во извршната постапка се утврдува и висината и периодот на исплата, поради што не може де се прифати тврдењето во иницијативите дека со оспорениот член 4 од Законот се менува извршниот наслов и со тоа доаѓа до мешање на законодавната во судската власт.

Имено, според Судот, каматата не е само правен институт, туку и инструмент за економска, монетарна и социјална политика за што законодавецот има широка дискрециона власт. Законодавецот со цел воспоставување и одржување на правичен однос меѓу правата на доверителот и обврските на должникот, исто така, има и други инструменти, како што е висината на каматната стапка, валоризација на паричните обврски, право на целосен надомест на штета, институтот на застареност, а кои инструменти законодавецот ги утврдил во Законот за облигационите односи, конкретно во член 267 и член 360 од Законот.

Оттука, законодавецот одредил комбинација на правила со кои не се штитат само обврските на должникот, туку се штитат и правата и побарувањата на доверителите, со што истите немаат различен третман во нивната заштита во текот и извршувањето на облигационите односи и со тоа законодавецот воспоставува и одржува соодветна рамнотежа. Според Судот, основната функција на казнената камата е да го поттикне должникот на навремено плаќање на главниот долг, односно на паричното побарување.

Што се однесува до одредбата од член 5 од оспорениот закон според која истиот влегува во сила со денот на објавувањето, Судот оцени дека истиот не е во спротивност со член 52 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија од причина што Законот, како пропис, пред да влезе во сила подлежи на обврската на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија” (член 52 став 1 и став 2 од Уставот), но не е условен со vacatio legis.

Имено, според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од овој член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија”, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Ставот 3 од овој член на Уставот утврдува дека законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Оттука, неспорно е постоењето на уставната можност на Собранието за оценка, односно утврдување на денот на објавувањето на законите, како и исклучокот за негово влегување во сила и со денот на објавувањето.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на принципот на владеењето на правото и остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти. Објавувањето, пак, на законите и другите прописи претставува акт на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено, со неговото донесување, промулгирање, односно потпишување и објавување, законот, односно другиот пропис станува перфектен, односно применлив акт. Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот утврдил обврска тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија”, како службено гласило на Републиката.

Според Судот, во конкретниот случај, формално правно е запазен принципот за објавување на законите пред нивното влегување во сила и воедно е направен исклучок по однос на vacatio legis, како уставно предвидена можност за Собранието на Република Северна Македонија, по исклучок, да определи одреден закон да стапи во сила со денот на објавувањето, од каде не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 52 од Уставот.

Врз основа на наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи во целина, како и одделно членовите 1, 2, 3, 4 и 5 и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување не можат да се доведат под сомнение по однос на уставните норми на кои се укажува во иницијативите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска