У.бр.112/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.112/2024
Скопје, 3 јули 2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 јули 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– член 12 став 4 во делот „и тарифата од ставот 3 на овој член” од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 101/2019) и
– Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош, донесена од министерот за правда, број 01-4047/1 од 26.09.2019 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2019).

Образложение

I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата на членот од Законот и на уставноста на актот, означени во точката 1 од Решението.

Во иницијативата подносителот ги цитира одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото) и алинеја 4 (поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска), член 33 од Уставот според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните приходи на начин утврден со закон, член 51 според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, член 91 алинеја 1 според која Владата ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и алинеја 5, според која Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите, како и член 96 од Уставот според кој органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата. Подносителот, исто така, го цитира и член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа според кој министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, како и член 61 од наведениот закон, којшто уредува дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

По цитирањето на уставните и законските одредби, подносителот се навраќа на Законот за бесплатна правна помош со кој на здружението и правната клиника им се утврдува право на надоместок за дадената примарна правна помош којшто, според член 12 став 3 од Законот, се пресметува врз основа на трошковник за обемот на извршената работа согласно Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош. Потоа подносителот го цитира член 12 став 4 од Законот, според кој министерот за правда ги пропишува образецот за трошковникот и тарифата од ставот (3) на овој член, по што наведува дека делот „и тарифата од ставот (3) на овој член”, е неуставен, бидејќи според него, Законот не содржи никакви мерила и критериуми за да може министерот да се впушти во определување на висината на надоместокот на здруженијата и правните клиники, поточно дека министерот за правда самиот истите ги утврдил, со што може да се смета дека на министерот за правда му е дадено овластување да пропишува критериуми за определување на надоместокот на здружението и правната клиника, коишто ги нема во Законот, што би можело да значи навлегување на извршната во законодавната власт, па оттука оспорениот дел „и тарифата од ставот 3 на овој член” содржан во член 12 став 4 од Законот за бесплатна правна помош, е спротивен со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот. При ова, подносителот во иницијативата се повикува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.12/2006 од 18.10.2006 година, со која Судот го укинал член 46 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 35/2005), вклучително и Правилникот за тарифа за награда на извршителите („Службен весник на Република Македонија” број 117/2005), наведувајќи дека и во предметниот случај основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел содржан во член 12 став 4 од Законот за бесплатна правна помош и оспорената тарифа, со одредбите на Уставот и предлага Судот истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека според член 12 став 4 од Законот за бесплатна правна помош министерот ги пропишува образецот за трошковникот и тарифата од ставот (3) на овој член. Со иницијативата се оспорува делот „и тарифата од ставот (3) на овој член”.

Судот утврди и дека министерот за правда повикувајќи се на овластувањето од член 12 став 4 од Законот, ја донел Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош, број 01-4047/1 од 26.09.2019 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2019.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 91 од Уставот се утврдени надлежностите на Владата на Република Северна Македонија, меѓу кои, според алинеите 1 и 5 на наведениот член од Уставот, да ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и да донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно со член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, а според член 61 од наведениот закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Со Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 101/2019) се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, видовите, опсегот на бесплатната правната помош, давателите и корисниците на бесплатна правна помош, нивните обврски и одговорности, постапката во која се остварува правото на бесплатна правна помош, финансирањето, наградата и надоместокот на трошоците за дадената бесплатна правна помош, бесплатна правна помош во прекугранични спорови, транспарентност и отчетност во давањето бесплатна правна помош, посебните постапки за правна помош, надзорот над примената на овој закон и други прашања кои се однесуваат на бесплатната правна помош.

Законот за бесплатна правна помош во член 4 уредува дека бесплатната правна помош може да биде дадена како примарна правна помош и секундарна правна помош, дека примарната правна помош се дава од страна на овластено службено лице на Министерството, овластено здружение и правна клиника, додека секундарна правна помош даваат адвокати во постапка пред суд, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија и лица кои вршат јавни овластувања согласно одредбите од овој закон. Воедно, според овој член, средствата за одобрување на бесплатната правна помош и трошоците за дадената правна помош во постапките предвидени со овој закон се обезбедуваат од буџетот на Министерството, како и од донации и други приходи во согласност со закон.

Со Законот, помеѓу другото, се утврдени и работите коишто ги преземаат давателите при давањето на примарна правна помош и за кои согласно Законот имаат право на надоместок за извршената работа.

Така според член 6 (опсег на примарна правна помош) од Законот, примарна правна помош опфаќа:

-иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош,
-општа правна информација,
-општ правен совет,
-помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош,
-помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата; пензиско, инвалидско и здравствено осигурување; заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство; постапка за упис во матична книга на родени; стекнување со документи за лична идентификација и државјанство и
-составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Законот, помеѓу другото, во член 3 став 1 точка 4. појаснува дека општата правна информација се состои од давање општи и начелни упатства и информации за начинот, условите и постапката за остварување на определено право или интерес, исполнување на конкретна обврска и упатување на надлежен јавен орган или надлежен суд, а во точка 5. од истиот член, дека општиот правен совет се состои во давање совет за начинот и можностите за решавање на правното прашање, за законската регулатива, можноста за вонсудско решавање, за правилата и трошоците на постапката, за извршувањето на одлуките на постапката, запознавање со правата и обврските на барателите и корисниците на бесплатна правна помош како и со начинот на давање на правна помош во судски и управни постапки.

Со овој закон се предвидува и финансирање на здруженијата и правните клиники како даватели на примарна правна помош од страна на Министерството за правда, а финансирањето се врши согласно со член 11 од Законот врз основа на објавен јавен конкурс од страна на Министерството за правда, со тоа што здруженијата и правните клиники кои не се финансираат согласно наведениот член од Законот, примаат надомест согласно со одредбите од член 12 од овој закон во кој е содржан и ставот 4, оспорен со иницијативата во делот „и тарифата од ставот 3 на овој член”.

Со член 12 став 1 од Законот, се уредува дека здружението и правната клиника кои не се финансираат согласно со член 11 од овој закон, имаат право на надоместок за дадената примарна правна помош за секој предмет одделно за кој е одобрено барање за секундарна правна помош.

Согласно со член 12 став 2 од Законот, здружението и правната клиника имаат право на надоместок и за дадената примарна правна помош од член 6 алинеи 5 и 6 од овој закон за следните лица: корисници на права на парична помош од социјална заштита, приматели на инвалидска пензија и жртви на семејно и родово базирано насилство.

Со член 12 став 3 од Законот, се уредува дека надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член се пресметува врз основа на трошковникот за обемот на извршената работа, а согласно Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош.

Според член 12 став 4 од Законот, министерот ги пропишува образецот за трошковникот и тарифата од ставот (3) на овој член, a со иницијативата се оспорува делот „и тарифата од ставот (3) на овој член”.

Министерот за правда, повикувајќи се на овластувањето од член 12 став 4 од Законот, ја донел оспорената тарифа.

Во член 1 од Тарифата, се наведува дека со оваа тарифа се определува надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за вршење на работи на примарна правна помош.

Според член 2 став 1 од Тарифата, надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за вршење на работи на примарна правна помош се определува со бодови и тоа:

-за иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош – 5 бода;
-за општа правна информација – 10 бода;
-за општ правен совет – 20 бода;
-за правна помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош – 40 бода;
-за правна помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата; пензиско, инвалидско и здравствено осигурување; заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство; постапка за упис во матична книга на родени; стекнување со документи за лична идентификација и државјанство – 40 бода и
-за составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител на Република Северна Македонија барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија – 80 бода.

Според член 2 став 2 од Тарифата, вредноста на бодот изнесува 25 денари, а според став 3 на наведениот член, пресметувањето на надоместокот се врши во денари, а плаќањето е на жиро-сметката на здружението односно правниот факултет.

Со член 3 од Тарифата, се уредува престанување на важење на Тарифата за надоместок на трошоците за работа на здруженијата за вршење на работи на претходна правна помош („Службен весник на Република Македонија” број 65/2010) со денот на влегувањето во сила на оваа тарифа, а според член 4 од Тарифата, оваа тарифа влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Според подносителот, оспорениот дел „и тарифата од ставот (3) на овој член” содржан во член 12 став 4 од Законот, со кој се уредува овластување на министерот, покрај образецот за трошковникот, да ја пропише и тарифата предвидена во став 3 на член 12 од Законот, како и самата Тарифа, не се во согласност со принципот на владеењето на правото, како темелна вредност предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи според него, Законот не содржи никакви мерила и критериуми за определување на висината на надоместокот на здруженијата и правните клиники, поточно дека министерот за правда во оспорената тарифа самиот пропишал критериуми за определување на надоместокот на здружението и правната клиника, коишто ги нема во Законот, што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, според кој поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, е темелна вредност на уставниот поредок.

Разгледувајќи ја содржината на оспорената тарифа vis a vis одредбите од Законот за бесплатна правна помош, Судот утврди дека министерот за правда со член 12 став 4 од Законот, е овластен, покрај образецот за трошковникот, да ја пропише „и тарифата од став 3 на овој член”.

Судот утврди и дека министерот за правда ја пропишал оспорената тарифа исклучиво во функција на операционализација на одредбите од Законот за бесплатна правна помош, а притоа, воопшто не излегол надвор од рамките на Законот и не пропишал ништо друго што го нема во Законот, што е видно од член 6 став 1 алинеите од 1 до 6 од Законот во кој се предвидени дејствијата коишто давателите ги преземаат при давањето на примарната правна помош и за кои тие имаат право на надоместок согласно Законот и чијашто содржина во целост е транспонирана во член 2 став 1 алинеи од 1 до 6 од Тарифата, па оттука, според Судот, неосновани се наводите од подносителот дека со уредувањето на оспорениот дел содржан во член 12 став 4 од Законот и со оспорената тарифа, се доведени во прашање темелните вредности на уставниот поредок – принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, вклучително и член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија.

Што се однесува до уставно-судската пракса (Одлуката У.бр.12/2006 од 18.10.2006 година) на која се повикува подносителот со иницијативата, Уставниот суд во тој случај донел интервентна одлука и го укинал член 46 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 35/2005), вклучително и Правилникот за тарифа за награда на извршителите („Службен весник на Република Македонија” број 117/2005), бидејќи утврдил дека тогаш важечкиот Закон за извршување (од 2005 година) не содржел критериуми и мерила за определување на висината на наградата на извршителите за извршените дејствија, што не е случај со предметниот Закон за бесплатна правна помош. Воедно, одредба, во суштина иста како и сега оспорената од актуелниот Закон за бесплатна правна помош, била содржина и на претходно важечкиот Закон за бесплатна правна помош, а по повод поднесена иницијатива, истата била и предмет на оцена пред Уставниот суд. Имено, подносителот на иницијативата по предметот У.бр.21/2010 го оспорувал член 37 став 5 од тогаш важечкиот Закон за бесправна правна помош којшто уредувал „Тарифата од ставот (1) на овој член ја донесува министерот”, со идентични наводи како и во предметната иницијатива, односно дека во Законот не биле содржани критериуми и мерила врз основа на кои министерот ќе ја определи наградата за дадена правна помош, поради што подносителот сметал дека определеното овластување во наведената законска одредба не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот. Постапувајќи по таа иницијатива Уставниот суд не нашол повреда на одредбите на Уставот и со Решението У.бр.21/2010 од 21.04.2010 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 37 став 5 од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Македонија” брoj 161/2009).

Имајќи го предвид погоре наведеното, пред Судот, не се постави прашањето за согласноста на член 12 став 4 во делот „и тарифата од ставот 3 на овој член” од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 101/2019) и Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2019) со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски