У.бр.112/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 24 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 алинеја 2, член 14 став 1 алинеја 2 и член 67 став 1 алинеја 2 од Законот за Агенција за национална безбедност (“Службен весник на Република Северна Македонија“ број 108/2019).

2. Адвокатот Ибраим Бајрами од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

3. Подносителот во иницијативата, наведува дека оспорените одредби од Законот за Агенција за национална безбедност („Службен весник на Репубкила Северна Македонија“ број 108/2019) биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 1 и 8 и членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, со наведените оспорени одредби од Законот за Агенција за национална безбедност на државјаните на Република Северна Македонија кои поседувале и државјанство на друга држава, а кои до сега биле дел од безбедносните служби им се оспорувало правото да конкурираат и бидат именувани за директор и заменик директор на Агенцијата како и на оние кои досега биле дел од безбедносните служби и за нововработените кандидати исто така им било оспорено правото да бидат преземени односно вработени во Агенцијата, со што се повредувале дел од темелните вредности од Уставот на Република Северна Македонија односно основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот како и хуманизмот и социјалната правда и солидарност утврдени во член 8 став 1 алинеја 1 и 8 од Уставот, како и членот 9 од Уставот според кој граѓаните на Република Северна Македонија биле еднакви во слободите и правата неависно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба (став 1) и граѓаните пред Уставот и законите биле еднакви (став 2).

Понатаму, во иницијативата се наведува членот 2 од Законот за државјанство според кој државјаните на Република Северна Македонија можело да имаат и државјанство на друга држава (став 1) и државјанинот на Република Македонија кој имал и државјанство на друга држава во Република Македонија се сметал за државјанин на Република Македонија (став 2), со што со оспорените одредби од членовите 10, 14 и 67 од Законот за Агенција за национална безбедност им се повредувало правото на рамноправен пристап кон вработување во државни органи како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија и на истите им се оневозможувало продолжување на работниот однос на работните места на кои работеле низа години како и на други граѓани кои во иднина би сакале да се вработат во Агенцијата.

Врз основа на се погоре наведено се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да се поништат или укинат, а до донесувањето на конечната одлука Судот да донесе решение за времена мерка за одлагање на сите постапки на Комисијата за селекција.

4. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 1 алинеја 2 од Законот за Агенција за национална безбедност („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 108/2019), за директор на Агенцијата може да биде именувано лице кое покрај другите предвидени услови го исполнува и условот да нема државјанство на друга држава.

Според член 14 став 1 алинеја 2 од Законот, за заменик директор на Агенцијата може да биде именувано лице кое покрај другите предвидени услови го исполнува и условот да нема државјанство на друга држава.

Судот, исто така, утврди според член 67 став 1 алинеја 2 од истиот закон, работен однос во Агенцијата може да заснова лице кое покрај другите предвидени услови го исполнува и условот да нема државјанство на друга држава.

5. Во член 8 став 1 алинеи 1 и 8 од Уставот, утврдени се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, во Република Северна Македонија, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 32 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3). Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор (став 4). Од овие права вработените не можат да се откажат (став 5). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Согласно член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Управата за безбедност и контраразузнавање како посебен орган, во рамките на Министерството за внатрешни работи, до денот на започнување со работа на Агенцијата за национална безбедност била надлежна да ги извршува работите на системот на државната безбедност кои се однесувале за заштита од шпионажа, тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Северна Македонија со насилни средства, како и заштита од потешки форми на организиран криминал.

Според член 1 од Законот за Агенцијата за национална безбедност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2019) со овој закон се уредува, основањето, целта, надлежноста, раководењето и внатрешната организација на Агенцијата за национална безбедност, начинот на работа на Агенцијата за национална безбедност, условите и постапката за спроведување на мерките за тајно собирање на податоци и информации, евиденцијата на податоци и информации и нивно користење, контролата и надзорот на Агенцијата за национална безбедност, меѓународната соработка, финансирањето, транспарентноста на работењето на Агенцијата за национална безбедност, како и правата и обврските на работниците на Агенцијата за национална безбедност на Република Северна Македонија.

Членот 2 од Законот, ги определува целта и основањето на Агенцијата, и тоа: заради заштита на националната безбедност на државата, односно заради заштита на независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, како и други работи од интерес на националната безбедност на државата, се основа Агенција за национална безбедност на Република Северна Македонија (став 1), Агенцијата се основа како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице (став2).

Согласно член 3 од Законот, Агенцијата своите работи ги врши во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија (став 1). Агенцијата во вршењето на работите од законски утврдената надлежност постапува независно и без влијание од политичките партии (став 2).

Според член 4 од Законот, Агенцијата собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци и информации со цел откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата и тоа: шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам, сите форми на сериозни и организирани криминални активности насочени против државата, спречување на кривични дела против човечноста и меѓународното право, незаконито производство и пролиферација на оружје за масовно уништување или нивни компоненти, како и материјали и уреди коишто се потребни за нивно производство, нарушување на виталните економски интереси и финансиската безбедност на државата, нарушување на безбедноста на носители на високи државни функции и на објекти од стратешко значење за државата, откривање и спречување на други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата (став 1). Агенцијата врши и безбедносни проверки во согласност со овој и друг закон (став 2).

Оспорените одредби од Законот за Агенција за национална безбедност ги пропишуваат условите за именување и разрешување на директор и заменикот директор на Агенцијата како и општите и посебните услови за засновање на работниот однос во Агенцијата, а кои се однесуваат на тоа кандидатот за директор, заменик директор или работник во Агенцијата да нема државјанство на друга држава.

Законодавецот во уредувањето на правната регулатива за остварување на правата на вработените и нивната правна положба во Агенцијата, уредил услови за вработување во службата на Агенцијата кои се однесуваат подеднакво за сите кандидати кои ќе бидат преземени од Управата за безбедност и контраразузнавање како и за сите оние кои ќе конкурираат за конкретното работно место.

Оттука, наведените законски одредби јасно укажуваат на сензитивноста на предметот на уредување на овој закон, како и на сериозноста на полето на делување односно надлежноста на Агенцијата за национална безбедност со што се создаваат нормативни предуслови за реализација на успешно функционирање на Агенцијата коишто директно се одразува врз заштитата на безбедноста на државата и истовремено се обезбедува и непристрасно и објективно вршење на довереното работно место.

Имено, законодавецот има уставна основа да донесува закони и со нив да ги уредува односите во сите сфери на општеството, и сето тоа во уставни рамки. Во конкретниов случај пропишаниот услов –кандидат за директор, заменик-директор или работник на Агенцијата да нема државјанство на друга држава претставува еден вид гаранција за кредибилитетот на вработените во Агенцијата, кои совесно и чесно ќе ги извршуваат доверливите работи и задачи, притоа имајќи ги предвид нивниот вид и карактер.

Неспорно е дека, Уставот го утврдил правото на работа, при што со определувањето на содржината на ова право е оставено на уредување со закон и колективни договори, што значи дека законодавецот има широк простор за уредување на бројни релевантни прашања и односи коишто се од значење за остварување на наведеното право, при што автономијата на уредување на сите прашања единствено е ограничена со обврска за почитување на уставните принципи и начела, а пред се на начелото на еднаквост, како и тоа дека, остварувањето на правото на вработување е детерминирано со исполнување на услови коишто се однесуваат подеднакво за сите, односно секому под еднакви услови му е достапно работното место.

Во конкретниот случај се наведува дека државјаните на Република Северна Македонија кои поседувале и државјанство на друга држава, иако до сега биле дел од безбедносните служби, им се оспорувало правото да бидат преземени во Агенцијата за национална безбедност.

Согласно Законот, за да се изврши преземање на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи потребно е да се спроведе постапка за селекција и избор со која се утврдува исполнување на потребните услови како што се: општите и посебните услови за засновање на работен однос и безбедносна проверка, исполнување на посебните услови утврдени во актот за систематизација на работните места како и утврдување на постоење на судир на интереси односно е поведена постапка за судир на интереси согласно закон.

Според тоа легитимно право на законодавецот е да пропише посебни услови коишто треба да ги исполнуваат лицата кои ќе бидат вработени во Агенцијата се со цел да се создадат услови за постигнување на повисок степен на доверба, ефикасно и отчетно функционирање на Агенцијата и истовремено би се исклучиле можностите од појава на елементи на сомнение со што вработените би биле недостојни за вршење на работата којашто е поврзана со откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата.

Имено, согласно член 188 од Законот, работниците на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи кои нема да бидат преземени од страна на Агенцијата, ќе се распоредат на работни места во Министерството за внатрешни работи соодветни на нивната стручна подготовка (став 1). При распоредувањето на работниците од ставот (1) на овој член, се земаат предвид стручната подготовка на работникот, завршени обуки, работен стаж, постојната работна позиција на работникот, како и неговиот вкупен придонес во работата на Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Министерството за внатрешни работи (став 2).

Во овој случај пропишувањето на посебниот услов за именување на директор и заменик-директор на Агенцијата како и за вработување во истата се однесува на сите граѓани без ограничување, односно секој кој го исполнува пропишаниот услов, му е достапна позицијата директор или заменик-директор како и вработен во Агенцијата, како за кандидатите кои не се именуваат односно вработуваат од редовите на Агенцијата така и за кандидатите кои произлегуваат од Агенцијата односно се преземени од Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи.

Оттука, достапноста на секому под еднакви услови на секое работно место и функција значи само потврда и доследност во практична примена, односно реализација на уставното начело за еднаквоста на сите граѓани во правата и должностите без оглед на националноста, расата, полот, вероисповеста, политичкото уверување и другите општествени функции.

Исто така, меѓународната регулатива во поголемиот дел покажува постоење на условот за кандидатот за директор и заменик директор или за вработување во исти или слични тела или државни органи како Агенцијата за национална безбедност да нема државјанство на друга држава, а како основна причина за утврдување на таков услов се појавува специфичноста на работата и задачите, а пред се нивниот вид и карактер којшто директно се одразувал на националната безбедност на државата односно на заштитата на државата и други аспекти поврзани со националниот суверенитет и неговата одбрана.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.112/2019
24 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати