У.бр.11/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 84 став 1 во делот: „Работните цели и задачи“ од Законот за судска­та служба („Служ­бен весник на Репу­блика Македо­нија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/ 2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во наводите на иницијативата, нај­првин се цитираат член 83 ставови 1 и 2 и оспорениот член 84 став 1 од Законот за судската служба.

Понатаму, подносителот на иницијативата ги наведува одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор што во одредена мера задираат во дефинирањето што се подразбира под „вработен во јавен сектор“ односно „работодавач во јавниот сектор“ (член 2 став 1 алинеја 1 од овој закон во врска со член 1 став 2 од Законот за судовите) и го наведува и цитира членот 7 ставови 1 и 2 од овој закон што се однесуваат на начелото на управување со ефектот на вработените.

Оттука, во смисла на наведените одредби од Законот за судската служба и Законот за вработените во јавниот сектор, според подносителот на иницијативата, оспорениот дел „Работните цели и задачи“ од член 84 став 1 од Законот за судската служба не бил во согласност со начелото на владеење на правото пропишано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Ова од причини што, доколку со член 83 став 1 од Законот за судската служба се воспоставувал систем на управување со ефектот на судските службеници и во тој систем се утврдувале „работните задачи и цели“ на судскиот службеник тогаш, се поставувало прашањето за оправданоста на пропишување на „работните задачи и цели“ на судскиот службеник со Програмата за работа на судовите. Ова дотоколку повеќе што, за разлика од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија кадешто попрецизно се пропишува што треба да содржи Годишната програма за работа на Советот, Законот за судовите и Судскиот деловник, не пропи­шувале што треба да содржи Годишната програма за работа на судот.

Според подносителот, согласно цитираната одредба од член 83 ставот 1 и 2 од Законот за судската служба, потребно било во судовите да се воспоставел систем за управување со ефектот на судските службеници којшто систем, меѓу другото го сочинувало и утврдувањето на работните цели и задачи, при што во тој случај, основано можело да се постави прашањето за оправданоста за пропишување на работните цели и задачи на судскиот службеник во годишната програма за работа на судовите.

Понатаму, се наведува дека во ниту еден член од Законот за судската служба, ниту пак во Законот за судовите, не било пропишано дека „Програмата за работа на судовите“ претставувала дел од системот што требало да се воспостави во судовите во смисла на член 83 став 1 од Законот за судската служба.

Врз основа на сето наведено, според подносителот на иниција­тивата оспорениот дел „Работните цели и задачи“ од член 84 став 1 од Законот за судската служба можел да доведе во заблуда при примената на самата одредба во правниот промет што не било во согласност со начелото на владеење на правото од Уставот и според коешто начело, во правниот промет требало да постојат јасни и прецизни норми што ќе доведат до потполна и недвосмислена примена и материјализација на самата одредба во правниот промет, но и на таа одредба во заедница со останатите одредби од Законот со цел создавање на правна логична функционална целина, а како не би дошло до забуна при примена на правилата во правниот промет.

Од горенаведените причини, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување уставност на делот „Работните цели и задачи“ од член 84 став 1 од Законот за судската служба, по што, истиот ќе го укине како спротивен на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот став 1 од членот 84 од Законот за судската служба („Служ­бен весник на Репу­блика Македо­нија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018), работните цели и задачи на судскиот службеник се утврду­ваат врз основа на годишната програма за работа на судовите.

4. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок, утврдено во член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 98 став 4 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 100 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), судската служба ја сочинуваат судските службеници, лица вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судска полиција.

Статусот, правата, должностите, одговорностите на судската служба, системот на плати и надоместоци на плати на судската служба, како и управувањето со судските предмети, според членот 101 од овој закон, се уредуваат со закон.

Судската служба работите утврдени со закон ги извршува согла­сно со начелата на законитост, професионалност, одговорност, ефикасност, економичност и транспарентност (член 102).

Со Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018, 6/2016, 198/2018 и 248/2018), се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).

Судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција (член 2).

Судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори (член 3 став 1).

Лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи немаат статус на судски службеници и за нив важат Законот за вработени во јавниот сектор и општите прописи за работните односи (член 3 став 2).

Според членот 60 од овој закон, судските службеници се должни да ги извршуваат работите и работните задачи, опишани во актот за система­ти­зација на работните места на судот (став 1). Судските службеници врз основа на задолжение во писмена форма од непосредно претпоставениот судски службеник, судскиот администратор или од претседателот на судот, се должни да извршуваат и работи и работни задачи кои не се содржани во описот од ставот (1) на овој член, а кои се соодветни со нивните професио­нални квалификации и со работните компетенции (став 2).

Системот за управување со ефектот е регулиран во членот 83 од Законот, според кој во судовите се воспоставува систем за управување со ефектот на судските службеници (став 1). Системот од ставот (1) на овој член го сочинуваат утврдување на работните цели и задачи, утврдување на индивидуалниот план за стручно усовршување, како и постапка за оценување на ефектот на судскиот службеник (став 2).

Членот 83 е збир на сето она што го сочинува системот на управување со ефектот на судските службеници, а дополнително прецизи­рање на делот „Работните цели и задачи“, Законот го регулира во членот 84 од Законот за судската служба.

Имено, во членот 84 е регулирано утврдувањето на работните цели и задачи. Според ставот 1 на овој член, работните цели и задачи на судскиот службеник се утврдуваат врз основа на годишната програма за работа на судовите (оспорен член).

Работните цели и задачи на судскиот службеник треба да бидат јасни, прецизни, мерливи и со утврдена временска рамка за извршување (став 2). Работните цели и задачи се утврдуваат од страна на непосредно претпоставениот судски службеник во соработка со судскиот службеник на крајот на постапката на оценување на работните достигнувања, во декември во тековната година за наредната (став 3).

Од изнесените законски одредби произлегува дека судските службеници се должни да ги извршуваат работите и работните задачи, опишани во актот за систематизација на работните места на судот, а притоа работните цели и задачи на судските службеници се утврдуваат со годишната програма за работа на судовите и истите мора да бидат јасни, прецизни, мерливи и со утврдена временска рамка за извршување.

Според членот 87 од истиот закон, во ставот 1 е утврдено дека судските службеници задолжително се оценуваат еднаш годишно и тоа најдоцна до 1 декември за тековната година. Согласно ставот 23 на овој член, начинот на оценување на судскиот службеник, формата и содржината на образецот за оценување од ставовите (11) и (13) на овој член, како и формата и содржината на извештајот од ставовите (20) и (21) на овој член ги про­пишува министерот за правда.

Согласно членот 89 од наведениот закон, годишната оценка на судскиот службеник може да биде:
– „особено се истакнува”, доколку има вредност од 4,51 до 5,00,
– „се истакнува”, доколку има вредност од 3,51 до 4,50,
– „задоволува”, доколку има вредност од 2,51 до 3,50,
– „делумно задоволува”, доколку има вредност од 1,51 до 2,50 и
– „не задоволува”, доколку има вредност од 1,00 до 1,50.

Од изнесеното недвосмислено произлегува дека се следи работата на судските службеници и истите се оценуваат за извршените работни цели и задачи утврдени според нивното звање и според годишната програма на судот.

Со Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018, 198/2018 и и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.143/2019 и 14/2020), во член 2 став 1 е утврдено дека работодавачи во јавниот сектор (инсти­туции), согласно овој закон, се: органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон и инсти­ту­циите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравс­т­вото, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Репу­блика Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје.

Согласно член 2 став 2 од овој закон, вработени во јавниот сектор се лицата кои засновале работен однос кај некој од работодавачите од ставот (1) на овој член.

Со членот 7 од овој закон, е предвидено начело на управување со ефектот на вработените при што, според ставот 1, инсти­ту­циите се должни да воспостават процедури за управување со ефектот на вработените преку негово континуирано следење и оценување и предлагање на мерки за негово подобрување.

Оценката за учинокот е мерка за придонесот на вработениот за ефикасно и ефективно функционирање на институцијата која се мери преку квалитетот, динамиката, почитувањето на роковите, нивото на исполнување на работните цели и задачи, сервисната ориентација, професионалноста и однесувањето на вработениот, како и преку други критериуми од интерес за институцијата (став 2).

Оценката од ставот (2) на овој член е основ за зголемување или намалување на платата на вработениот, утврдување на парична или друг вид
материјална или нематеријална награда, унапредување или распоредување на работно место на пониско ниво, или прекинување на работниот однос, на начин и во постапка утврдена со закон и со колективен договор.

Од анализата на членот 7 од Законот за вработените во јавниот сектор произлегува дека законодавецот ја предвидел обврската на институ­циите да воспостават процедури за управување со ефектот на вработените, односно ги утврдил работните цели задачи коишто се предвидени со Законот за судската служба.

Актите за внатрешна организација и систематизација на работни­те места, се уредени во членот 17 од овој закон. Во ставот 7 на овој член е пропишано актот за внатрешна организација и актот за системати­зација на работните места, раководното лице на институцијата го донесува по претходна согласност од Министерството за информатичко општество и администрација во однос на нивната меѓусебна усогласеност како и нивната усогласеност со одредбите од овој закон, како и од органот надлежен за давање согласност на актот утврден со закон или со друг пропис во однос на нивната усогласеност со тие закони или прописи.

Меѓутоа, законодавецот со ставот 8 на членот 17, предвидел дека по исклучок од ставот 7 на овој член, покрај другите, судовите и јавните обвинителства ја утврдуваат внатрешната организација, односно формација, како и систематизација на работните места согласно со посебните закони или други прописи, а без претходна согласност на Министе­рството за информа­тичко општество и администрација.

Според наведеното, произлегува дека со Законот за вработените во јавниот секотор, законодавецот предвидел исклучоци коишто се однесу­ваат и на судовите.

Според тоа, Законот за вработените во јавниот сектор, претста­вува само основна рамка за утврдување на општите начела на вработените во јавниот сектор. Притоа судските службеници имаат статус на админи­стра­тивни службеници, но поради специфичноста на работите коишто ги извршуваат, за нив важи исклучокот определени прашања во врска со работниот однос, во целост или делумно да бидат уредени со закон и колективен договор на различен начин.

Во таа смисла, поаѓајќи од специфичноста на работата на администрацијата што работи во судовите и на самите судови, посебно се утврдени правата, обврските и одговорностите на вработените во судовите односно на судските службеници со Законот за судската служба во 2014 година, како lex specialis, со кој се врши усогласување со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

Од изнесеното произлегува дека судските службеници ги извршу­ваат работите и работните задачи, опишани во актот за систематизација на работните места на судот, а работните цели и задачи на судските службеници се утврдуваат со годишната програма за работа на судовите и истите мора да бидат јасни, прецизни, мерливи и со утврдена временска рамка за извршу­вање. Со цел, пак да се утврди дали судските службеници квалитетно и навремено ги извршуваат своите работни задачи и дали ги извршуваат зацртаните цели и задачи, е предвидена и обврска за нивно задолжително оценување еднаш годишно.

Поради тоа Судот оцени дека се неосновани наводите во инцијати­вата дека оспорениот дел „Работните цели и задачи“ од член 84 став 1 од Законот за судската служба можел да доведе во заблуда при примената на самата одредба во правниот промет што не било во согласност со уставното начело на владеење на правото, според коешто начело, во правниот промет требало да постојат јасни и прецизни норми што ќе доведат до потполна и недвосмислена примена и материјализација на самата одредба во правниот промет.

Од друга стана пак, дали правилно и соодветно се утврдени работните цели и задачи на судските службеници со програмата за работа на судовите и дали во практиката правилно и доследно се применуваат законските одредби во однос на навремено и кавлитетно извршување на зацртаните работни цели и задачи од страна на судските службеници и колку правилно и објективно се врши оценување на извршените работни цели и задачи, Судот смета дека станува збор за практична примена на законот, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува. Исто така, во однос на тоа дали оспорените одредби од Законот за судската служба се во согласност со другите претходно наведени закони, исто така, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Во однос на наводите на иницијативата според кои годишниот план за работа на судот не била обврска којашто била утврдена со други закони што ја уредувале работата на судовите, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причина што, во членот 93 од Законот за судовите, во ставот 2 е уредено дека на седница на судиите, покрај другите прашања коишто се разгледуваат, се утврдува и програма за работа.

Во врска со наводите во иницијативата дека со Законот за судската служба не било утврдено што содржи програмата за работа на судот, за разлика од Законот за судскиот совет на Република Северна Македонија, во кој било утврдено што содржи годишната програма, Уставниот суд не е надлежен да оценува дали треба одредени работи да бидат уредени или не со законот, туку е надлежен да оценува дали тоа што е предвидено со закон е во согласнот со Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел „Работните цели и задачи“ од член 84 став 1 од Законот за судска служба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.11/2021
28.04.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати