У.бр.11/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јули 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2018).

2. Адвокатот Сашко Дукоски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, одредбите за ограничување на важењето на Законот за амнестија за одредени кривични дела определени во членот 3 од Законот, биле во спротивност со Уставот на Република Македонија, пред сé со членот 9 од Уставот.

Имено, според членот 9 од Уставот, сите граѓани на Република Македонија, вклучително и лицата кои се осудени со пресуди на надлежни судови за кривични дела за кои амнестијата не важи, цитирани во членот 3 од Законот за амнестија, биле еднакви пред Уставот и законите. Меѓутоа, со нивното исклучување од правото на амнестија, овие граѓани биле нееднакви со другите граѓани воопшто, а пред сé со другите граѓани сторители на кривични дела за кои важи амнестијата. Ова доведувало до тоа членот 3 од Законот за амнестија во целост да биде во спротивност со членот 9 од Уставот.

Дотолку повеќе што биле нејасни, необразложени и воопшто немало причини за ваквото дискриминирање на одредени категории на граѓани осудени за одредени кривични дела во смисла на нивната нееднаквост со другите граѓани.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Законот за амнестија и во смисла на членот 33 од Деловникот на Уставниот суд, да одржи јавна седница на која да биде повикан подносителот на иницијативата, а по потреба и претставници од научната сфера. По спроведената постапка, се предлага Уставниот суд да ја поништи оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 од Законот за амнестија, амнестијата не се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда:
– на казна доживотен затвор;
– за кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик;
– кривични дела против избори и гласање членовите 158-165-в од Кривичниот законик;
– за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа членови 186, 187, 188, 189, 191, 193, 193-а, 193-б и 194 од Кривичниот законик;
– за кривични дела против државата членови 305-327 од Кривичниот законик;
– за кривични дела против јавниот ред членови 394-а–394-г, од Кривичниот законик;
– за кривичните дела против човечноста и меѓународното право членови 403- 418-а и од 418-в до 422 од Кривичниот законик.

Според ставот 2 на истиот член, амнестијата не се однесува и на лицата кои делата предмет на амнестија ги сториле по 20 септември 2017 година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во согласност со членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 18 од Уставот, Собранието на Република Македонија дава амнестија.

Амнестијата е право на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела, познато во правните системи како овластување на државата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во непрокосновеното право на казнување на државата, од каде произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело.

Потребата од донесување на конкретен акт за амнестија може да биде различна, но секогаш следува донесување на ваков акт, кога со други правни средства не може да се добие правно решение, а при тоа не треба да се занемари и гледиштето на државата дека постои потреба на овој начин да се измени она што претходно е одлучено.

Амнестијата е кривично-правен институт, дефиниран со Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017). Така, според член 113 од овој законик, на лицата кои се опфатени со акт за амнестија им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува определена правна последица од осудата.

Амнестијата се донесува во форма на закон, се дава на неодреден број на лица и согласно законската дефиниција, со неа на лицата кои се опфатени со амнестијата им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, изречената казна може да им се замени со поблага казна, да се определи бришење на осудата или да се укине определена правна последица од осудата, при што не се задира во правосилноста на пресудата ниту пак во постоењето на кривичното дело.

Со Уставот не е определена содржината и видовите на амнестија, туку е оставено овие прашања да се уредат со закон.

Согласно ваквата уставна определба, при донесувањето на закон за амнестија, законодавецот ги определува кривичните дела чиишто сторители се амнестираат за изречената казна или за извршеното дело и изречената казна. Ова свое право, од донесувањето на Уставот на Република Македонија, законодавецот го има искористено неколкупати, при што самиот утврдувал за кои кривични дела ќе даде амнестија, имајќи во вид дека не постои уставно ограничување за тоа.

За ова прашање Уставниот суд веќе искажал јасен став во повеќе свои одлуки и решенија, кога ја оценувал уставноста на одредби од неколку закони за амнестија и помилување (Одлука У.бр.19/2016 од 16.03.2016 година, со која е укинат Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2009); Решение У.бр.169/2002 од 19.02.2003 година, со кое не се поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за амнестија (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2002); Решение У.бр.2016/1992 од 10.03.1993 година, со кое не се поведе постапка за оценување на уставноста на членот 1 од Законот за амнестија, во делот кој гласи: “неиздржаниот дел на казната” (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/91). Во сите наведени предмети Уставниот суд укажал дека законодавецот има уставно овластување да утврди за кои кривични дела ќе го искористи правото да даде амнестија, со оглед дека не постои уставно ограничување за тоа.

Истиот став на Уставниот суд, според Судот, се однесува и на Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2018), чиј член 3 се оспорува со оваа иницијатива.

Според образложението за донесување на овој закон, целите што ќе се постигнат со неговото донесување се:
– ресоцијализација на сторителите на кривични дела;
– финансиско растеретување на Буџетот на Република Македонија, во однос на издржувањето на затворската популација.

При подготвувањето на предлог-законот, се имало предвид дека условите во казнено поправните установи како институции кои треба да овозможат и обезбедат успешна ресоцијализација на осуденичката популација се неспорно пренатрупани, условите за престој се многу ниски, оценети од меѓународните организации како нехумани, опасноста од криминална инфекција во казнено поправните установи е реална, поради што е оценето дека е неопходно донесувањето на еден ваков закон со кој група на лица осудени на казна затвор до 6 месеци – лесни кривични дела, ќе се ослободат од издржување на казната затвор, а за останатата затворска популација е предвидено намалување на вкупната казна за 30%, освен за делата кои со законот се изземени од амнестијата. Истовремено, се имало предвид дека ќе се започне и со примената на пробацијата и на овој начин ќе се создадат услови за успешна ресоцијализација на осуденичката популација.

Во таа смисла, според член 1 од Законот за амнестија, со овој закон се уредува ослободувањето од извршување на казна (во натамошниот текст: амнестија) на:
– лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија,
– на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Македонија и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Република Македонија.

Согласно членот 2 од Законот:

Осудените лица од членот 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, потполно се ослободуваат од издржувањето на казната.
Осудени лица од членот 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
Осудените лица од членот 1 од овој закон на кои со правосилна пресуда им е изречена единствена казна затвор, се ослободуваат од издржување на единствената казна затвор за 30% во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија.
Доколку во единствената казна затвор е утврдена казна затвор за кривично дело кое не подлежи на амнестија, осудениот од членот 1 од овој закон ќе се ослободи од издржување на казната за 30% само во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија.

Според член 3 став 1 на истиот закон, амнестијата не се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда:
– на казна доживотен затвор;
– за кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик;
– кривични дела против избори и гласање членовите 158-165-в од Кривичниот законик;
– за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа членови 186, 187, 188, 189, 191, 193, 193-а, 193-б и 194 од Кривичниот законик;
– за кривични дела против државата членови 305-327 од Кривичниот законик;
– за кривични дела против јавниот ред членови 394-а – 394-г, од Кривичниот законик;
– за кривичните дела против човечноста и меѓународното право членови 403 – 418-а и од 418-в до 422 од Кривичниот законик.

Според ставот 2 на истиот член, амнестијата не се однесува и на лицата кои делата предмет на амнестија ги сториле по 20 септември 2017 година.

Тоа значи дека законодавецот јасно и прецизно определил за кои кривични дела се однесува амнестијата што се дава со овој закон, односно дека со амнестијата се опфатени лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, освен лицата кои се сторители на кривични дела точно наведени во членот 3 од Законот (применета „негативна“ клаузула), кои се исклучени од ова право, што претставува негово уставно овластување и слобода да утврди за кои кривични дела ќе го искористи правото да даде амнестија. Ова со оглед дека не постои уставна определба дека амнестијата мора да биде општа и да се однесува на сите кривични дела, како што всушност се бара со иницијативата, туку законодавецот има уставно овластување да определи за кои кривични дела ќе даде амнестија, со оглед дека не постои уставно ограничување за тоа.

Притоа, треба да се има предвид дека со определувањето на аместијата во зависност од видот на кривичните дела, сторителите на тие кривични дела се ставаат во еднаква правна положба, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што е запазено начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 3 од Законот за амнестија со членот 9 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.11/2018
9 јули 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски