У.бр.107/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 25 јануари 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 54, член 68, член 69 став 1 алинеја 1, член 98 став 1, член 99 став 4, член 100 и член 101 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.220/2022).

2. Кирил Михајловски, адвокат од Битола, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените членови од Колективниот договор се во спротивност со член 9 и член 32 став 2 од Уставот и со членовите 6, 12, 108, 185 и 206 од Законот за работните односи. Имено, во иницијативата се наведува дека од оспорените членови се утврдува дека одредена група на работници вработени во јавни установи за воспитание и згрижување на деца во претшколска возраст, кои не се членови на репрезентативен член, имаат помали права од работниците кои се членови на синдикат.

Во иницијативата се наведува дека работниците кои не се членови на синдикат не можат да остваруваат права на отсуство од работа, права на отсуство од работа со надоместок на плата, права на отсуство од работа без надоместок на плата, правото на регрес на годишен одмор, правото на јубилејна награда, правото на надоместок за вонредно ангажирање и придонес во предучилишното воспитание и образование. Оттука, според подносителот на иницијативата, произлегува нивната директна дискриминација во однос на работниците – членови на Синдикатот. Истовремено, според наводите во иницијативата, оспорените членови од Колективниот договор се во спротивност со наведените членови од Законот за работните односи, како и со член 1 од Протоколот 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права која го уредува прашањето за општата забрана за дискриминација.

Од наведените причини во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените членови од Колективниот договор и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 54 од Колективниот договор работникот – член на Синдикатот, во случај на лична неодложна потреба, има право да отсуствува од работа, најмногу до 4 часа во еден месец, за што е должен писмено или електронски да го извести работодавачот. Давателот на јавни услуги – член на Синдикатот, правото од ставот (1) на овој член, може да го искористи по завршување на работното време поминато со деца, освен во исклучителни околности, во договор со раководителот на установата, за што треба да приложи соодветна документација или лична изјава за оправданоста на отсуството. Административните службеници и помошно-техничките лица, членови на Синдикатот, правото од ставот (1) на овој член, може да го искористат во рамките на работното време, најдоцна 2 часа пред крајот на работното време, освен во исклучителни околности, во договор со раководителот на установата, за што треба да приложат соодветна документација или лична изјава за оправданоста на отсуството.

Во член 68 од Колективниот договор е предвидено дека работникот – член на Синдикатот, има право на отсуство од работа, со надоместок на плата, најмногу до 10 работни дена, вкупно по сите основи, во текот на календарската година, во следниве случаи: за склучување на брак – 5 дена; за склучување на брак на деца – 3 дена; за раѓање или посвојување на дете, за родителот кој не користи родителско отсуство – 7 дена; за смрт на сопружник или дете – 7 дена; за смрт на родител, брат, сестра – 5 дена; за смрт на родител на сопружник – 3 дена; за смрт на дедо или баба – 2 дена; за полагање испити за дошколување и оспособување, за потребите на работодавачот или за сопствени потреби – 5 дена; за селидба на семејството од едно во друго место -3 дена; за селидба на семејството во исто место – 2 дена; за елементарни непогоди во случај на поголема материјална штета во домот на живеење – 5 дена; за прв училишен ден на прваче – 1 ден; упис на ученик на работникот во средно училиште надвор од местото на живеење – 1 ден; за развод на брак – 2 дена и доброволно дарување на крв – 2 дена. Работникот – член на Синдикатот, кој е доброволен дарител на крв, има право на 2 последователни слободни работни дена за секое дарување крв. Слободните денови се користат по денот на дарувањето крв. Денот на дарување на крв не влегува во деновите на отсуство. Во наведените случаи од ставот (1) на овој член, отсуството од работа се обезбедува без оглед на барањето на процесот на работа и се користи во деновите на траењето на основот. Ова право на работникот не може да му се ускрати од страна на работодавачот или од него овластено лице. Одлука за платено отсуство од ставот (1) на овој член носи работодавачот или од него овластено лице, врз основа на претходно писмено или електронско барање, од страна на работникот.

Член 69 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор предвидува дека работникот може да користи отсуство од работа без надоместок на плата, најмногу до 3 месеци во календарската година, во следниве случаи: за потребите предвидени во член 68 на овој договор, по барање на работникот – член на Синдикатот, откако го искористил платеното отсуство од работа на кое имал право.

Согласно член 98 став 1 од истиот акт, работникот – член на Синдикатот има право на надоместок за регрес за годишен одмор.

Во член 99 став 4 од оспорениот акт, се уредува дека работникот – член на Синдикатот, во случаите од ставот (1) на овој член има право на надоместок на плата во висина од 15% од износот на неговата основна плата.

Во член 100 од Колективниот договор се предвидува дека работникот – член на Синдикатот, има право на јубилејна награда за непрекината работа кај ист работодавач и тоа за: 10 години работа во висина од 1 просечна месечна плата, 20 години работа во висина од 2 просечни месечни плати, 30 години работа во висина од 3 просечни месечни плати 9 и 40 години работа во висина од 4 просечни месечни плати. Износот на надоместокот за јубилејната награда се исплаќа од средствата на основачот, односно самофинансирачка сметка на работодавачот, во висина на исплатена просечната месечна плата во Република Северна Македонија, исплатена во претходната година, објавена од Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија.

Оспорениот член 101 од Колективниот договор предвидува дека на работникот – член на Синдикатот, може да му се исплати надоместок за вонредно ангажирање и придонес во предучилишно воспитание и образование, преку иновативни и креативни активности во дејноста. Надоместокот од ставот (1) на овој член се исплаќа од самофинансирачка сметка на работодавачот. За висината, критериумите и начинот на исплатата на надоместокот од ставот (1) на овој член, се изготвува интерен акт на ниво на работодавач.

4. Член 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а во став 5 од овој член од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со член 37 од Уставот е определено дека заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатитите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови, и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви пред Уставот и законите. Со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и правото на соодветна заработувачка и право на платен дневен, неделен и годишен одмор, граѓаните да ги става во еднаква правна положба.

Правото на синдикално здружување на работниците, што значи и негово делување, произлегува од самиот Устав, односно од член 37, а воедно и во Законот за работни односи, односно во член 184 е транспонирана уставната одредба за правото на работниците по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси и тие можат да се основаат без какво било претходно одобрување.

Воедно, уставотворецот при утврдување на економските права утврдил дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори што подразбира дека формулацијата „со закон” наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област.

Со Законот за работни односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Според член 185 од Законот, поместен во делот „Доброволност на членство во синдикатот и здружението на работодавачите“, работникот, односно работодавачот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите. Никој не смее да биде ставен во понеповолна положба поради членство или нечленство во синдикатот, односно здружението на работодавачите, односно учество или неучество во дејноста на синдикатот, односно здружението на работодавачите.

Во член 203 од Законот се предвидува дека колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка, односно оддел согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.

Член 205 став 2 од истиот закон уредува дека општиот колективен договор за јавниот сектор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и вработените во јавниот сектор. Според став 3 на истиот член од Законот, колективниот договор на ниво на гранка, односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на Колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Во член 206 од Законот е определено дека со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој закон, се применува колективниот договор.

Согласно член 208 став 1 од Законот за работните односи колективниот договор ги обврзува сите лица кои во времето на склучувањето на колективниот договор биле или дополнително станале членови на здруженијата кои го склучиле колективниот договор. Според став 2 на овој член од Законот колективниот договор ги обврзува и сите лица кои му пристапиле на колективниот договор и сите лица кои дополнително станале членови на здруженијата кои пристапиле на колективниот договор.

Со член 210 став 1 од Законот, се определува дека колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Во член 212 став 4 од Законот, утврдени се условите за определување на репрезентативност на синдикатот, при што репрезентативен синдикат на ниво на гранка, односно оддел е синдикат кој е запишан во регистарот кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработените во гранката ,односно одделот и кои плаќаат членарина.

Во член 1 ставови 1 и 2 од оспорениот колективен договор е предвидено дека „работодавач“ во смисла на овој колективен договор е јавна установа за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата, а „работник“ во смисла на овој договор е секое физичко лице кое е во работен однос на неопределено или на определено работно време, со полно, со пократко од полното и со скратено работно време, врз основа на договор за вработување, односно решение за вработување во детска градинка, односно детско одморалиште.

Член 2 од Колективниот договор предвидува дека со овој договор се уредуваат статусот, правата, обврските, одговорностите, како и други прашања од работен однос на работниците и работодавачите во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата.

Оспорените членови од Колективниот договор предвидуваат права на отсуство од работа, права на отсуство од работа со надоместок на плата, права на отсуство од работа без надоместок на плата, право на регрес на годишен одмор, право на јубилејна награда, право на надоместок за вонредно ангажирање и придонес во предучилишното воспитание и образование само за работниците кои се членови на Синдикатот.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби и одредбите од Законот за работните односи наспрема наводите од иницијативата дека со оспорените членови од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата, одредена група на работници вработени во јавни установи за воспитание и згрижување на деца во предучилишна возраст, кои не се членови на репрезентативен синдикат имаат помали права од работниците кои се членови на синдикат се повредуваат уставните и законските одредби кои се однесуваат на правото на еднаквост, според Судот, се неосновани.

Имено, од анализата на Законот за работните односи, како lex generalis, произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, односно минималните права и со друг закон, колективен договор и договор за вработување, при што со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни. Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон. Правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Во конкретниот случај се работи за Колективен договор на ниво на гранка кој согласно член 205 став 3 од Законот за работните односи се применува непосредно и кој е задолжителен за работодавачите и работниците кои во времето на склучување или дополнително станале членови на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Северна Македонија (СОНК), при што наведениот колективен договор е склучен од страна на репрезентативен синдикат и надлежното министерство, односно Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија. Работниците кои членуваат во репрезентативниот синдикат, согласно член 212 од Законот за работните односи, плаќаат членарина.

Според тоа, Судот оцени дека утврдените права во колективниот договор, кои се предмет на уставно-судска анализа, ги опфаќаат и се однесуваат само на членовите на овој синдикат, од каде барањето на подносителот на иницијативата правата утврдени со колективниот договор да се однесуваат и за работниците кои не се членови на ниту еден синдикат е неосновано. Имено, колективниот договор на ниво на гранка, каков карактер има оспорениот колективен договор, се применува непосредно и истиот е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на Колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Законот за работни односи содржи низа одредби во насока на заштита на работниците поради нивното синдикално здружување заради делување и членување во синдикати. Законот за работни односи, во член 185 став 2, забранува ставање на некој во понеповолна положба поради членување или нечленување во синдикатот, односно здружението на работодавачите, односно учество или неучество во дејноста на синдикатот, односно здружението на работодавачите. Исто така, член 186 кој се однесува на заштита на синдикатот и здружението на работодавачите, уредува неможност, синдикатот, односно здружението на работодавачите да бидат распуштени или нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон, ниту да се ограничи активноста на синдикатот и на нивниот претставник со акт на работодавачот, ако таа е во согласност со закон и колективен договор.

Во член 206 од Законот за работните односи се предвидува дека со колективен договор се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, во врска со правата од работен однос, при што одредбите содржани во колективниот договор се применуваат директно и се задолжителни за сите лица на кои се однесува.

Според Судот, од анализата на оспорените одредби од предметниот колективен договор, неспорно произлегува дека одредбите во Колективниот договор кој е предмет на уставно-судска анализа, а кои се апсолутно императивни и со кои се уредуваат прашањата во врска со засновање на работен однос, распоредување на работници, работното време, паузи, одмори, отсуства, заштитата на безбедноста на здравјето при работа, висината на плата и начинот на нејзиното пресметување, не се на штета на интересите на работниците кои не се членови на Синдикатот. Имено, со оспорените членови од колективниот договор на останатите работници, правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор, не им се одземени, ниту ограничени.

Оттука, на вработените во установите за деца кои не се членови на Синдикатот не им се повредени загарантираните права утврдени со Уставот и законите од причина што предметниот Колективен договор има карактер на грански колективен договор и одредени поповолни правни норми содржани во истиот може да важат само за работниците – членови на Синдикатот, односно истиот има карактер на inter partes и истиот важи само за договорните странки.

Во Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија се утврдени права и поповолни услови за сите работници во јавниот сектор кој е задолжителен за работодавачите и работниците од јавниот сектор без оглед дали се или не се членови на синдикатот, односно секое физичко лице кое засновало работен однос на определено или неопределено работно време, со полно или скратено работно време.

По однос на наводите од иницијативата дека со оспорените одредби од колективниот договор не само што се повредувал Законот за работните односи, туку и Законот за спречување и заштита од дискриминација, Судот оцени дека се неосновани.

Според Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да стане збор за повреда на правата од синдикалното организирање и дискриминација по овој основ од причини што работниците кои се членови на синдикат и имаат одредени права наспрема работниците кои не се членови на тој синдикат и оттука истите не се во иста или слична положба.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.107/2022
25.01.2023 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска