У.бр.10/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 29 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 234 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. М-р Светислав Стојаноски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „оспорената одредба од членот 234 од Законот за извршување, (1) со тоа што определува преклузивен рок од шест месеци да се поднесе барање за извршување од страна на работникот, претставува повреда на владеењето на правото што е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, (2) со тоа што оспорената одредба од членот 234 од Законот за извршување директно му го повредува правото на работа на работникот кој е вратен на работа со правосилна и извршна пресуда а која пресуда е донесена во постапка за заштита на правата од работен однос во согласност со член 181 став 5 од Законот за работни односи каде му се обезбедува судска заштита на работникот, а дотолку повеќе што начелото во член 2 став 1 од Законот за извршување предвидува дека основ за извршување претставува правосилна и извршна пресуда – извршна исправа, и имено (3) во член 368 став 1 од Законот за облигационите односи јасно е наведено дека секое побарување, парично или непарично, утврдено во правосилна судска одлука застарува за десет години па дури и оние за кои со закон е предвидено пократок рок на застареност, од погоре цитираните законски одредби се извлекува заклучок дека работникот има право да поднесе барање за извршување во рок од десет години откако се стекнал со право да поднесе такво барање, а оспорената одредба од членот 234 од Законот за извршување, како што беше наведено претходно, тоа право го ограничува со преклузивен рок од шест месеци. Со оглед на тоа дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, и поради горе наведените причини, сметаме дека одредбата од членот 234 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72 од 12.04.2016 година) не е во согласност со Уставот, односно со член 8 став 1 алинеја 3, понатаму со член 32 и член 51 од Уставот на Република Македонија“.

Подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 234 од Законот за извршување.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) има три дела:
Дел први насловен како „Основни одредби“ (членови 1-11),
Дел втори насловен како „Извршување“ (членови 12-244) и
Дел трети насловен како „Испит, прекршочни, преодни и завршни одредби“ (членови 245-269).

Делот втори насловен како „Извршување“, во кој е систематизиран оспорениот член 234 од Законот, има четири раздели:
– Раздел први насловен како „Заеднички одредби“ (членови 12-82),
– Раздел втори насловен како „Спроведување на извршувањето“ (членови 83-93),
– Раздел трети насловен како „Извршување заради наплата на парично побарување“ (членови 94-219) и
– Раздел четврти насловен како „Извршување заради остварување на непарично побарување“ (членови 220-244), во кој раздел е распореден и оспорениот член 234 од Законот.

Понатаму, Судот утврди дека оспорениот член 234 од Законот гласи: „Барање за извршување на извршната исправа според која работодавецот е должен работникот да го врати на работа или одново да му ги довери работите што ги вршел порано, може да се поднесе во рок од шест месеци од денот кога работникот стекнал право да го поднесе тоа барање.“

4. а) Според член 32 став 5 од Уставот, „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат и со закон, покрај со колективните договори.

б) Во членот 5 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018) се определуваат дефинициите за „работниот однос“, „работник“ и „работодавач“.

Според став 1 точка 1 од наведениот член, “„работниот однос“ е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот“. Потоа според точка 2, “„работник“ е секое физичко лице кое е во работен однос врз основа на склучен договор за вработување“. Според точка 6, пак, “„работодавач“ е правно и физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кои вработуваат работници врз основа на договор за вработување“.

Во членовите 30-39 од Законот за работните односи се определуваат обврските на работникот.

Членовите, пак, 40-55 од истиот закон се однесуваат на обврските на работодавачот.

Членот 181 од Законот е посветен на остварување на правата кај работодавачот и судска заштита на тие права.

Притоа, во ставот 2 се определува дека: „Ако работникот смета дека со писмена одлука на работодавачот е прекршено неговото право, има право во рок од осум дена од врачувањето на одлуката со која било прекршено правото, да бара од работодавачот истото да го отстрани.“

Според став 3 од истиот член, „Ако работодавачот во натамошниот рок од осум дена по врачувањето на писменото барање на работникот не ги исполни своите обврски од работниот однос, односно не го отстрани кршењето на правото, работникот може во рок од 15 дена да бара судска заштита пред надлежниот суд.“

Ставот 4 од наведениот член од Законот пропишува дека: „Против одлуката за отказ на договор за вработување работникот има право на приговор до органот на управување, односно работодавачот, во рок од осум дена од добивањето на одлуката за отказ на договорот за вработување.“

Во ставот 5 се предвидува дека: „Кога не е донесена одлука по приговорот, во рок од осум дена од денот на поднесувањето на приговорот или кога работникот не е задоволен со одлуката донесена по приговорот, во рок од 15 дена од денот на добивањето на одлуката по приговорот, работникот има право да поведе спор пред надлежниот суд.“

Ставот 6 определува дека: „Без оглед на роковите од ставовите 2 и 3 на овој член работникот може паричните побарувања од работниот однос да ги остварува непосредно пред надлежниот суд.“

Според став 7, „Неизбраниот кандидат за вработување кој смета дека при изборот била прекршена забраната на дискриминација, во рок од 15 дена од приемот на известувањето од страна на работодавачот може да бара надомест на штета пред надлежниот суд.“

Од изнесените законски одредби произлегува дека Законот за работните односи, со дефинирањето на правните категории „работен однос“, „работник“ и „работодавач“ (член 5), определил јавно-правно значење на односот меѓу работникот и работодавачот во врска со работата, при што двата субјекти имаат законски утврдени обврски (членовите 30-39 за работникот, односно членовите 40-55 за работодавачот), а во случај на повреда на правата на работникот или работодавачот Законот за работните односи ја пропишал постапката во рамките на работодавачот и пред суд, определувајќи притоа кратки рокови од осум и 15 дена за остварување на правата од работниот однос (член 181).

в) Понатаму, Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015) содржи посебни одредби за „Постапка во спорови од работните односи“ (членови 404-409).

Според член 405 став 1 од Законот, „Во постапката во споровите од работните односи, а особено при определувањето на роковите и рочиштата, судот секогаш ќе обрне посебно внимание на потребата од итно решавање на работните спорови.“

Во разработка на определбата за итно решавање на работните спорови, во ставот 2 од истиот член се определува дека: „Во постапката во споровите од работните односи рокот за одговор на тужба е осум дена.“

Понатаму, во ставот 3 од истиот член се пропишува дека: „Во споровите од работните односи кои се однесуваат за престанок на работниот однос, рочиштето за главна расправа мора да се одржи во рок од 30 дена од денот на приемот на одговорот на тужбата.“

Според став 4, „Во постапката во споровите од работните односи, постапката пред првостепениот суд мора да се заврши во рок од шест месеци од денот на поднесувањето на тужбата.“

Покрај тоа, во ставот 5 се предвидува дека: „Во постапката во споровите од работните односи, второстепениот суд е должен да донесе одлука по жалба поднесена против одлуката на првостепениот суд во рок од 30 дена од денот на приемот на жалбата, односно во рок од два месеца доколку пред второстепениот суд се одржи расправа.“

Во членот 408 од Законот, пак, се определува дека: „Судот во пресудата со која наложува извршување на некое чинење ќе определи рок од осум дена за негово извршување.“

Според член 409 од Законот, „рокот за поднесување жалба изнесува осум дена“ (став 1). „Од важни причини кои мораат да бидат образложени, судот може да одлучи жалбата да не го задржува извршувањето на одлуката“ (став 2).

Од изнесените одредби на Законот за парничната постапка произлегува дека овој закон со посебни одредби уредил дел од постапката пред суд во спорови од работните односи (членови 404-409), при што пропишал начелна обврска за судот итно да ги решава работните спорови (член 405 став 1), односно рокот за одговорот на тужбата да биде осум дена (член 405 став 2), првостепената одлука да биде донесена за шест месеци (член 405 став 4) а второстепената одлука за 30 дена или два месеци при одржување на расправа (член 405 став 5), потоа жалбата против првостепената одлука да може да се поднесе во рок од осум дена (член 409 став 1), дури првостепениот суд може да определи жалбата да не го одлага извршувањето на првостепената одлука (член 409 став 2) и пресудата да мора да се изврши во рок од осум дена (член 408). Во однос на работен спор поврзан со престанок на работниот однос, Законот определил главната расправа да мора да се одржи во рок од 30 дена од приемот на одговорот на тужба (член 405 став 3).

Според тоа, Законот за парничната постапка, пропишувајќи посебни правила за постапувањето пред суд во споровите од работните односи, исто така утврдил јавно-правно значење на односот меѓу работникот и работодавачот во врска со работата, при што определил кратки рокови од осум и 30 дена односно два месеци, како и шест месеци за завршување на работниот спор, со што пропишал брзо решавање на работните односи.

г) Таквото јавно-правно значење на работните односи и таквата уреденост на постапката во рамките на работодавачот и пред суд при евентуален работен спор меѓу работникот и работодавачот во врска со работата, има континуитет и во членот 234 од Законот за извршување. Имено, оваа законска одредба, со определувањето (1) за извршната исправа односно судската пресуда, која е правосилна и извршна и која се однесува на враќање на работникот на работа после престанок на работниот однос или на враќање на работникот на работите кои ги вршел пред прераспоредувањето, (2) да може да се бара нејзино извршување во рок од шест месеци, исто така значи брзо решавање на работниот спор и воспоставување на вообичаени работни односи меѓу работникот и работодавачот во врска со работата.

д) Оттука произлегува дека одредбите од Законот за работните односи, Законот за парничната постапка и оспорената одредба од Законот за извршување, а кои одредби се однесуваат на кратките рокови во врска со правата од работните односи, претставуваат заокружена и доследна целина која има легитимна цел односно општествена оправданост (стабилни односи во работата), неопходност (потребни се такви односи во работата), соодветност и пропорционалност (начинот и количината на пропишаните рокови соодветствуваат на целта), поради што Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласноста на член 234 од Законот за извршување со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 32 и 51 од Уставот, на кои упатува подносителот на иницијативата.

5. Што се однесува до наводот од иницијативата дека рокот, за поднесување на барање за извршување на извршна исправа која има содржина каква што е определена во членот 234 од Законот за извршување, требало да биде десет години согласно член 368 став 1 од Законот за облигационите односи, Судот смета дека (1) во содржинска смисла тие законски одредби уредуваат различна материја (извршување на правосилна и извршна судска пресуда од сферата на работните односи, од една страна, и договорни односи во сферата на промет со стоки и услуги, од друга страна) и дека (2) во формална смисла односот меѓу норми од правни акти со исто хиерархиско ниво (во случајов два закони) не се во надлежност на Уставниот суд, поради што тој навод од иницијативата нема правна релевантност за поинакво одлучување на Судот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претсесателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.10/2018
29 мај 2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски