У.бр.101/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 точка 12 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2021).

2. Николче Мушаревски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 13 точка 12 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорената одлука е определено дека се забранува влез во објекти и делови од објекти наведени во одлуката, без поседување и приложување на: сертификат/ потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза од вакцина против заразната болест COVID-19 и сертификат/потврда за прележан COVID-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Понатаму, подносителот ја цитира содржината на член 13 точка 12 од Одлуката, при што констатира дека предвидената забрана подразбирала забрана за влез и во банки, државни институции, школи, маркети, градинки, судови итн. Оттука произлегувало погрешно номотехничко пишување на наведената точка бидејќи почетокот на точката 12 содржи забранувачка диспозиција: „Се забранува влез во секаков вид објекти од отворен и затворен тип“, после доаѓал интерпункцискиот знак запирка, па после се наведуваат другите објекти.

Ако доносителот на Одлуката сакал да дефинира конкретно во кои објекти се забранува влез, на пример објекти од областа на угостителството, приредувањето на игри на среќа, бензиски пумпи, објекти каде се одржуваат конференции, работилници итн, без разлика дали истите се од затворен или отворен тип,тогаш во точката 12 не требало да стои делот:„во секаков вид објекти од отворен и затворен тип“. Ова било така затоа што од номотехнички аспект делот „во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип“ не значело дефинирање или појаснување за објектите наведени во останатиот дел на точка 12, што според подносителот придонесувало за уште повеќе таа да биде извор на забуни во правниот поредок што резултирало со повреда на правата и слободите.

Во натамошниот текст на поднесокот, подносителот ги цитира одредбите од член 8 став 1 алинеја 1, член 9 став 1, член 16 став 1, член 27 став 1 и член 54 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 и 33 од Законот за заштита на населението од заразни болести и наведува дека оспорената одлука е спротивна на одредбите од Уставот и посочениот закон.

Според подносителот, Уставот на Република Северна Македонија определувал дека граѓаните се еднакви во своите права и слободи без разлика на општествената положба. Денес реалност била дека поголем број од населението во Македонија не било вакцинирано против COVID-19 што е нивно уверување дека не сакаат да се вакцинираат. Понатаму, Уставот го гарантирал слободното движење на сите граѓани на територијата на Републиката, но оспорената одлука го дерогирала ова право за невакцинираните граѓани. Слободите и правата можеле да се ограничат, но само во услови на воена или вонредна состојба како што било дефинирано во членот 54 од Уставот. Факт било дека во Македонија од денот на влегување во сила на оспорената одлука немало прогласено воена или вонредна состојба. Според подносителот оваа дерогација или ограничување би имале правна основа само во случај тоа да е предвидено и со закон како што предвидувал членот 27 од Уставот. Во Законот за заштита на населението од заразни болести не била пропишана мерка, обврска или друг механизам со кои е забранет влез во одредени објекти на граѓани кои не се вакцинирани против COVID-19 и кои не прележале COVID -19 , а ниту било пропишано дека вакцинирањето е задолжително. Оттука, кога вакцината против COVID-19 не била задолжителна, не можеле да се ограничуваат слободите и правата на невакцинираните граѓани. Според тоа ако вакцинирањето не е задолжително, се давала можност на граѓаните самите по сопствено уверување и убедување да одлучат дали ќе се вакцинираат или нема да се вакцинираат. Кога од една страна на граѓаните им се давало право на избор не можело од друга страна за тој избор да сносат последици во смисла на ограничување на нивните права, ограничување на слободата на движење итн. Интенцијата на Законот за заштита на населението од заразни болести била да се има контрола, односно, да бидат под контрола, надзор болните и заразените лица, а не и за здравите лица односно за незаразените. Спротивно на тоа, се правело ограничување за здравите лица, за лица за кои не се знае дали се заразени или не.

Понатаму, подносителот на иницијативата го изнесува официјалниот став на Министерството за здравство според кое вакцинираните лица и ревакцинираните лица против COVID-19 може да бидат заразени и да се преносители на заразата од COVID-19. Според официјалниот став на Светската здравствена организација вакцините од COVID-19 не ги штитат во целост вакцинираните лица и тие може да се заразат и да бидат преносители на заразата. Според македонските здравствени власти и според светската здравствена организација, вакцините против COVID-19 не спречуваат пренесување на заразата од COVID-19, ниту меѓу вакцинираните со двојни дози (ревакцинирани). Кога тоа е така и доколку здравствените власти сакаат да ги заштитат сите граѓани од заразување и компликации од заразувањето, медицински оправдано правилно, целисходно и правно основано би било со прогласување на вонредна состојба да забранат влез на одреден временски период во наведените објекти од оспорената одлука на сите граѓани без разлика каков вакцинален статус имаат или да им се забрани влез само на заразените лица кои се позитивни на COVID-19.

Оттука, според подносителот, во правниот промет не требало и не можело да опстане правен акт со којшто се ограничуваат основните слободи и права на граѓаните, а притоа тој акт не само што немал правен основ ниту во Уставот ниту во закон, туку бил спротивен на нив. Исто така, не можело да опстојува правен акт кој бил извор на забуни. За принципот на правна сигурност како дел од темелната вредност – владеење на правото, од суштествена важност било меѓу другото, правниот поредок да содржи норми коишто се применливи без да бидат извор на можни забуни во примената што може да резултира со повреда на правата и слободите.

Поради изнесеното, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2021) и да донесе одлука со која истата ќе ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 13 точка 12 од Одлуката е предвидено дека: „Се забранува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се забранува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители / гости / лица, без поседување и приложување на еден од следните документи:

– сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест COVID-19 и
– сертификат/потврда за прележан COVID-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Сертификатот/потврдата од ставот 1 алинеи 1 и 2 од оваа точка, не се однесува за лица под 18 годишна возраст.

Наредената мерка од ставот 1 од оваа точка, задолжително се применува и за влез во затворениот дел од моловите на територијата на Република Северна Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата назависно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви

Согласно член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште (став 1).

Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката (став 2).

Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, со кој се признаваат некои права и слободи кои не се наведени во Конвенцијата и во Протоколот број 1 кон Конвенцијата, во членот 2 со наслов „Слобода на движење“ предвидел:

„1. Секое лице кое законски се наоѓа на територијата на една држава, има право слободно да се движи во неа и слободно да го избере своето место на престојување.
2. Секое лице е слободно да ја напушти која и да е земја вклучувајќи ја и својата.
3. Остварувањето на тие права може да биде предмет само на оние ограничувања кои се предвидени со закон и кои претставуваат неопходни мерки во интерес на националната безбедност, јавната безбедност, одржување на јавниот ред, спречување на кривични дела, заштита на здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество.
4. Правата признати во првиот став можат да бидат предмет и на ограничувања во некои области доколку таквите со закон предвидени ограничувања ги оправдува јавниот интерес на едно демократско општество.“

Со член 39 став 2 од Уставот е утврдено право, но и должност на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015, 37/2016, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.257/2020) се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести.

Според член 2 точки 1), 4), 5) и 9) од Законот,

1) „заразна болест“ е заболување предизвикано од биолошки агенс (бактерии, вируси, паразити, габи) или нивни токсини кое може на директен или индиректен начин да се пренесе на луѓето;
4) „епидемија“ е пораст на заболувања од одредена заразна болест кој по време и место го надминува вообичаениот број на случаи во претходниот период, како и невообичаено зголемување на бројот на заболените со компликации или смртен исход, појава на две или повеќе меѓусебно поврзани заболувања од заразна болест која никогаш или повеќе години не се појавила на едно подрачје или појава на поголем број заболувања од непознат причинител што ги следи фебрилна состојба;
5) „носителство“ е состојба кога лице излачува патогени агенси и може да биде извор на зараза, иако лицето не е болно;
9) „карантин“ е изолација што се состои од ограничување на движењето на болни или на сомнително болни или на контакти со болни од одредени болести со висок ризик, во наменски простории каде што ризикот од ширење на инфекциите е намален на најниска можност, во присуство на персонал кој користи соодветни заштитни средства и со посебен режим на движење и однесување.

Со членот 4 од Законот, е уредено дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување, а според членот 5 од Законот, заштитата од заразни болести се остварува преку планирање, организирање, постојано следење на епидемиолошката состојба и спроведување на мерките пропишани со овој закон, како и на надзор и контрола над спроведените мерки.

Според членот 11 од Законот, заштитата на населението од заразни болести опфаќа општи и посебни мерки за спречување на појавата, раното откривање, спречувањето на ширење и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите.

Според членот 13 од Законот, посебни мерки за заштита на населението од заразни болести се: 1) откривање на извори на зараза (заболени или носители) и поставување на етиолошка дијагноза; 2) пријавување на заразните болести; 3) епидемиолошки истражувања; 4) изолација, здравствен надзор, карантин, превoз и задолжително лекување; 5) имунопрофилакса и хемиопрофилакса; 6) дезинфекција, дезинсекција и дератизација; 7) спроведување на здравствено-хигиенски прегледи; 8) следење на интрахоспиталните инфекции и преземање мерки за нивно превенирање и 9) здравствена едукација.

Членот 28 од Законот е посветен на мерките: изолација, здравствен надзор, карантин, превoз, задолжително лекување и времени мерки за спречување на внесување и ширење на заразни болести.

Според овој член од Законот,

1. Лицата кои се заболени од заразни болести кои можат непосредно да се пренесат на други лица се изолираат во текот на лекувањето.
2. Лицата заболени од колера, цревен тифус и паратифус, чума, антракс, бруцелоза туберкулоза, лепра, тетанус, дифтерија, менингококна болест, гасна гангрена, болеста од ХИВ, легионерска болест, повратна треска, пегав тифус, Брил-Зинцерова болест, детска парализа, беснило, вирусен енцефалит пренесен со крлежи, други вирусни енцефалити, жолта треска, хеморагични трески, маларија и лајшманијаза задолжително се лекуваат во здравствени установи за лекување на заразни болести.
3. Лицата заболени од корона-вирус COVID-19 задолжително се лекуваат во јавни здравствени установи.
4. По исклучок од ставот 3 на овој член, лицата заболени од коронавирус COVID-19, по медицински индикации, се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови.
5. Доколку во јавните здравствени установи од ставот 3 на овој член, се исполнети капацитети за лекување на лицата заболени од коронавирус COVID-19, доколку кај лицата примени во приватната здравствена установа во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на причинителот SarsCov-2 вирус за заразната болест коронавирус COVID-19 во нивниот организам, како и во други случаи (недостиг на здравствени работници, здравствени соработници и други вработени лица во јавната здравствена установа и слично), по претходно дадена согласност од страна на Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.
6. Заради спречување на ширењето и сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението, можат да се наредат следниве времени мерки:

1. Носењето лична заштита на лицето (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично) при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично), освен:
1. при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);
2. при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница;
3. при престојување во двор на семејна куќа, сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница;
4. при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);
5. ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место;
6. ако лицето е помладо од 6 годишна возраст (дете) и
7. ако лицето има специфична здравствена состојба, е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.

2. Задолжителна самоизолација при тестирање за коронавирус COVID-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен;

3. Забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието и

4. Други мерки утврдени со закон.

7. Мерките од ставот 6 на овој член траат додека постои опасност од ширење на епидемијата.

8. Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерството за здравство одлучува кои од мерките од ставот 6 на овој член ќе се применат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период.

9. Во здравствените установи за лекување на заразните болести задолжително се изолираат и лицата за кои се сомнева дека боледуваат од колера, чума, вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg), детска парализа и дифтерија. За заболени од белодробна чума и вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg) кои се пренесуваат од човек на човек, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин). Лицата кои се заболени од други заразни болести, по медицински индикации, се лекуваат и изолираат и во други здравствени установи или домашни услови, доколку за тоа постојат услови.

10. Во здравствените установи за лекување на заразните болести задолжително се изолираат и лицата за кои се сомнева дека боледуваат од колера, чума, вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg), детска парализа и дифтерија.

11. За заболени од белодробна чума и вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg) кои се пренесуваат од човек на човек, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин).

12. Лицата кои се заболени од други заразни болести, по медицински индикации, се лекуваат и изолираат и во други здравствени установи или домашни услови, доколку за тоа постојат услови.

Според членот 29 од Законот, на лица кои биле или се сомнева дека биле во контакт со болен од белодробна чума и вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg) кои се пренесуваат од човек на човек, им се одредува строга изолација (карантин).

Одлука за карантин, местото на карантинот и времетраењето на карантинот донесува министерот на предлог на Комисијата за заразни болести.

Со членот 58 од Законот, е определено дека, кога со мерките пропишани со овој закон не е можно во Република Македонија да се спречи внесување и ширење на одредени заразни болести, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството може да ги нареди следниве мерки:
1) да одреди услови за патување, како и мерки и услови при враќање од држава каде што постои можност за заразување со посебно опасни заразни болести;
2) да забрани патување во држава каде што постои можност за заразување со посебно опасни заразни болести;
3) да воспостави посебен режим на движење или да забрани движење на населението во заразените, односно загрозените подрачја;
4) да забрани собирање на населението на јавни собири, во кино сали, училишта, јавни објекти, локали и други јавни места, додека трае опасноста од ширење на заразната болест;
5) да ограничи или забрани промет на одделни видови на стоки и производи и
6) други мерки пропишани со овој закон.

Од погоре наведеното произлегува дека со Законот за заштита на населението од заразни болести предвидени се повеќе мерки со цел спречување на ширењето и сузбивање на заразни болести.

5. Тргнувајќи од одредбите од член 8 став 1 алинеја 1, членот 9, член 16 став 1, член 27 став 1 и членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија на кои се повикува подносителот на иницијативата, Уставот ги гарантира слободите и правата на граѓаните, но истовремено предвидува и исклучоци со кои се ограничуваат истите заради остварување на многу повисоки цели, а тоа е заштита на здравјето на луѓето како најголема вредност во општественото живеење. Во таа насока е и уставната одредба која предвидува право, но и должност на граѓанинот да го чува и унапредува не само сопственото здравје, туку и здравјето на другите.

Во насока на операционализација на наведените уставни одредби, со Законот за заштита на населението од заразни болести е предвидена можност токму заради заштита на здравјето на луѓето да се преземат мерки кои значат ограничување но не и суспендирање на некои слободи и права на граѓаните, а заради заштита на населението.

Имено, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Владата на Република Северна Македонија како доносител на Одлуката, а врз основа на направена анализа од органите од областа на здравството, а имајќи ги предвид и препораките на СЗО која на глобално ниво ги следи состојбите во сферата на здравството, придржувањето на истите е повеќе од целисходно, а особено кога на глобално ниво има ширење на нова непозната болест, како што е случајот COVID-19, оценет како опасен вирус и со тенденција на брзо ширење меѓу светската популација. Следствено, на тоа кога предвидените мерки, наредените мерки, наменските протоколи, планови и алгогоритми ќе се исцрпат во својата општествена оправданост, односно во целисходноста од нивната примена, нереални се очекувањата за објективна прогноза во однос на тоа до кога националните власти во земјите зафатени со COVID-19, ќе ги применуваат мерките. Секоја земја, па вклучувајќи ја и нашата, самостојно и суверено одлучува за траењето на мерките кои ги воспоставува, односно истите да ги укине, но и повторно да ги воведе во зависност од интензитетот на заразата.

При заземањето на наведениот став, Судот имаше предвид дека со Законот за заштита на населението од заразни болести не е пропишана мерка дека вакцинацијата против COVID-19 e задолжителна, од каде е оставено на индивидуата самата да одлучи дали ќе прима вакцина. Притоа, давањето на избор на граѓанинот сам да одлучи дали ќе се вакцинира или не секако дека не треба да се толкува дека овие лица кои не сакаат да се вакцинираат можат слободно во секое време и секаде да престојуваат во услови на светска пандемија и во услови кога бројот на заболени и починати енормно се зголемува.

Според тоа, Судот оцени дека предвидените мерки во оспорениот член 13 точка 12 од Одлуката се легитимни, општествено оправдани и разумни во услови на опасност од загрозување на јавното здравје.

6. Врз основа на наведеното, Судот оцени дека наводите изнесени во иницијативата се неосновани, поради што одлучи како во точката 1 од оваа решение.

7. Ова решение Судот го донесе состав од претседателот на Судот Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.101/2021
16 февруари 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска