97/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 20 став 3 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Васил Велковски од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред судот се постави прашањето за нејзината согласност со уставните начела за владеење на правото и за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, утврдени во член 8 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 11 од Законот за домување во случај на вселување на лице во стан без склучен договор за закуп, сопственикот на станот има право да го врати правото на владение на станот по предходно побарана помош од органот надлежен за внатрешни работи, без водење на управна, односно судска постапка. Според член 20 од истиот закон, договорот за закуп престанува со истекот на времето за кое е склучен. По истекот на времето на кое е склучен договорот, закупецот е должен да го испразни станот. Според оспорениот став 3 од овој член по истекот на времето на кое е склучен договорот закуподавачот може да го поврати правото на владение на станот на начин утврден со членот 11 од овој закон.

Судот, исто така, утврди дека со Одлука У.бр.217/98 од 12 мај 1999 година го укина членот 11 од Законот за домување затоа што оцени дека не е во соглансост со уставниот принцип за владеење на правото и уставниот принцип за поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Според мислењето на Судот, и покрај тоа што со оспроената одредба на сопственикот на станот му се дава можност преку институтот за самопомош да го врати нарушеното владение врз станот, оваа одредба не ги содржи условите и роковите за самопомош утврдени со правилата на Законот за основните сопственосно-правни односи и Законот за облигационите односи, поради што Судот оцени дека не е во согласност со уставното начело за владеење на правото утврдено со членот 8 алинеја 3 од Уставот.

Исто така, Судот смета дека овластувањето на органот за внатрешни работи да пружа помош на сопственикот при враќањето во владение на станот, без одлука на надлежен орган го доведува во прашање уставниот принцип за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска поради што оцени дека оваа одредба не е во согланост и со овој уставен принцип утврден во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

Од истите причини, со оглед на тоа што оспорената одредба на член 20 став 3 од Законот упатува на неговиот член 11, Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со наведените уставни принципи.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.97/99
7 јули 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков