93/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Уредбата за условите за вршење на безбеден и уреден јавен воздушен превоз („Службен весник на Република Македонија“ бр.73/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.93/2007 од 20 јуни 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за воздухпловство.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената Уредба е донесена од Владата на Република Македонија врз основа на член 33 став 1, а во врска со член 3 од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2006).

Оспорената Уредба за условите за вршење на безбеден и уреден јавен воздушен сообраќај содржи 27 (дваесет и седум) члена, во чиј член 1 се предвидува дека со оваа уредба се пропишуваат условите што треба да ги исполнува правното лице (превозникот) што врши јавен воздушен превоз заради безбедност и уредност на јавниот воздушен превоз.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едниод темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за ивршување на законите.

Со членот 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000) се предвидува дека со овој Закон се уредуваат организацијата, начинот на работа и надлежноста на Владата на Република Македонија.

Според член 35 од овој закон за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, программи, решенија и заклучоци.

Согласно член 36 став 2 од истиот закон, со уредба Владата го уредува извршувањето на законите, утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија како носител на извршната власт, со закон може да се овласти да го уредува извршувањето на законите, односно да донесува акти за извршување на законите и дека со тие акти може само да се утврдуваат и разработуваат одделни одредби од законите заради нивно извршување, а не да се утврдуваат права и обврски на граѓаните и правните лица и да се пропишува надлежноста на други органи. Ова од причина што правата и обврските на граѓаните и правните лица, како и надлежностите на органите на државната власт согласно Уставот, може да се утврдуваат со закон, а не со подзаконски акт.

Оспорената Уредба за условите за вршење на безбеден и уреден јавен воздушен превоз, е донесена на седница на Владата одржана на 7 јуни 2006 година, врз основа на член 33 став 1, а во врска со член 3 од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2006).

Членот 33 став 1 од Законот за воздухопловство кој е основ за донесување на оспорената Уредба е содржан во Трет дел од Законот во точка II со наслов „Услови за вршење на воздушен сообраќај“ и во точки 1.1. со наслов „Услови за вршење на јавен воздушен сообраќај.

Според членот 33 од овој закон, заради безбедност и уредност на јавниот воздушен превоз, правното лице што врши јавен воздушен превоз (во понатамошниот текст: превозник) мора да ги исполнува условите пропишани од Владата на Република Македонија.

Тргнувајќи од ваквото овластување во законската одредба како основ за пропишување на условите, Владата на Република Македонија ја донела сега оспорената Уредба во која се пропишуваат условите што треба да ги исполнува правното лице (превозник) што врши јавен воздушен превоз заради безбедност и уредност на јавниот воздушен превоз (член 1).

Собранието на Република Македонија на својата седница одржана на 21 февруари 2007 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за воздухопловство, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007. Со изменувањето и дополнувањето на овој закон во членот 11 од истиот Закон, основот врз основа на кој сега оспорената одредба била донесена, односно членот 33 во целост се менува и истиот гласи:

„(1) Заради безбедност и уредност на јавниот воздушен превоз, правното лице што врши јавен воздушен превоз (во натамошниот текст: превозник), треба да има потребен персонал, воздухоплови, опрема, како и да исполнува други посебни услови неопходни за безбедно и уредно работење. Начинот на вршење на јавен воздушен превоз, како и посебните услови во однос на потребниот персонал, воздухопловите, опремата и другите посебни услови неопходни за безбедно и уредно работење ги пропишува Владата на Република Македонија.
(2) На превозникот кој ги исполнува условите од ставот (1) на овој член, Агенцијата му издава, продолжува или обновува уверение за работа. Уверението за работа не дава права за пристап до специфични рути и пазари.
(3) Агенцијата нема да издаде, продолжи или обнови уверение за работа или да дозволи да биде во важност доколку условите од ставот (1) на овој член не се исполнети, за што донесува решение.
(4) На превозникот кој ќе престане да ги исполнува условите од ставот (1) на овој член, Агенцијата ќе му го суспендира уверението за работа за период кој не може да биде подолг од 60 дена. Ако превозникот во определениот рок не ги исполни условите, Агенцијата ќе му го одземе уверението за работа, за што донесува решение.
(5) На превозникот основан во земја членка на Европската заедничка воздухопловна облст нама да му се дозволи на територијата на Република Македонија, да врши јавен воздушен превоз за надомест, доколку не поседува соодветно уверение за работа (Operating licence) издадено од соодветната земја членка.
(6) Уверението за работа е во важност се додека превозникот ги исполнува условите од ставот (1) на овој член. Агенцијата може да направи ревизија на исполнетоста на условите од ставот (1) на овој член, една година по одобрувањето на уверението за работа, а потоа на секои пет години.
(7) Кога превозниккот ќе престане да работи шест месеца или нема да започне со работа шест месеца по одобрувањето на уверението за работа, е должен повторно да поднесе барање за добивање уверение за работа до Агенцијата.
(8) Во случај на промена на еден или повеќе елементи кои влијаат на правниот статус во превозникот (преземање, спојување или поделба), тој е должен уверението за работа повторно да го поднесе на одобрување.
(9) Уверението за исполнување на безбедносни услови за вршење на јавен воздушен превоз (Air Operator Certificate-AOC) е исправа која му се издава на правно лице, во постапка за издавање на Уверение за работа за вршење на јавен воздушен превоз, со која се потврдува дека правното лице поседува професионална способност и организациона поставеност кој гарантира безбедно летање на воздухопловот/те вклучен/и во воздухопловни активности наведени во уверението.
(10) Издавањето, продолжувањето, обновувањето и постојаната важност на уверението за работа (Operating licence) мора во секое време да зависат од поседување на важечко уверение за исполнување на безбедносните услови (Air Operator Cerificate-AOC) кое е во согласност со активностите наведени во уверението за работа.
(11) Формата, содоржината, евиденцијата и начинот на издавање, продолжување, обновување и промена на уверенијата од ставовите 2 и 9 на овој член ги пропишува Агенцијата“.

Од анализата на содржината на наведената законска одредба, а во корелација, со претходната содржина на членот 33 од Законот, кој всушност е основа за донесување на оспорената Уредба, според Судот, се доаѓа до констатација дека истиот содржински, целосно е изменет, поради што е неопходно и изменување на оспорената Уредба и нејзино целосно усогласување со важечката правна регулатива, односно со изменетиот член 33 од Законот.

Оттука, при постоење на вака изменета правна состојба, Судот оцени дека оспорената Уредба не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со владеењето на правото и правната сигурност и со членот 33 став 1 од Законот за воздухопловство.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.93/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи