89/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Решението бр.12-3654 од 21 мај 1996 година, донесено од Министерот за здравство.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Јулијана Масларкова од Скопје, со решение У.бр.89/97 од 2 јули 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на овој акт со одредбата од членот 52 од Уставот на Република Македонија и со одредбите од Законот за органите на управата и Законот за здравствената заштита.

4. На седницата Судот утврди дека оспореното решение е донесено од Министерот за здравство во врска со членот 15 од Правилникот за условите и начинот на упатување на осигурениците на лекување во странство. Со членот 1 од ова решение се дава овластување на второстепените лекарски комисии за оценка на привремена спреченост за работа во подрачните служби во Скопје, Битола и Титов Велес да одлучуваат по барањата за надомест на трошоците за здравствени услуги остварени во странство, без решение за упатување на лекување во странство, согласно членот 15 од Правилникот. Во членот 2 од решението е определена месната надлежност на второстепените лекарски комисии во предметите за надомест на трошоците за здравствените услуги остварени во стрнство без решение за упатување на лекување во странство. Во членот 3 е определено дека комисијата има задача да ги разгледа предметите за користени здравствени услуги во странска здравствена установа остварени без решение за упатување на лекување во странство и дека може да признае дел од трошоците до висината на утврдената цена за соодветната здравствена услуга утврдени со Ценовникот за здравствените услуги на Република Македонија, кога истата би била пружена во Република Македонија, со тоа што разликата на цената на здравствените услуги и патните и дневни трошоци паѓаат на товар на осигуреникот. При тоа, комисијата може да признае дел од трошоците врз основа на приложено конзилијарно мислење за потребата од таквото лекување во странство издадена од соодветната клиника, потребната медицинска документација и доказ за направените трошоци. Во членот 4 е утврдена висината на надоместокот за работењето на комисијата. Во член 5 е определено дека ова решение важи од денот на донесувањето. Оспореното решение не е објавено во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Правото на лекување во странство е утврдено со одредбата од член 44 од Законот за здравствена заштита (“Сл. весник на Република Македонија, бр.38/91, 46/93 и 55/95), според која, осигуреникот има право на лекување во странство под услови и на начин утврдени со општ акт на Министерството за здравство, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување.

Врз основа на ваквото законско овластување, министерот за здравство го донел Правилникот за условите и начинот на упатување на осигурениците на лекување во странство (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/92, 11/92, 32/92 и 48/92), како општ акт кој што го регулира остварувањето на правото на осигурениците на лекување во странство. Со овој Правилник се утврдени условите под кои осигуреникот се упатува на лекување во странство, начинот на упатување на лекување во странство и трошоците за лекување во странство.

Во членот 15 од Правилникот е предвидено дека ако осигуреникот на Фондот за здравствено осигурување е лекуван во странска здравствена установа без решение за упатување на лекување во странство, Фондот за здравствено осигурување може да му признае дел од трошоците до висина на утврдената цена за соодветната здравствена услуга, а разликата на цената на здравствените услуги и патните и дневни трошоци ги поднесува осигуреникот.

Оваа одредба од членот 15 од Правилникот претставува исклучок во поглед на сите останати одредби од истиот кои што ја регулираат редовната постапка за остварување на правото на лекување во странство која што се поведува на барање на осигуреникот и се остварува со решение за упатување на лекување во странство, во кој што случај Фондот за здравствено осигурување му ги надоместува на осигуреникот сите трошоци направени во врска со лекувањето во странство, а осигуреникот учествува во овие трошоци со лично учество од 20%.

Освен одредбата од членот 15 која предвидува можност Фондот за здравствено осигурување да му признае дел од трошоците за лекување во странство на осигуреникот кој се лекувал во странска здравствена установа без решение за упатување на лекување во странство, Правилникот не содржи други одредби кои би ја регулирале постапката за остварување на ваквото право на осигуреникот, во смисла на тоа кои услови треба да бидат исполнети и која документација треба да биде приложена заради остварување на ова право.

Од содржината на оспореното решение е видно дека со истото всушност е разработен членот 15 од Правилникот, на начин што е определен органот надлежен да одлучува по барањата за надомест на трошоците за лекување во странство без решение за упатување на лекување во странство и документацијата која што осигуреникот треба да ја приложи кон барањето со што всушност е изменет и дополнет Правилникот за условите и начинот на упатување на осигурениците на лекување во странство.

Согласно член 160 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија, бр.49/90), функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти, кога се за тоа овластени со тие закони, прописи односно акти. Во членот 161 од истиот Закон е предвидено дека со правилник се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти заради нивно извршување, додека со решение, согласно член 165 од Законот, функционерот кој раководи со органот на управата одлучува во управната постапка и во одлучувањето по одделни прашања, како и во други случаи предвидени со прописи.

Имајќи ги предвид цитираните законски одредби, Судот најде дека оспореното решение не е во согласност со одредбите од Законот за органите на управата и Законот за здравствената заштита, со оглед на тоа што со ова решение е уредена материја која што треба да биде уредена со правилник, односно со општ акт, како што на тоа упатува одредбата од член 44 од Законот за здравствената заштита.

Судот најде дека оспореното решение не е во согласност и со одредбата од член 52 од Уставот на Република Македонија, според која, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување, бидејќи оспореното решение според својата содржина претставува пропис, а истото не е објавено во “Службен весник на Република Македонија”.

6. Поради наведените причини, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.89/97)