87/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 1 во делот “и одземање”, на Глава ВИ “Одземање на одликувањата и признанијата” и членовите 27 и 28 од Законот за одликувања и признанија на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.87/2005 од 19 октомври 2005 година по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје и по сопствена иницијатива, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за одликувања и признанија на Република Македонија во членот 1 определил дека со него се утврдуваат одликувањата и признанијата на Република Македонија и се уредува постапката за нивно доделување и одземање, правата и должностите на носителите на одликувањата и признанијата, како и други прашања од значење за одликувањата и признанијата.

Во Главата ВИ од Законот, која гласи “Одземање на одликувањата и признанијата” се поместени одредбите од членовите 27 и 28.

Според членот 27 став 1 од овој закон, одликувањата и признанијата доделени на странски државјани, организации и мисии можат да бидат повлечени во случај кога нивните носители ќе постапат спротивно на одредбите на законите на Република Македонија и меѓународните акти.

Во ставот 2 од овој член е определено дека одликувањата и признанијата се одземаат со одлука на претседателот на Република Македонија, а врз основа на претходно известување и предлог на министерот за надворешни работи.

Според членот 28 став 1 од овој закон, по одземањето на одликувањето или признанието и по потпишувањето на одлуката за одземање од претседателот на Република Македонија, одлуката за одземеното одликување или признание се брише од евиденцијата што се води во Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Во ставот 2 од овој член е предвидено дека со чинот на бришењето од евиденција за доделеното признание или одликување, ќе се смета дека таквите одликувања или признанија воопшто и не биле доделени.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според членот 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во делот на одредбите од Уставот кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, во членот 29 став 1 е предвидено дека странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Според членот 31 од Уставот, странско лице во Република Македонија може да стекнува право на сопственост под услови утврдени со закон.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Во членот 84 став 1 алинеја 8 од Уставот е утврдено дека претседателот на Република Македонија во рамките на вршењето на својата функција доделува одликувања и признанија во согласност со закон.

Судот утврди дека Законот за одликувањата и признанијата на Република Македонија во членот 2 и членот 3 определил дека одликувањата и признанијата на Република Македонија се симболи на признание, што се доделуваат за работи и дела што заслужуваат општо признание, пожртвуваност и истакнување за време на мир или војна. Нив ги доделува и врачува лично претседателот на Републиката, а по исклучок претседателот може да определи и друго лице што ќе го врачи одликувањето или признанието.

Одликувањата и признанијата на Република Македонија, според Законот, се доделуваат на граѓани на Република Македонија, на правни лица, државни органи, установи, владини и невладини организации, на единици, команди, штабови и установи на вооружените сили на Република Македонија, на единици на полицијата на Министерството за внатрешни работи и на припадниците на Армијата на Република Македонија.

Според членот 8 од Законот, одликувањата и признанијата можат да се доделат и на странски државници-дипломати, странски физички и правни лица, меѓународни организации и други асоцијации.

Главата ВИ од Законот за одликувања и признанија, која гласи: “Одземање на одликувањата и признанијата” ја сочинуваат одредбите од членот 27 и членот 28 и од анализата на содржината на овие одредби Судот утврди дека определбата на законодавецот е со Законот да го уреди одземањето на одликувањата и признанијата кое се однесува само на странските државјани, организации и мисии. Тоа го регулирал на начин што во членот 27 од Законот предвидел дека на овие субјекти ќе им бидат повлечени одликувањата и признанијата во случај кога нивните носители ќе постапат спротивно на одредбите на законите на Република Македонија, и одземањето се врши со одлука од страна на претседателот на Република Македонија врз основа на претходно известување и предлог на министерот за надворешни работи. Со членот 28 е уредено дека како последица на одземањето, доделените одликувања и признанија се бришат од евиденцијата што се води во Кабинетот на претседателот на Република Македонија и ќе се смета дека таквите одликувања и признанија воопшто не биле доделени.

Според Судот со наведените законски одредби всушност се утврдува законски основ по кој доделените одликувања и признанија можеле, според законот, да бидат повлечени односно одземени од нивните носители – странски државјани, организации и мисии, под услов ако носителите, според констатацијата на министерот за надворешни работи, постапувале спротивно на одредби од законите во Република Македонија. Имено, претседателот на Република Македонија по претходно известување и предлог на министерот можел да донесе одлука за одземање (повлекување) на одликувања и признанија на носителите.

Со оспорените законски одредби се дава овластување веќе даденото одликување и признание на носителот да може да му биде одземено врз основа на процена и предлог на органи на извршната власт дека носителот незаконито дејствувал и постапувал.

Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби се дава овластување да се одземаат стекнати права врз основа на мислење на органи на извршната власт дека постојат незаконити постапувања и однесувања на носителите на тие права, без утврдена вина и казна спрема нив со правосилна судска одлука, а и поради тоа што овластувањето на овој начин значи арбитретност на извршната власт за материја од судска надлежност и можност од нееднаков третман кон субјектите, како и поради тоа што со членот 84 од Уставот, на претседателот на Република Македонија децидно му се дава овластување да доделува одликувања и признанија и во тие рамки со законот можат да се уредуваат правата и обврските кои се однесуваат за доделувањето на одликувањата и признанијата, Судот утврди дека оспорените одредби од Законот се во спротивност со изнесените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.87/2005
7 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова