79/2000-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 декември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 61 став 1 точка 13, член 73 став 2 и член 81 став 1 и 2 во делот претседавач и заменик претседавач, од Статутот на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.3/98);
б) член 1 став 2 алинеи 1, 2 и 3 и член 7, 8 и 9 од Одлуката за платите и другите надоместоци на Градоначалникот на Град Скопје и другите избрани и именувани лица од органите на Градот Скопје, донесена од Административната комисија на Советот на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.15/97) и
в) член 2 став 1 од Одлуката за утврдување на надоместоците на трошоците на членовите на Советот на Град Скопје, донесени од Административната комисија на Советот на град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.15/97, 12/98 и 10/99).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Јонче Цветковски од Скопје, со решение У.бр.79/2000 од 18 октомври 2000 година поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во член 61 став 1 точка 13 од Статутот е предвидено дека Советот на Град Скопје, поме?у другото, одредува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на градот.
Судот со свои одлуки У.бр.16/98 од 20 јануари 1999 година и У.бр.184/98 од 10 февруари 1999 година ги укина член 17 став 1 точка 31 и член 29 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа и член 6 точка 29 од Законот за Градот Скопје со кои беше предвидено дека единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје самостојно определуваат престапи и казни кога не се почитуваат прописите на општината односно градот Скопје.
Со оглед на тоа што во означените закони не постои правен основ за Градот Скопје да одредува престапи и казни, Судот оцени дека член 61 став 1 точка 13 од Статутот на Град Скопје не е во согласност со означените закони.
5. Понатаму на седницата Судот утврди дека во член 73 став 2 од Статутот е предвидено дека на членовите на Советот може да им се определи паушален надоместок за вршење на функцијата член на Советот.
Во член 81 став 1 од Статутот е предвидено дека претседавачот, заменикот на претседавачот и секретарот својата работа ја вршат професионално, за што примаат плата чиј износ го определува надлежно работно тело на Советот, а според став 2 на овој член претседавачот и заменикот на претседавачот, покрај секретарот, имаат право на надоместок на плата по престанувањето на функцијата, во траење најдолго до 1 година.
Во член 37 од Законот за локалната самоуправа е предвидено дека членовите на Советот имаат право на надоместок на патните и дневните трошоци во со закон утврдени рамки, како и на трошоците направени во извршувањето на задачите што им ги доверил советот.
Согласно член 17-в од Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/91, 38/91 и 23/97) како платена изборна функција во локалната самоуправа е определена само функцијата на градоначалникот, а не и на претседавачот или членовите на советот на единицата на локалната самоуправа.
Врз основа на изнесените законски одредби, според оценката на Судот, не постои законска можност претседавачот, па и заменик-претседавачот на Советот својата функција да ја вршат професионално, ниту за тоа да добиваат плата или надоместок на плата по престанувањето на функцијата. Претседавачот и заменик-претседавачот се избираат од редот на членовите на советот и имаат право само на оние надоместоци што се утврдени во член 37 од Законот за локалната самоуправа. Исто така, паушалниот надоместок, кој не е врзан за конкретни активности во смисла на член 37 од Законот, се појавува како примање според статус, а не според посебен ангажман и трошоци.
Врз основа на тоа, Судот оцени дека означените одредби од Статутот не се во согласност со законот.
6. На седницата Судот утврди дека со одлуката за утврдување на надоместоците на трошоците на членовите на Советот на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.15/97, 12/98 и 10/99) се утврдува висината на овие трошоци по различни основи (учество на седници на советот и на работните тела), како и месечен надоместок од 12.000 денари, без врзување за одредена активност (член 2 став 1).
Поради истите причини изнесени во точката 5 од оваа одлука, Судот смета дека определувањето на паушалниот надоместок од член 2 став 1 од Одлуката не е во согласност со член 37 од Законот за локалната самоуправа.
7. На седницата Судот утврди дека во член 1 став 2 од Одлуката Одлуката за платите и другите надоместоци, донесени од Административната комисија се пропишува дека право на плата во месечен износ имаат градоначалникот, претседавачот и заменик претседавачот на Советот (алинеја 1, 2 и 3), секретарот на Советот, главниот архитект на град Скопје и раководните лица на управните и административните органи.
Во член 3 – 13 се определува начинот на утврдување на платите на овие функционери при што се определени коефициенти за сите нив во висина од 2.40 до 4.50 со кои се множи основицата утврдена на ниво на просечна плата по работник исплатена во стопанството на Република Македонија за претходниот месец (член 3 – 5).
Во член 7, 8 и 9 се утврдени коефициентот за определување на платата на градоначаникот, претседавачот и заменик претседавачот на Советот, а во член 10 и 11 коефициентите на секретарот на Советот и Главниот архитект.
Во член 12 е определен максималниот коефициент (3,50) за управните и административните раководни работници, а според член 13 Административната комисија односно Градоначалникот или тело што тој ќе го овласти, ги определуваат коефицинетите со поединечно решение.
Во член 14 и 15 се определени материјални трошоци и други примања на функцонерите (дневници, пат, и тн.).
По разгледувањето на оваа одлука Судот го изразува сфаќањето дека, согласно член 37 од Законот за локалната самоуправа и член 17-в од Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и на другите избрани и именувани лица во Републиката, претседавачот и заменик претседавачот својата функција не може да ја вршат професионално и дека за тоа не може да им се определуваат коефициенти за утврдување на плата, додека платата на градоначалникот е утврдена со закон и општината односно Градот Скопје не може на било кој начин да го уредува тоа прашање. Од тие причини Судот оцени дека член 1 став 2 алинеја 1, 2 и 3 и член 7, 8 и 9 од означената одлука не е во согласност со означените законски одредби.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.79/2000
27 декември 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов