У.бр.78/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 ноември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за надоместоците на сведоците, вештаците и толкувачите во управната постапка (“Службен весник на СРМ” бр. 19/1966).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.78/2004 од 8 јули 2004 година по поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 од оваа одлука поради тоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за надоместоците на сведоците, вештаците и толкувачите во управната постапка е донесен од Собранието на Социјалистичка Република Македонија на заедничката седница на Републичкиот собор и Организационо-политичкиот собор одржана на ден 16 јуни 1966 година. Истиот е објавен во “Службен весник на СРМ” бр.19/1966 година, од 17 јуни 1966 година, а влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето.

Оспорениот закон содржи 23 (дваесет и три) члена, кои се поместени во три глави, од кои И (првата) ги регулира општите одредби, ИИ (втората) прашањата за надоместоците на сведоците, вештаците и толкувачите и ИИИ (третата) ја содржи завршната одредба.

5. Според член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Принципот на владеење на правото и правната држава се два носечки принципи на уставниот поредок. Со појавата на пишаните устави се втемелуваат овие два принципи како основни начела на уставниот поредок. Оттука, утврдувањето на владеењето на правото како основна темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија значи прифаќање на принципите на модерниот конституционализам. Владеењето на правото и на правната држава не оставаат простор за нивно одделување и на теориски и на практичен план.

Воспоставувањето на правен поредок на државата е цивилизациска вредност така што владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, истовремено значи конституирање на поредок каде што правото ќе биде основ за дејствување на сите и секого, вклучувајќи ја и државата.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија прогласен на 17 ноември 1991 година, законите што не се во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и времето на донесување на сега оспорениот закон (1966 година) и општествените услови во кои истиот е донесен, а притоа имајќи ја во вид еволуцијата на општествените односи и обврската за усогласување на истиот со одредбите од Уставот во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот, Судот утврди дека оспорениот закон не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Имено, имајќи го во вид фактот дека во Република Македонија се вградуваат нови вредносни принципи и нова организациона поставеност на органите на управата, логично се наметнува потребата од усогласување на оспорениот закон со одредбите на Уставот, бидејќи оспорениот закон е донесен во период на федеративно уредена заедница, кога владееле други вредности на социјалистичкото општество. Со оглед на тоа, Законот содржи низа одредби со суштински и терминилошки неусогласености во однос на Уставот.

Тргнувајќи од горенаведените факти, Судот оцени дека сега оспорениот закон со сите негови одредби не е адекватен на сегашните општествени односи и потреби на државата и истиот е во судир со постојните, втемелени вредносни принципи, дотолку повеќе што содржи и терминолошки неусогласености, поради што истиот не е во согласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.78/2004
3 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова