77/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за измена и дополна на Одлуката за определување на компензација за присуство на седница на членовите на Советот како и другите надоместоци и компензации за избрани лица донесена од Советот на општина Желино бр.0701-223/5 од 13 април 2006 година („Службен гласник на општина Желино„ бр.4/2006 од 17 април 2006 година).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Кенан Алиу, градоначалник на општина Желино со Решение У.бр.77/2006 од 24 мај 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

5. Судот на седницата утврди дека согласно член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, Советот на општина Желино на 25 јули 2005 година донел Одлука за определување на компензација за присуство на седница на членовите на советот како и другите надоместоци и компензација за избрани лица.

Со оваа одлука според член 1 се определувала компензација за присуство на седница на членовите на советот, компензација за патни трошкови, компензација за склучени бракови за членовите на советот, компензација за работа на комисии на Советот на општина Желино и други компензации што призлегуваат од обавување на редовните функции.

Во членот 2 од Одлуката било предвидено дека компензацијата за присуство на седница на членовите на советот, без разлика на времетраењето на седницата е 30% од месечната просечна нето плата на Република Македонија, пресметана на последните 3 месеци согласно Законот за локалната самоуправа.

Според член 3 компензација за работа на комисии на Советот на општина Желино ќе биде 800,00 денари, а компензација за склучување на бракови на членови на Советот на општина Желино е 1.000,00 денари.

Во член 4 од Одлуката било предвидено дека компензација за патните и дневните трошкови како и други компензации што произлегуваат од спроведувањето на редовната функција, се плаќаат согласно Одлуката за спроведување на Буџетот на општина Желино кој се донесува секоја година, согласно законот.

На 24 март 2006 година Советот на општина Желино донел Одлука за измена и дополнување на Одлуката за определување на компензација за присуство на седница на членови на Советот како и други надоместоци за избрани лица (бр.0701-172/3).

Според член 1 од оваа одлука со неа се врши измена и дополна на Одлуката од 25 јули 2005 година или поточно речено членот 2 се брише и има нова содржина според која компензацијата на членовите на Советот ќе биде месечно во сума од 9.000,00 денари и 1.000,00 денари дневница.

На членот 2 му се додава нова алинеја: „На претседателот на Советот освен месечната компензација му се одобрува и додаток во сума од 5.000,00 денари за секој месец“.

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека кај член 4 се брише зборот „диторе„ и после точката се додава зборот „за релацијата Желино, Соларево и Мерово и обратно„ компензацијата за патни трошоци ќе биде во сума од 6.000,00 денари.

Согласно член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа градоначалникот на општина Желино донел Решение за запирање на објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за определување на надоместок за присутво на седница на членовите на Советот и надоместок за избрани лица (бр.08-207/2 од 30 март 2006 година). Во образложението на решението градоначалникот укажал дека донесената одлука не била во согласност со член 100 од Законот за локалната самоуправа.

На 13 април 2006 година Советот на општината повторно со иста содржина ја донел Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за определување на компензација за присуство на седници на членовите на Советот како и други надоместоци и компензација за избрани лица (оспорена со иницијативата).

По донесување на наведената одлука градоначалникот на општина Желино на 17 април 2006 година донел Решение за објавување на Одлуката и истиот ден поднел иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.

Според член 32 од Законот, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Во членот 45 од Законот е утврдено дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Во членот 50 од Законот, се утврдени надлежностите на градоначалникот меѓу кои градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот.

Согласно членот 51 став 1 од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

Според ставот 2 од овој член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Во ставот 3, пак, од овој член, се предвидува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. Во ставот 4 од овој член од Законот е утврдено дека иницијативата од ставот 3 на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Согласно членот 100 од овој закон, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Имајќи ја предвид содржината на цитираните законски одредби произлегува дека законодавецот определил право на членовите на советот да примаат надоместок за присуство на седница и овој надоместок го ограничува со горен лимит најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесување на посебниот закон да им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос на членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седници, а не и на месечен надоместок, како што тоа е предвидено со оспорената одлука, поради што Судот оцени дека таа не е во согласност со наведените уставни и законски одредби.

Врз основа на одредбите од Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека претседателот на Советот е член на советот и како таков може да има право на надоместок како другите членови, но не и на месечен (паушален) надоместок како што определува оспорената одлука.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.77/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи