75/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) член 7 став 1 алинеја 5 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95) и

б) член 2 став 3 од Правилникот за обликот и содржината на лиценцата за вршење превоз во патниот сообраќај, како и за начинот на водење на евиденција за издавање лиценци (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/97), донесен од министерот за сообраќај и врски.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје” од Скопје со Решение У.бр.75/97 од 11 јуни 1997 година поведе постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од актите означени во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 7 став 1 алинеја 5 од Законот, помеѓу другите услови за издавање лиценца за вршење на јавен превоз е предвидено превозникот да има вработено на неопределено време соодветен број возачи, согласно прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои не биле осудувани за кривично дело загрозување на безбедноста во сообраќајот во последните три години.

Според оспорениот член 2 став 3 од Правилникот, пак, на задната страна на образецот на кој се издава лиценцата се отпечатува напомена за условите за добивање и одземање на лиценцата, меѓу кои и условот од оспорената одредба од Законот.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

6. Уставниот суд на Република Македонија, разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот оцени дека таа, иако формално се однесува на условите за вршење на превозничката дејност односно на условите за вработување на професионалните возачи, претставува облик на времено ограничување на правата и положбата на граѓаните како последица од осудуваноста за кривични дела, што во теоријата и законодавството на Република Македонија е познато под поимот “правни последици на осудата”. Поради тоа, Уставниот суд смета дека за оценка на уставноста на оспорената законска одредба, следствено и на оспорената одредба од Правилникот, не е суштествено да утврди дали неосудуваноста за кривично дело против безбедноста на сообраќајот како услов е во склад со барањата и стандардите на безбедноста на јавниот превоз, туку дали пропишувањето на ограничувањето во оспорената одредба од Законот како последица на осуда за кривично дело има уставен основ.

Тргнувајќи од изнесениот пристап, Судот како превенствен критериум на уставноста ги зеде предвид означените одредби од член 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, според мислењето на Судот, значи дека казнено правниот однос се исцрпува во релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот. Имајќи предвид дека ограничувањето на правото на вршење јавен превоз на осудуваните професионални возачи со оспорената одредба од Законот настапува како правна последица од осудата по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува суд во рамките на видовите на казни односно санкции, Судот утврди дека таа не е во согласност со член 13 и 14, во врска со член 54 став 1 и член 32 од Уставот на Република Македонија.

Од истите причини Судот одлучи да го укине и член 2 став 3 од Правилникот означен во точката 1 под б) од оваа одлука.

7. Судот оваа одлука ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.75/97)