66/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 октомври 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Упатството за јавни набавки (“Службен гласник на град Скопје” бр.11/97), донесено од градоначалникот на град Скопје.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на РМ”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Раде Ненадиќ, член на Советот на град Скопје, со решение У.бр.66/98 од 8 јули 1998 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со закон.

4. Судот на седницата утврди дека Упатството за јавни набавки градоначалникот на градот Скопје го донел врз основа на член 43 од Законот за локалната самоуправа.

Според член 1 од Упатството, со него се уредува постапката и начинот на склучување на договори меѓу органите на градот Скопје, како набавувачи и правните и физичките лица, како понудувачи за набавка на стоки, вршење на услуги, материјални права и изведување на градежни работи (јавни набавки).

Во членот 3 од Упатството е утврдено дека секое правно и физичко лице може да учествува на јавен повик на јавна набавка, додека во членовите 4 и 5 се определени органите за спроведување на јавните набавки.

Во член 6 е утврдено овластување за градоначалникот на град Скопје да определува кој административен или управен орган во градот ќе води регистар (евиденција) на извршените јавни набавки, чија содржина исто така е утврдена во овој член.

Од членовите 7 до 41 се уредуваат видовите на постапки за јавни набавки, кои можат да се вршат во постапка со јавно отварање на понудите, во постапка со ограничен повик, во постапка без јавно отворање на понудите и со непосредна спогодба. Во рамките на секоја од овие постапки, се утврдува вредноста на јавната набавка за која се спроведува соодветната постапка, се уредува начинот на доставување на понудата и потребната документација што треба да се достави со понудата, како и се уредува содржината на понудата. Понатаму се утврдуваат условите и критериумите за избор на најповолен понудувач, случаите на поништување на јавниот повик, правото на изјавување на приговор против решението за избор на најповолен избирач, кое според Упатството ги донесува градоначалникот на градот, кој исто така е овластен да одлучува и по приговорот и на крај се уредува реализацијата на јавната набавка, односно се уредува рокот за потпишување на договорот меѓу набавувачот и понудувачот, кој изнесува 7 дена по завршување на постапката за јавна набавка.

Ова упатство според член 44 влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.

5. Според член 43 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) градоначалникот на единицата на локалната самоуправа меѓу другото ја претставува и застапува единицата на локалната самоуправа (точка 1); се грижи и го обезбедува извршувањето на одлуките на советот (точка 3), се грижи за извршување на работите што со закон и се доверени на единицата на локалната самоуправа (точка 4); му предлага на советот донесување на одлуки и други општи акти од негова надлежност (точка 5); тогаш кога изречно е овластен донесува поединечни акти во согласност со закон и со статутот на единицата на локалната самоуправа односно во согласност со одлуката на советот на единицата на локалната самоуправа (точка 6); раководи со управните и административните органи и служби (точка 7) и врши други работи утврдени со овој закон и со статутот на единицата на локалната самоуправа (точка 13 од овој член).

Согласно член 56 од Законот советот на единицата на локалната самоуправа во вршењето на работите од својата надлежност донесува општи акти како што се статут, програми, планови, одлуки и други општи акти предвидени со статутот во согласност со закон.

Според член 58 од Законот, градоначалникот односно управните органи на единиците на локалната самоуправа во вршењето на работите од својата надлежност донесуваат поединечни акти. По жалба против поединечен акт донесен од градоначалникот, а во рамките на самостојната надлежност на единицата на локалната самоуправа (член 17 од овој закон) решава советот на единицата на локалната самоуправа, а по жалба против поединечен акт на градоначалникот донесен во согласност со надлежен орган на државната управа или донесен во рамките на доверената надлежност решава ресорниот министер на тој орган.

Согласно член 12 и 16 од Законот за градот Скопје работите што се во надлежност на градоначалникот на единиците на локалната самоуправа, а утврдени во наведените членови од Законот за локалната самоуправа ги врши и градоначалникот на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа.

Одредбите на наведените членови од Законот за локалната самоуправа на соодветен начин се преземени и во членовите 86, 105, 109, 111 и 112 од Статутот на градот Скопје со тоа што во членот 105 како видови акти што ги донесува градоначалникот на градот Скопје се утврдени: решенија, заклучоци, наредби, упатства, правилници, препораки и други поединечни акти.

Од наведените законски и статутарни одредби произлегува дека за градоначалникот на градот Скопје е содржано изрично овластување за донесување само на поединечни акти, а не и за донесување на општи акти, поради што основано би можело да се постави прашањето дали тој има право и овластување да донесува и ваков вид на акти. Потврден одговор на ова прашање би можело да се најде единствено во смислата на членот 57 став 3 од Законот за локалната самоуправа според кој, освен актите на советот на единицата на локалната самоуправа, кој, пак, согласно член 56 е овластен да донесува општи акти, на контрола односно на проверка на уставноста и законитоста пред Уставниот суд на Република Македонија подлежат и актите на градоначалникот што се донесени во рамките на доверената надлежност од член 19 на Законот за локалната самоуправа. Меѓутоа, во конкретниот случај оспореното упатство не се однесува на работи доверени на градот Скопје од Републиката.

Иако Законот за локалната самоуправа не содржи изрични одредби во однос на тоа на кој начин градоначалникот ќе се грижи и ќе го обезбедува извршувањето на одлуките на советот на единицата на локалната самоуправа и ќе го врши раководењето со управните и административните органи, кои надлежности му се утврдени во членот 43 точката 3 и 7, на кои одредби инаку доносителот на оспореното упатство се повикува во својот одговор, сепак од концепцијата на целиот закон, како и од позицијата на градоначалникот не може да се извлече заклучок дека тој токму во рамките на вршењето на овие работи е овластен да донесува општи акти во прв ред како спроведбени акти, а заради извршување на одлуките и другите општи акти на советот, каков што карактер имало оспореното упатство според мислењето на неговиот доносител. Ова особено од причини што токму од членот 43 точката 6, на која одредба исто така се повикува доносителот на актот во неговиот одговор, јасно произлегува дека градоначалникот, освен во другите случаи утврдени во оваа точка од членот 43, донесува поединечни акти и во согласност со одлуката на советот на единицата на локалната самоуправа. Значи Законот јасно утврдил дека во функција на извршување на одлуките на советот градоначалникот донесува поединечни, а не општи акти и тоа кога е изречно овластен за тоа во самата одлука. Во конкретниот случај, оспореното упатство не е донесено врз основа на изрично овластување од одлука на Советот на град Скопје што значи не се работи за спроведбен акт.

Имајќи ги предвид наведените законски и статутарни одредби, како и оспореното упатство кое според карактерот и содржината претставува општ правен акт односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, бидејќи утврдува норми односно правила на однесување не само на управните и административните органи на градот Скопје, но и на неопределен број на правни и физички лица, како учесници во постапката за јавни набавки, Судот утврди дека за донесување на ова упатство градоначалникот на градот Скопје нема законско овластување, односно со неговото донесување тој ги пречекорил своите овластувања и надлежности утврдени во наведениот закон.

6. Уставниот суд исто така утврди дека во меѓувреме, односно по донесувањето на оспореното упатство е донесен Законот за јавни набавки (“Службен весник на РМ” бр.26/98) со кој покрај тоа што се уредени начинот и постапката за јавни набавки на корисниците и единките – корисници на средствата од Буџетот на Република Македонија и од буџетите на републичките и општинските вонбуџетски фондови, како и на агенциите и јавните установи и други органи и организации основани од Републиката, со овој закон, на идентичен начин, се уредени и начинот и постапката за јавни набавки на корисниците и единките-корисници од буџетите на единиците на локалната самоуправа.

Со оглед дека материјата за јавни набавки е законска материја и како таква е уредена со Законот за јавни набавки, кој што во суштина го уредува начинот и постапката на засновање на облигациони односи меѓу корисниците на буџетските и фондовските средства на Републиката и единиците на локалната самоуправа со правните и физички лица произлегува дека оспореното Упатство е донесено за прашања што не се од локално значење односно од значење за Град Скопје и како такви не се во доменот на надлежностите на единиците на локалната самоуправа утврдени во Законот за локалната самоуправа. Поради наведеното, а и поради тоа што од Законот за јавни набавки не произлегува овластување за градоначалникот на единиците на локалната самоуправа за негово спроведување да донесува општи правни акти односно прописи, односно со оглед дека со овој Закон не е утврдена ниту доверена надлежност на органите на единиците на локалната самоуправа да уредуваат одделни прашања од оваа област, Судот оцени дека оспореното упатство не само што не е во согласност со Законот за локалната самоуправа, туку истото не е во согласност и со Законот за јавни набавки.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.66/98)