6/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јули 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување на висината на надоместокот на членовите на советот за извршување на работните задачи на советот, донесена од Советот на Општината Добрушево на 20 декември 2001 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на градоначалникот на општина Добрушево, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 1 од Одлуката се утврдува месечен надоместок во висина од 1200 денари за советник за присуство и учество во работата на советот, односно за извршување на работните задачи на советот, кој нема да се исплаќа во случај на отсуство на советник од седница на Судот.

Членот 2 од Одлуката предвидува иста да “влезе во сила со денот на нејзиното донесување и да биде објавена во “Службен гласник на општина Добрушево.”

Оспорената одлука е донесена на 12 декември 2000 година , врз основа на Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република македонија”бр.52/95 и 60/95) кој со влегувањето во сила на Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија”бр.5/2002), престана да важи.

5. Согласно членот 37 на овој закон членовите на советот имаат право на надоместок на патните и дневни трошоци, во со закон утврдени законски рамки, како и на трошоците направени во извршувањето на задачите што им ги доверил советот.

Од оваа одредба произлегува дека законодавецот предивидувал право на членовите на советот на надоместок на патни и дневни трошоци, во со закон утврдени рамки како, и право на трошоците што ги направиле во извршувањето на доверените задачи.

Со други зборови, Законот за локалната самоуправа, што бил во сила во време на донесувањето на оспорената одлука не предвидувал право на советниците на месечен паушал во фиксен износ, поради што Судот оцени дека оспорената одлука е несогласна со Уставот и со закон.

Исто така, од содржината на членот 2 на оспорената одлука, Судот утврди дека истата содржи одредба според која влегува во сила со денот на нејзиното донесување и дека ќе биде објавена во службениот гласник на општината.

Согласно став 1 на член 52 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Во конкретниот случај, не е постапено согласно оваа уставна одредба.

Имено, предвидена е примена на одлуката од денот на нејзиното донесување, а влегувањето во сила е условено со нејзиното дополнително објавување.

Со оглед на тоа дека одлуката влегува во сила со денот на нејзиното донесување, пред нејзиното објавување, Судот оцени дека истата е несогласна со членот 52 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 6/2002
17 јули2002 год.
Скопје
д.б.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов