6/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и член 112 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 28 април 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 26 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92), во делот што предвидува за јавен обвинител и заменик јавен обвинител да не може да биде именувано лице кое на претседател или судија на суд со иста стварна надлежност, како и на адвокат од исто подрачје, му е брачен другар или е во сродство во права линија или во странична линија до втор степен.
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 26 од Законот, во делот што предвидува за јавен обвинител и заменик јавен обвинител да не може да биде именувано лице кое на лице во некое од овие звања во исто или повисоко јавно обвинителство, или во Јавното обвинителство на Република Македонија му е брачен другар или е во средоство во права линија или во странична линица до втор степен.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Републичкиот одбор на синдикатот на работниците од управа, правосудство и општествени организации и здруженија на граѓани на Македонија, со Решение У.бр.6/93 од 3 февруари 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на членот 26 од Законот за јавното обвинителство, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со членовите 9, 23 и 32 од Уставот на Република Македонија.
5. На јавната расправа претставникот на подносителот на иницијативата истакна дека оспорената одредба на членот 26 од означениот закон не е во согласност со Уставот, затоа што ги ограничувала правата на граѓаните утврдени во членовите 9, 23, 32 и 54 од Уставот, поради што побара Уставниот суд да ја укине, односно да ја поништи оспорената одредба.
Претставникот на Владата на Република Македонија истакна дека уставниот принцип на еднаквоста на граѓаните, содржан во член 9 од Уставот, е појдовна основа за слободите и правата на човекот и граѓанинот и дека со оспорената одредба од законот се обезбедувало остварувањето на уставното начело на еднаквоста за сите граѓани, бидејќи со неа се оневозможувало поради семејни врски на носителите на јавно-обвинителската функција да се повредуваат правата на другите граѓани. Исто така, истакна дека на граѓаните не им било ограничено правото да учествуваат во вршењето на функцијата обвинител и заменик обвинител, затоа што тие можеле да ја вршат оваа функција во секое обвинителство во Републиката, освен во јавните обвинителства или судовите на подрачјето на кое неговиот брачен другар или близок роднина вршел правосудна функција. Понатаму, истакна дека уставниот принцип, подразбира исти услови, а граѓаните што се во брак или роднинска врска со лицата кои веќе вршат определена функција објективно може да ги доведе во привилегирана положба. Исто така, смета дека членот 32 од Уставот не ја исклучува можноста за вршење на определени функции да се бараат определени материјално-правни или процесно-правни услови, што е основен услов за ред и правна сигурност. Оспорената одредба од законот има за цел да обезбеди објективно вршење на функцијата на јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган. Според тоа, и димензиите на ограничувањето воспоставени со оспорената одредба се оправдани, имајќи ја предвид организацијата на обвинителството и хиерхискиот однос помеѓу повисокиот и понискиот јавен обвинител и дека обвинителите постапуваат пред надлжен суд, како и дека својата функција ја остваруваат врз контрадикторни принципи со адвокат, кој што ги застапува интересите на спротивната странка во постапката.
Од страна на претставниците на правосудните органи беше искажано мислење дека оспорената одредба не е во согласност со Уставот, затоа што Уставот не давал можност завакво ограничување. Целта што законодавецот сакал да ја постигне со оспорената одредба во праксата се остварува со законските институти на изземање. Со оспорената одредба се вршела дискриминација на одделни граѓани, дикредитирајќи ги однапред како неподобни за објективно вршење на јавно-обвинителската функција.
Од учесникот во расправата од редот на научните работници беше искажано мислење дека оспорената одредба претставува организационен пропис и е во директна функција на пообјективно остварување на правата и должностите на јавното обвинителство. Исто така, искажа становиште дека целта на ова ограничување претставува гаранција за остварување на правата и слободите на граѓаните пред овој орган, но дека и ограничувањето е широко поставено.
6. На седницата Судот утврди дека според член 26 од Законот за јавен обвинител и заменик јавен обвинител не може да биде именувано лице кое во некое од овие звања, во исто или повисоко јавно обвинителство или во јавното обвинителство на Република Македонија, на претседател или судија на суд со иста стварна надлежност, како и на јавното обвинителство или на адвокат од исто подрачје, му е брачен другар или е во сродство во права линија или во странична линија до втор степен.
Од означената законска одредба произлегува дека со Законот се ограничуваат одделни граѓани да не можат да бидат именувани за јавни обвинители и заменици јавни обвинители доколку се во брак или во роднинска врска во права линија или во странична линија до втор степен со лица во некое од овие звања во исто или повисоко јавно обвинителство или во правосуден орган со иста стварна или месна надлежност или на адвокат од исто подрачје.
7. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата и бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 од Уставот секој има право на работа и слободен избор на вработување, и секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Согласно член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, но ограничувањето не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба.
Според член 106 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на уставот и закон.
Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на еднаквост се предвидува како темелна вредност за остварување на сите граѓански слободи и права и по својата суштина ги негира дискриминацијата, привилегиите и повластувањата по основ на социјалното потекло и општествената положба.
Според мислењето на Судот, членот 26 од Законот претставува ограничување за вршење на јавно-обвинителска функција за граѓаните кои се во брак или во роднинска врска со граѓани кои вршат судска функција во суд со иста стварна надлежност или се занимаваат со адвокатура на подрачјето на делување на јавното обвинителство. Поради тоа, Судот оцени дека во овој дел членот 26 од Законот не е во согласност со членовите 9, 23, 32 и 54 од Уставот на Република Македонија.
8. Меѓутоа, од членот 106 од Уставот произлегува дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, поради што јавното обвинителство својата функција ја врши врз принципот на организационо единство и вертикална поврзаност на сите организациони единици на јавното обвинителство како единствен орган. Со оглед на тоа, Судот смета дека во законското уредување на организирање на јавното обвинителство и остварувањето на неговите функции брачната и роднинската врска на носителите на таа функција може да се предвиди како еден од условите за ограничување на нејзиното вршење, заради обезбедување гаранцијата за остварување на правата и слободите на граѓаните пред тој орган.
Поради тоа, Судот оцени дека таквите ограничувања предвидени со оспорениот член во законот, во делот што се однесуваат на јавното обвинителство, не се во несогласност со наведените одредби на Уставот на Република Македонија.
9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичкови, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.