61/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 февруари 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА член 28 став 1 од Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/94), во делот што се однесува на “приходи, од сопствен имот”.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Политичката партија “Демократски сојуз” од Скопје, со Решение У.бр.45/2000 и У.бр.61/2000 од 28 декември 2000 година поведе постапка за оценување уставноста на делот од законската одредба означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 20 став 1, член 8 став 1 алинеја 3 и со член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.
Собранието на Република Македонија како доносител на оспорената законска одредба, во максимално оставениот рок од 30 дена според член 19 став 1 од Деловникот на Судот, не достави одговор на наводите содржани во Решението за поведување на постапката.
4. а) На седницата Судот утврди дека, според член 2 од Законот “политички партии се оние организирани групи на граѓани кои се залагаат за учество во власта”, од што недвосмислено произлегува одговорот на прашањето каква е правната положба на овој правен субјект.
Понатаму, Судот утврди дека, според член 3 став 1 од Законот, “граѓаните слободно основаат политички партии со цел (1) да ги остваруваат и заштитуваат политичките, економските, социјалните, културните и други права и уверувања на своите членови и учествуваат во процесот на донесување на политички одлуки и (2) да учествуваат во постапката за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија и одборници во собранијата на општините и Собранието на Град Скопје”, од што, исто така, недвосмислено произлегува одговорот на прашањето кои се целите на политичките партии.
Потоа, во врска со средствата за дејствување на политичките партии, Судот утврди дека, според член 28 став 1 од Законот, “политичките партии средствата за своето дејствување можат да ги стекнуваат од членарина, прилози, приходи, од сопствен имот, кредити, подароци, дотации, легати и од Буџетот на Република Македонија”.
б) Според член 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (став 1), при што оваа одредба е систематизирана во делот од Уставот посветен на граѓанските и политичките слободи и права.
Од изнесената уставна одредба, според мислењето на Судот, произлегува дека (1) политичките партии се граѓански здруженија (а не трговски) и дека (2) целите на здружувањето се од глобална општествена и тоа политичка, економска, социјална, културна и друга природа (а не од интерес на еден дел од општеството-на пример, само за членовите на една партија). Оттука, понатаму произлегува дека дејствувањето на политичките партии (односно на гра?аните кои ја сочинуваат) е од идејна или духовна природа, од содржински аспект гледано, како и од општа или глобална природа, од формален аспект гледано, а не е од непосредно материјален интерес и само за една група на граѓани – на пример, членови на една партија. Според тоа, политичките партии, разбрани како одредена група на граѓани здружени по сопствен избор врз основа на истоветна идејна и глобална основа, всушност треба да обезбедат противтежа во општеството како целина на трговските субјекти односно на оние други групи на граѓани или на поединците чија основа на дејствување е материјален и парцијален (групен или поединечен) интерес. Натпреварот помеѓу наведените две ” спротивставени” категории, но без краен победник, значи истовремено опстојување (неуништување) на различни вредносни структури, чие меѓусебно конкурирање го обезбедува напредокот на општеството, при што таквото општество е демократско бидејќи во него “има место” за сите вредности, иако тие се различни. Правото, пак, како средство за регулирање на односите во сите сфери на општественото живеење, треба да овозможи сигурност на постоењето на таквото општество и на различните вредности во него, но така што ќе содржи прецизни мерила за категориите што ги уредува.
Со оглед на тоа што оспорениот дел од член 28 став 1 на Законот содржи непрецизиран обем на изразите “приходи од сопствен имот” (во смисла: само во рамките на политичкото дејствување, а не и како стопански дејности), со што таквата содржина овозможува во стварноста нарушување на уставниот концепт за функциите (правата и обврските) и целите на политичките партии проектиран со член 20 став 1 од Уставот, потоа што таквата норма овозможува нејзино различно интерпретирање и применување и со тоа повреда на владеењето на правото како темелна вредност на правниот поредок утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, и со што се доведува во прашање слободата на пазарот и претприемништвото односно еднаквата правна положба на субјектите на пазарот определена во член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, Судот утврди дека наведениот дел од законската одредба не е во согласност со означените уставни определби.
5. Имајќи ја предвид тежината на повредата и нејзината природа и значење за односите што се воспоставени врз основа на тој дел од законската одредба, Судот, согласно член 73 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Су дот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.45/2000 и У.бр.61/2000
28 февруари 2001 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов