59/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јули 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) член 60 став 5 од Колективниот договор за јавните претпријатија од дејноста сообраќај и врски (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/95) и

б) член 69 став 3 од Колективниот договор за јавните претпријатија од гранката енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Владимир Вешоски од Струга, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од колективните договори означени во точката 1 под а) и б) од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со член 135 став 3 од Законот за работните односи.

4. На седницата Судот утврди дека оспорените одредби од означените колективни договори се со идентична содржина и во нив е предвидено дека приговорот поднесен против решението за упатување на привремен принуден одмор не го задржува извршувањето на решението.

5. Во член 135 став 1 и 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95) е предвидено правото на работникот да поднесува барање за остварување на своите права и правото на приговор против одлуки донесени во врска со неговите права од работниот однос, пред органи утврдени со колективен договор и во определен рок. Според став 3 на овој член од Законот поднесувањето на барањето го задржува извршувањето на одлуката до донесувањето конечна одлука, освен во случаите утврдени со закон.

Со оглед на тоа што исклучок од правилото дека приговорот го задржува извршувањето на актот против кој е поднесен може да се предвиди само со закон, Судот оцени дека со оспорените одредби од означените колективни договори се уредуваат прашања што не можат да се уредуваат со колективен договор и тоа на начин со кој се ограничуваат законските права на работниците на користење правни средства и нивните правни последици што се пропишани во член 135 од Законот за работните односи, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.59/97)