47/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за измени и дополнувања на Програмата за поставување времени објекти на подрачјето на Општина Титов Велес за обавување на стопански и други дејности, донесена од Собранието на Општината на 26 јуни 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Титов Велес”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Радослав Јаковлески од Титов Велес, со Решение У.бр.47/93 од 9 јуни 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена на 26 јуни 1992 година, а пред нејзиното донесување не е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, туку согласноста е дадена подоцна.
5. Според член 34-б од Законот за изградба на инвестициони објекти (2Службен весник на СРМ” бр.15/91), за поставување времени објекти собранието на општината односно Собранието на Град Скопје донесува програма по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот.
Од изнесените законски одредби произлегува дека пред донесувањето на Програмата за поставување на времени објекти односно пред донесување на одлуката за нејзино изменување и дополнување е потребна согласност од надлежен орган.
Со оглед на тоа што пред донесувањето на оспорената одлука не е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, Судот оцени дека таа не е во согласност со означената законска одредба.
6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, АрифАрифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.