44/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 септември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 19 став 5 од Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2002 и 46/2004).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.44/2005 од 15 јуни 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 19 став 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 19 став 5 од Законот за спречување на корупцијата министерот за правда донесува акт за утврдување на критериумите за надоместок на штета.

5. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 96 од Уставот на Република Македонија органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 64 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и правните лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Со Законот за спречување на корупцијата се уредуваат мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавните овластувања, како и мерките и активностите за спречување на корупцијата во трговските друштва (член 1 став 1).

Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека за примена на мерките и активностите од став 1 на овој член се основа Државна комисија за спречување на корупцијата.

Во поднасловот “Заштита на соработници на правдата и сведоци” со членот 19 став 5 е утврдено дека министерот за правда донесува акт за утврдување на критериумите за надоместок на штета.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби Судот утврди дека оспорената одредба од членот 19 став 5 од Законот за спречување на корупцијата, претставува овластување за кое нема уставна основа која би овозможила министерот да донесе акт за утврдување на критериумите за надомест на штета. Ова особено поради тоа што во Законот не се содржани основите и рамката во која министерот за правда би ги утврдил критериумите во однос на тоа прашање.

Тргнувајќи од темелната вредност за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, министерот како функционер кој раководи со еден од органите на извршната власт не може да има овластување во законодавната власт. Даденото овластување на министерот да утврдува критериуми за надомест на штета без основи и рамка содржани во Законот, значи навлегување во законодавната власт која е издвоена од извршната власт, односно отстапува од општиот принцип на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека оспорената законска одредба не е во согласност со означените одредби од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.44/2005
21 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова