42/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 5 ноември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Решението бр.10-2858/1 од 3 октомври 2002 година на министерот за образование и наука за донесување наставна програма во основното образование по веронаука за ИИИ одделение како факултативен предмет.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од ден от на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Томислав Марох од Битола, со Решение У.бр.42/2003 од 17 септември 2003 год, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, Законот за основното образование и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. Судот од содржината на уводот на оспореното решение, на седницата утврди дека истото е донесено од страна на министерот за образование и наука, врз основа на членот 28 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/2002-пречистен текст) и член 49 став 1 и 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), а на предлог на Советот за оценување наставни програми. Всушност, овластувањето произлегува од членот 26 став 1 од интегралниот текст на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.4 4/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999 и 29/2002).

Оспореното решение за донесување наставна програма во основното образование по веронаука за ИИИ одделение како факултативен предмет е со број 10-2858/1 од 3 октомври 2002 година.

Со решението се донесува Наставна програма по веронаука за ИИИ одделение како факултативен предмет, се определува дека оваа Наставна програма е составен дел на решението и дека истото влегува во сила со денот на донесувањето.

Во образложението на решението стои дека во членот 28 од Законот за основното образование е предвидено надлежниот министер да донесе програма за основните училишта на предлог на Советот при Педагошката служба, врз основа на која одредба од Законот се донесува оспореното решение.

5. Членот 16 став 1 од Уставот ги гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Како посебен случај на слободата на уверувањето и совеста, во членот 19 став 1 и 2 од Уставот се гарантираат слободата на веросиповеста и слободата на јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Со Амандаманот ВИИ точка 1 ставовот 3 на членот 19 од Уставот се заменува со нова содржина и според него Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско – Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Со Амандаманот ВИИ точка 2 ставовот 4 на членот 19 од Уставот се заменува и во него е определено дека, Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско- Методистичката црква, Еврејскат а заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Согласно член 13 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999 и 29/2002), во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување.

Согласно член 26 став 1 од Законот, наставните планови и програми ги подготвува Бирото за развој на образованието, а по предлог на Педагошката служба ги донесува министерот.

Во членот 49 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), се опреде- лени надлежностите на министерот, меѓу кои спаѓаат и организирање и обезбедување законито и ефикасно вршење на работите и задачите и донесување на прописи и други акти за кои е овластен со закон.

Според содржината на членот 55 став 1 од Законот, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Според членот 56 став став 4 од Законот со план и програма се утврдуваат и се разработуваат одделни прашања за извршување на законите и другите прописи за кои е потребно утврдување на рокови и динамика на нивно извршување.

Во членот 57 став 1 од Законот е определено дека, во управната постапка и во одлучувањето по одделни прашања, како и во други случаи предвидени со закон и друг пропис, министерот донесува решенија.

6. Тргнувајќи од уставната гаранција за слободата на верското уверување, слободата на вероисповеста, како и од принципот за одвоеност на државата од верските заедници и религиозни групи, произлегува дека ниту државата, ниту нејзините органи со свои акти и дејствија не можат во рамките на институциите или надвор од нив на граѓаните на Република Македонија да им наметнуваат верско дејствување во било каков вид и форма. Државата и нејзините органи во своето делување без исклучок мораат да задржат неутралност, а со цел граѓанинот слободно да може да се определи дали ќе прифати или нема да прифати одредена вера, дали ќе ја исповеда или нема да ја исповеда, дали ќе учествува или нема да учествува во верски обреди. Тука би припаднала и слободата на определувањето дали граѓанинот ќе ги изучува светите книги на религиозната група на која и припаѓа, како и на други религиозни групи. Сите наведени делувања во правец на верско определување или само запознавање со религијата на било која религиозна група преку изучување на верските книги, според изнесениот уставен концепт, граѓанинот има можност да ги реализира во рамките на верските заедници и религиозни групи и надвор од нив, според амандманот ВИИ точка 2 , но не и во рамките на државните органи или државните училишта како јавни институции.

При анализата на содржината на членот 13 од Законот за основното образование, пред Судот се постави прашањето дали донесување наставна програма во основното образование по веро-наука за ИИИ одделение како факултативен предмет и спроведувањето на оваа програма, претставува верско дејствување што е спротивно на оваа законска одредба.

Имено, верската настава, според програмите е предвидена како континуиран процес во текот на целата учебна година, што според Судот претставува верско дејствување и тоа врз основа на акт на државен орган – министерот за образование и наука.

Оттука, според мислењето на Судот, оспореното решение не е во согласност со членот 16 став 1, членот 19 став 1, 2 и амандманот ВИИ од Уставот, како и со членот 13 од Законот за основното образование, кој изрично забранува верското дејствување во основните училишта.

7. Од анализата на оспореното решение од аспект на овластувањето на министерот за донесување на ваков акт и формата преку која се воведува веронаука за ИИИ одделение како факултативен предмет, Судот исто така утврди дека овластувањето на министерот за образование и наука да донесе Наставна програма, произлегува од членот 26 став 1 од Законот за основното образование и членот 56 став 4 од Законот за организација и работа на органите на државна управа.

Според тоа, за воведување на настава од било која област во образовниот процес, министерот донесува Програма, но не донесува решение за донесување на Програма, како што е направено во конкретниот случај. Министерот донесува решение, според членот 57 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, кога одлучува по одделни прашања предвидени со закон и друг пропис. Законот за основното образование ниту во една своја одредба не предвидел наставната програма да се воведува преку донесување на решение, а донесувањето на програма и доне- сувањето на решение се сосема различни по вид на овластувања, според членот 55 став 1 од Закон за организација и работа на органите на државната управа.

Оттука, според Судот, оспореното решение не е во согласност и со членот 57 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

8. Од изнесените причини Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 42/2003
5 ноември 2003 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова
ла