40/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 57 став 2 во делот „или странско“ од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006 и 18/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов, од Скопје, со Решение У.бр.40/2007 од 30 мај 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 57 став 2 од Законот за здравственото осигурување, за директор на Фондот за здравствено осигурување се именува домашно или странско физичко лице кое ќе понуди најквалитетна програма за работа на Фондот и кое ги исполнува следниве услови: – високо образование од областа на менаџментот, економските науки, финансиите, бизнис администрацијата, менаџмент со јавното здравство, медицинските науки или правните науки; – најмалку шест години работно искуство од областа на финансиите или менаџментот или од системот и организацијата на здравствената заштита и здравственото осигурување и – познавање на прописите од областа на здравствената заштита и здравственото осигурување.

5. Според член 2 став 1 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Според член 4 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија.

Согласно член 8 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Согласно член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека странците во Република Македонија ги имаат слободите и правата утврдени со Уставот, освен оние кои според Уставот ги имаат само државјаните на Република Македонија, со тоа што условите за нивното остварување е оставено да се утврдат со закон и меѓународни договори. Од друга страна, пак, тоа истовремено значи дека законодавецот не е обврзан да пропишува еднакви услови за остварување на одделни слободи и права за граѓаните -државјани на Република Македонија и за странците и на тој начин да ги стави во еднаква, односно рамноправна положба со нив.

Согласно одредбите на Уставот, вршењето на јавни функции, со оглед дека се работи за извршување на работи поврзани со функциите на државата, во сите три нејзини видови власт – законодавна, извршна и судска, е резервирано за државјаните на Република Македонија, така што во тој поглед странците не можат да се изедначуваат со граѓаните – државјани на Република Македонија.

Со Законот за здравственото осигурување се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.

Согласно член 2 од овој закон, здравственото осигурување се установува како задолжително и доброволно.

Задолжително здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Доброволно здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување.

Според член 3 на истиот закон, задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Доброволно здравствено осигурување можат да спроведуваат друштва за оситурување основани според прописите за осигурување.

Согласно член 8 на овој закон, со задолжително здравствено осигурување на осигурените лица им се обезбедува право на основни здравствени услуги под услови утврдени со овој закон, во случај на болест и повреда надвор од работа и во случај на повреда на работа и професионално заболување.

Средствата за задолжителното здравствено осигурување, согласно член 37 од истиот закон, се обезбедуваат од придонеси од: бруто платите и надоместоците на платите на вработените, пензиите и надоместоците од пензнското и инвалидското осигурување, приходите на лицата кои самостојно вршат дејност; средствата за невработените лица и средствата на другите обврзници на придонес; од дополнителен придонес за случај на повреда на работа и професионално заболување; од учество на осигурениците; од буџетот на Републиката; од камати и дивиденда; од подароци, легати и од други приходи.

Согласно член 53 од овој закон, се основа Фонд за здравствено осигурување на Македонија за спроведување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон. Фондот има својство на правно лице. Фондот е самостоен во својата работа. Седиштето на Фондот е во Скопје. Фондот има статут и единствена жиро сметка.

Со членот 55 од овој закон, се утврдува дека со Фондот управува Управен одбор. Управниот одбор се состои од седум члена кои ги именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.

Со членот 57 од Законот се утврдува работоводниот орган на Фондот. Така, како новина внесена со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2007) се утврдува дека работоводниот орган на Фондот – директор, се состои од две лица, кои се подеднакво одговорни за работењето на Фондот и за обврските што се преземаат во правниот промет. За директор на Фондот се именува домашно или странско физичко лице кое ќе понуди најквалитетна програма за работа на Фондот и кое ги исполнува условите утврдени со овој член, и тоа: завршено високо образование од областа на менаџментот, економските науки, финансиите, бизнис администрацијата, менаџмент со јавното здравство, медицинските науки или правните науки; најмалку шест години работно искуство од областа на финансиите или менаџментот или од системот и организацијата на здравствената заштита и здравственото осигурување и познавање на прописите од областа на здравствената заштита и здравственото осигурување. Директорот на Фондот се именува по пат на јавен конкурс, за време од четири години, со можност за уште еден избор. По спроведениот конкурс, директорот на Фондот, на предлог на министерот за здравство, го именува Владата на Република Македонија, која склучува менаџерски договор со именуваните лица за директор.

Согласно член 58 на истиот закон, директорот на Фондот: раководи со работата на Фондот; го застапува и претставува Фондот; предлага општи акти; се грижи за спроведување на одлуките на Управниот одбор, прописите и општите акти на Фондот и врши и други работи определени со прописите, статутот и општите акти на Фондот.

Според член 62 од овој закон, средствата за работа на Фондот се обезбедуваат од придонесот за задолжително здравствено осигурување и други извори на средства од член 37 на овој закон.

Фондот, врз основа на начелата на ефикасно, ефективно и економично користење на средствата, согласно член 63 од истиот закон, ги покрива трошоците за: здравствените услуги опфатени во основниот пакет на здравствените услуги што здравствените установи ги пружаат на осигурените лица; лекови, помошни медицински материјали кои служат за примена на лековите и санитетски материјал потребен за лекување, утврдени со општ акт; протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и заботехнички средства, утврдени со општ акт; парични надоместоци; инвестициони вложувања за создавање и подобрување на условите за укажување на здравствени услуги на осигурените лица; вршењето на функцијата на Фондот; дел од мерките и активностите за спроведување на превентивните и други програми за лекување одредени болести, како и за хендикепираните лица, согласно со Законот за здравствената заштита и други потреби за спроведување на задолжителното здравствено осигурување.

Од анализата на наведената законска регулатива произлегува дека со Законот за здравствено осигурување се основа Фонд за здравствено осигурување на Македонија, кој е надлежен да го спроведува задолжителното здравствено осигурување на граѓаните. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон. Фондот се финансира во најголем дел од средствата на граѓаните прибрани по основ на придонеси или од Буџетот на Републиката, поради што подлежи на јавна одговорност за управувањето со овие средства. Во функција на заштита на јавниот интерес на граѓаните, законодавецот утврдил дека членовите на управниот одбор на Фондот и директорот на Фондот, како вршители на јавна функција, ги именува и разрешува Владата на Република Македонија.

Оттука, имајќи предвид дека Фондот за здравствено осигурување претставува јавна институција основана за спроведување на задолжителното здравствено осигурување, за Судот е неспорно дека работоводната функцијата – директор на Фондот за здравствено осигурување, претставува јавна функција која по својот карактер и значење спаѓа во групите на јавни функции чие извршување се доверува на граѓаните-државјани на Република Македонија, а не и на странски лица.

Неможноста странско лице да ја врши оваа функција, не значи суспендирање на правото на работа за оваа категорија на лица, бидејќи со тоа не се исклучува можноста странско лице да го оствари правото на работа, под услови утврдени со закон и меѓународен договор, но не како носител на јавна функција.

Напротив, пропишувањето можност странско физичко лице да ја врши наведената јавна функција, според Судот, го доведува во прашање суверенитетот на Република Македонија кој, согласно член 2 став 1 од Уставот, произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба на член 57 став 2 во делот „или странско“ од Законот за здравственото осигурување не е во согласност со член 2 став 1, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.40/2007
4 јули 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи