361/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката бр.04/01-47, донесена од Собранието на Републичката СИЗ за водостопанство на 17 февруари 1995 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Општинскиот совет – Куманово при Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители на Македонија – Кочани, со Решение У.бр.361/95 од 24 јануари 1996 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постаи прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за водите.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се уредува дека: “Доставената одлука бр.08-285 од 21.03.1995 година од страна на ВРО “Водостопоанство-Куманово” – Куманово за висината на водниот надоместок за наводнување и одводнување за 1995 година, е во согласност со единствената Методологија за изготвување на висината на водниот надоместок за наводнување и одводнување, и како таква Собранието на Републичката СИЗ за водостопанство ја потврдува”.

5. Тргнувајќи од фактот дека Уставот го напушти концептот на самоуправното интересно организирање, а како основа на новите односи во економскиот систем ја прокламира сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото, што значи и односите меѓу корисниците на вода и организациите кои стопанисуваат со водите треба да се уредат на поинаков начин, а не врз основа на самоуправното организирање, како и од тоа дека одредбите на Законот за водите што се однесуваат на самоуправното интересно организирање со Одлука на Уставниот суд У.бр.151/93 од 1 февруари 1993 година се укинати, а со оспорената одлука, која не е ниту објавена, се потврдува акт кој дополнително е донесен, Судот оцени дека таа не е во согласност со Уставот и Законот за водите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.361/95)