35/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 февруари 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 3 од Одлуката за измени и дополнување на Правилникот за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените потреби на работниците, донесена од Работничкиот совет на Претпријатието во општествена сопственост “Иднина” во Струмица на 14 април 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означеното претпријатие на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.35/92 од 3 декември 1992 година, по повод поднесена иницијатива од Аризанов Томе од Струмица, поведе постапка за оценување законитоста на член 3 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 3 од одлуката е предвидено работниците кои ќе добијат стан во општествена сопственост по доделувањето на станот треба дауплатат 25% од вредноста на станот во годината кога го добиваат. Доколку не се уплатат определените средства станот ќе биде додлен на друг работник по редоследот на ранг-листата, кој ќе го обезбеди потребното учество. Ако Самоуправната интересна заедница за домување објави оглас за доделување на станови во општествена сопственост по пат на кредит со учество од 25% од вредноста на станот, а претпријатието нема такви средства-ќе се издаде соопштение до заинтересираните работници со нерешено станбено прашање да се обезбеди учеството од 25% во еднакви делови, а по добивањето на станот да се распише оглас за распределба на тој стан. Кандидатот кој ќе го добие станот треба да го обезбеди целото учество од 25%, а на останатите кандидати учеството што го дале за добивање на тој стан ќе им биде вратено. Работниците кои нема да учествуваат во обезбедувањето на средствата нема да имаат право да конкурираат по огласот за конкретна распределба на станови, добиени на тој начин.
Исто така, Судот утврди дека во член 40 од Правилникот е предвиден начинот на враќање на уплатените средства на работниците.
Во одговорот на доносителот на актот се наведува дека Правилникот бил донесен во време на важње на Законот со кој било определено учество како услов за стекнување на стан во општествена сопственост и дека со оспорената одлука е утврден само процентот на учеството.
5. Во член 42-а од Законот за станбени односи “Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86 и 1/90) беше пропишана обврска за здружување на сопствени средства со општествени средства заради здобивање со станарско право на стан во општествена сопственост, на начин определен со општиот акт во организацијата. Со измените на Законот за станбени односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 11/91) оваа обврска престана да важи.
Според член 52 од Законот за основните права на работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општ акт односно колективен договор.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Одлуката сопственото учество се определува како услов за стекнување на станарско право надвор од условите утврдени со Законот за станбени односи, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.