323/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 март 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 20 став 2 и 3 и член 21 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесената иницијатива од адвокатот Виктор Алексов од Скопје, со Решение У.бр.323/95 од 31 јануари 1996 година, поведе постапка за оценување устав носта на оспорените одредби од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 20 став 1 од Законот е предвидено корисникот на експропријацијата да се стекнува со владение врз експроприраната недвижност со денот на исполнувањето на спогодбата, односно одлуката на судот за надоместокот.

Во оспорениот став 2 од овој член на Законот е предвидено дека по исклучок на став 1, а по барање на корисникот на експропријацијата, во случаи на итност или за отстранување на очигледна штета, органот за експропријација по претходна согласност на министерот за финансии може да одлучи недвижноста да му се предаде на корисникот на експропријацијата во владение по донесувањето на првостепеното решение. Во ваков случај, според став 3 на овој член, сопственикот односно носителот на други имотни права, има право на надомест за некористење на недвижноста од денот на влегувањето во владение на корисникот на експропријацијата до денот на исполнувањето на спогодбата, односно одлуката на судот за надоместокот.

Во член 21 од Законот е предвидено ако корисникот на експропријацијата е влезен во владение врз основа на член 20 став 2, а предлогот за експропријација во натамошната постапка е правосилно одбиен, имотно-правните односи меѓу корисникот на експропријацијата и поранешниот сопственик или друг носител на имотно право се решаваат согласно со прописите за имотните односи.

5. Со член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира сопственоста и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницаа. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека сопственоста може да се одземе или ограничи само кога за тоа постои јавен интерес кој мора да биде утврден со закон. Исто така, од овие одредби произлегува дека во случај на одземање или ограничување на сопственоста односно во случај на експропријација се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според тоа, Уставот не допушта јавниот интерес за експропријација да се утрдува со некој друг акт освен со закон, заради уставната гаранција за заштита на сопственоста.

Со оглед на тоа што интенцијата на уставната одредба од член 30 е да го заштити сопственикот Судот утврди дека јавниот интерес не може да се смета дека е утврден пред донесување на конечно решение односно со донесувањето на првостепено решение за експропријација.

Според мислењето на Судот јавниот интерес за сопственикот чија сопстеност е заштитена со Уставот е утврден со донесување на конечно решение за експропријација, а не со решението за одземаање од владение на недвижноста, донесено пред да се спроведе експропријационата постапка.

Со оглед на тоа што со ставовите 2 и 3 на член 20 и со член 21 од Законот се допушта стекнување на владение над недвижност без претходно да се утврди постоење на јавен интерес, односно без претходно спроведена експропријациона постапка на начин предвиден со Законот, Судот оцени дека со овие одредби се ограничуваат правата кои произлегуваат од сопственоста, надвор од условите предвидени во член 30 став 3 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.323/95)