32/2004-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 14 став 2 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 октомври 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 66 став 2, алинеја 6, 7, 8 и 9 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Марјан Наумовски од Скопје и други шеснаесет граѓани и по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.32/2004 од 23 јуни 2004 година поведе постапка за оценување на уставноста на алинеја 6 и 7 и на законитоста на алинеја 8 и 9 од членот 66 став 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 66 став 1 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, барањето за прием се доставува до Комисијата за прием, а според ставот 2, кон барањето се приложуваат:

– кратка биографија,
– доказ за завршен правен факултет,
– доказ за положен правосуден испит,
– уверение за државјанство,
– уверение дека не е одземена деловна способност,
– уверение дека не се води кривична постапка,
– доказ дека не е во работен однос,
– доказ дека не му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија или дејност,
– мислење од работодавецот и од основната адвокатска заедница.

5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Со Законот за адвокатура (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002), адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош.

Според членот 5 од овој закон, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува, покрај другото, и со организирање на адвокатите во Адвокатска комора, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и за запишување и бришење од Именикот на адвокатите.

Според членот 10 и членот 12 од овој закон, правото на вршење на адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија и по уписот на адвокатот му се издава лиценца за работа. Содржината и постапката за издавање и одземање на лиценцата за работа се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија. Во Именикот на адвокатите може да се запише лице, државјанин на Република Македонија, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, дипломиран правник со положен правосуден испит и кое ужива углед за вршење на адвокатската дејност. Со членот 20, исто така, е определено дека адвокатот не може да врши јавна функција или професија и друга јавна служба, а согласно членот 23 став 2 точка 2, правото на вршење на адвокатската дејност на адвокатот му престанува ако заснова работен однос.

Како општи услови за засновање работен однос во органите на државната управа, согласно членот 9 став 1 од Законот за државни службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003 и 17/2004) се определени за кандидатот:

1) да е државјанин на Република Македонија;
2) да е полнолетен;
3) да има соодветен степен на образование;
4) да го има потребното работно искуство;
5) да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност и
6) да има општа здравствена способност.

Во однос на постапката за упис во Именикот на адвокатите, Законот за адвокатура во членот 13 предвидел по барање за упис да решава надлежен орган на Адвокатската комора кој е определен со акт на Адвокатската комора, на начин и под услови определени со овој закон. По жалбата против решението со кое се врши прием или се одбива барањето за упис во Именикот на адвокатите решава надлежен орган на Комората определен со акт на Адвокатската комора на Република Македонија, во рок од 15 дена од приемот на решението. Против конечното решение може да се поведе управен спор.

6. Од анализата на одредбите од членот 66 став 2 алинеја 6, 7, 8 и 9 од Статутот на Адвокатската комора произлегува дека правото на вршење на адвокатската дејност, кое се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите и со добивање на лиценца за работа од страна на Адвокатската комора, може да се оствари ако во постапката за прием на адвокати кандидатите ги исполнуваат условите пропишани со закон.

Имено, тоа се општите услови кои важат за засновање работен однос во органите на државната управа согласно Законот за државните службеници и посебните услови пропишани со Законот за адвокатура.

Оттука, неспорно е дека со статутарните одредби може да биде уреден начинот на прибирање на податоци за исполнување на законски утврдените услови врз основа на кои кандидатот се стекнува со право да врши адвокатска дејност, но со Статутот не може да се утврдуваат нови услови кои не се предвидени со закон, ниту да се бараат податоци кои граѓаните според закон не се должни да ги доставуваат.

а) Во однос на оспорената алинеја 7 од членот 66 став 2 од Статутот, според која кон барањето за прием во адвокати треба да се достави доказ дека лицето не е во работен однос, Судот утврди дека со Статутот е пропишана обврска која не произлегува од условите за прием во адвокати утврдени во наведените одредби од Законот за адвокатура и Законот за државните службеници. Имено, со закон не е регулирано дека исклучиво лица кои не се во работен однос можат да бараат прием во адвокати и дека достапноста за вршење на адвокатската дејност во постапката за прием на адвокати е резервирана само за невработени лица. Со одредбите од Законот за адвокатура од кои произлегува дека вршењето на адвокатската дејност е неспоива со вршењето на друга дејност, е законска обврска за лицата кои веќе се адвокати, меѓутоа тоа не претставува основа за утврдување на услов со оспорената алинеја од наведениот член од Статутот дека во самата постапка кон барањето за прием во адвокати треба да се достави доказ дека лицето не е во работен однос.

Со оглед на изнесеното Судот утврди дека одредбата од членот 66 став 2 алинеја 7 од Статутот не е во согласност со членот 32 од Уставот на Република Македонија.

б) Поаѓајќи од наводите во иницијативата со кои се оспорува алинејата 8 од наведениот член од Статутот, според која кон барањето за прием лицето треба да достави доказ дека не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија или дејност, Судот во анализата на оспорената статутарна одредба покрај изнесените уставни и законски норми ги имаше предвид и одредбите од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003 и 19/2004).

Согласно членот 62 став 3 од овој законик, со одлуката за изрекување на мерките на безбедност, судот може да одреди привремена забрана на вршење професија, дејност или должност, или забрана на управување со моторно возило, кои траат додека трае примената на мерките. Одлуката на судот се доставува до надлежниот орган или правното лице во кое сторителот е вработен, до регистарскиот суд или до органот кој е надлежен за вршење на надзор над спроведувањето на забраната на управување со моторно возило.

Според членот 106 став 4 од Кривичниот законик, податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако постои оправдан интерес заснован врз закон. Со одредбата од ставот 5 на овој член е утврдено дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Врз основа на изнесените законски одредби произлегува дека и во однос на кривичната санкција што се состои од привремена забрана за вршење на одредена професија, дејност или должност, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, имајќи предвид дека според членот 62 став 3 од Кривичниот законик, одлуката со која е изречена наведената санкција од страна на судот е предвидено да се доставува до надлежните органи и правни лица.

Со оглед на тоа, Судот утврди дека наведената статутарна одредба не е во согласност со членот 106 став 5 од Кривичниот законик.

в) Во однос на одредбата во оспорената алинеја 9 од членот 66 став 2 од Статутот, според која кон барањето за прием во адвокати е потребно лицето да достави мислење од работодавецот и од основната адвокатска заедница, Судот оцени дека предвидената обврска е директно уредена со Статутот, бидејќи од Законот за адвокатурата и од Законот за државните службеници со кои се регулирани условите за прием во адвокати, таква обврска не произлегува и таков услов конкретно не е предвиден, поради што оспорената одредба нема законски основ.

г) Во текот на анализата на оспорените одредби од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија Судот и покрај тоа што не е оспорена со иницијативата, исто така го постави прашањето за уставноста на одредбата во алинејата 6 од членот 66 став 2 од Статутот. Имено, со оваа одредба од Статутот е предвидено лицето кон барањето за прием во адвокати да приложи “уверение дека не се води кривична постапка”.

Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со оглед на изнесеното според Судот, со одредбата во алинеја 6 од наведениот член од Статутот, со која се бара за прием во адвокати лицата да доставуваат уверенија дека против нив не се водат кривични постапки, се врши ограничување на правата на граѓаните и повреда на презумцијата на невиност што не е допуштено според определбите во Уставот.

7. Врз основа на изнесената уставносудска анализа за одредбите од членот 66 став 2 алинеја 6, 7, 8 и 9 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.32/2004
6 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова