31/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА став 1 на член 6 од Законот за изменување на Законот за заштита и користење на земјоделско земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/91).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесени иницијативи, со Решение У.бр.31/93 од 7 јули 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во став 1 на член 6 од означениот закон е предвидено сопственикот кој има намера да го отуѓи земјоделското земјиште е должен да го понуди на граѓанин или правно лице од подрачјето на катастарската општина во која се наоѓа земјиштето што се отуѓува во продажна цена во моментот на продажбата во таа катастарска општина.

5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е правната заштита на сопственоста, која се гарантира со член 30 од Уставот, според кој сопственоста создава не само права туку и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Притоа, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото што е утврдена и како темелна вредност на уставниот поредок со член 8 алинеја 7 од Уставот, а Републиката се обврзува и да презема мерки против монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот може да се ограничи со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.

Од изнесеното произлегува дека Уставот ја гарантира сопственоста и нејзината заштита, а во тие рамки и сопственкоста на земјоделското земјиште и не дозволува сопственоста и правата кои произлегуват од неа да бидат одземени или ограничени, освен кога се работи за јавен интерес што се утврдува со закон. Исто така, од изнесеното произлегува дека со Уставот се гарантира слободата на пазарот, а во тие рамки и на прометот на земјиштето, која може да се и со закон само заради со Уставот определени цели.

Според член 56 од Уставот, земјиштето како природно богатство претставува добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита, а според член 8 алинеја 10 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок е заштитата и унапредувањето на природата.

За обезбедување посебна заштита на земјоделското земјиште Законот пропишува повеќе мерки и создава нормативни претпоставки за нивно спроведување (член 1, 3, 9, 10-12, 22, 23 и 43).

Следејќи ја концепцијата на Законот може да се заклучи дека основна цел што неговата примена треба да обезбеди е окрупнување на земјоделските парцели и земјиштето да се користи за земјоделско производство на начин кој најмногу одговара на природните својства на земјиштето и економските услови.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните на Република Македонија пред Уставот и законите се еднакви.

Тргнувајќи од изнесените уставни одредби и целта на Законот за окрупнување на земјоделското земјиште, како добро од општ интерес, Судот оцени дека утврдената обврска земјоделското земјиште сопственикот да е да го продаде само на граѓанин или правно лице од подрачјето на катастарската општина каде што се наоѓа земјиштето, која норма не е поврзана со земјиштето, туку со статусот на граѓаните, не може да се смета како мерка за заштита и рационално користење на земјоделското земјиште. Поради тоа, Судот оцени дека со став 1 на член 6 од Законот се создава нееднаквост на граѓаните од другите катастарски општини кои имаат во сопственост земјоделско земјиште кое се граничи со земјиштето што се отуѓува, затоа што со означената законска одредба се ограничува правото на овие граѓани да го купат земјодеското земјиште што се отуѓува, само поради фактот што тие живеат односно нивното земјиште се наоѓа во друга катастарска општина.

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека ставот 1 на член 6 од Законот не е во согласност со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.