293/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јануари 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 46 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95).

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 46 од законот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Коста Божиновски и уште 16 граѓани од Тетово со Решение У.бр.293/95 од 6 декември 1995 година поведе постапка за оценување уставноста на член 46 од законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согланост со Уставот на Република Македонија.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот со овој закон се уредува експропријацијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјишта, згради и други објекти (недвижности) заради изгадба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес утврдување на јавниот интерес и определувањето на праведниот надоместок за експроприрана недвижност.

Во член 2 од Законот е предвидено дека јавен интерес утврден со овој закон е уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата со изградба на објекти и изведување на работи предвидени со актите за планирање на просторот при што таксативно се наведени објектите што се од јавен интерес (пруги, патишта, мостови, аеродроми, централи, објекти за ПТТ сообраќај, објекти за одбраната и цивилната заштита, гранични премини, објекти и постројки за истражување, водостопански објекти, улици, плоштади, паркови, скверови, депонии, гасоводи, наводнување, водоводна канализација и други комунални објекти, објекти за образованието, воспитанието, науката и културата, изградба на населби но само во случај на големи природни непогоди).

Во овој член од Законот исто така е предвидено дека јавен интерес за изградба на објекти и за изведување на други работи можат да се утврдуваат со друг закон.

Како корисник на експропријацијата, според член 3 од Законот е државата, а корисници на експропријацијата можат да бидат и други правни и физички лица кога тоа е определено со посебен закон. Експропријацијата се врши за потребите на јавните служби, јавните претпријатија, јавните фондови и единици на локалната самоуправа (корисници на експропријацијата).

Оспорениот член 46 се наоѓа во преодните и завршните одредби на Законот и со него е предвидено дека во смисла на член 2 од овој закон, јавниот интерес се смета за утврден за изградба на станбено-деловни комплекси под кои се подразбираат урбани целини со повеќе станбени, деловни или станбено-деловни објекти со придружни содржини и играничени со соодветни сообраќајници, кога нивната реализација е започната пред влегувањето во сила на овој закон. Постапката за експропријација заради изградба на објектите од став 1 на овој член може да се води во рок од 1 година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Исто така, Судот утврди дека во член 49 од Законот е предвидено дека започнатите постапки за експропријација до влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжат според одредбите на овој закон.

6. Со член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира сопственоста и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека сопственоста може да се одземе или ограничи само кога за тоа постои јавен интерес кој мора да биде утврден со закон. Исто така, од овие одредби произлегува дека во случај на одземање или ограничување на сопственоста односно во случај на експропријација се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според тоа заради уставната гаранција за заштита на сопственоста со Уставот не е допуштено јавниот интерес за експропријација да се утврдува со некој друг акт освен со закон, односно согласно наведената уставна одредба со законот јасно и прецизно треба да се утврди јавниот интерес, при што не е допуштено истиот да се смета дека е утврден врз основа на други акти какви што се урбанистичките планови што според Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање ги донесуваат и собранијата на општините.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби Законот за експропријација во член 2 го утврдил јавниот интерес, при што изградбата на станбено-деловни коплекси не ја предвидел како основ за постоење на јавен интерес за експропријација.

Според тоа, Судот оцени дека член 46 од Законот отстапува од системските решенија утврдени со овој закон и дека со тоа се допушта јавниот интерес да се смета за утврден и за изградба на објекти за кои не е спроведена односно започната експропријациона постапка пред влегувањето во сила на овој закон, а за кои објекти ни пред влегувањето во сила на овој закон не било со закон утврдено постоење на јавен интерес.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 46 од законот не се утврдува јавен интерес, туку се смета дека е веќе утврден таков интерес со други акти со кои е предвидена изградбата на започнатите објекти, кои, пак, не се предвидени во системските решенија на Законот, Судот оцени дека тој не е во согласност со член 30 од Уставот.

Понатаму, со оглед на тоа што оспорениот член од Законот се однесува на правни ситуации кои настанале пред влегувањето во сила на овој закон, апритоа со него не се уредува преоден режим, затоа што истиот е уреден со член 49 и 50 од Законот, Судот оцени дека со тоа се доведува во прашање уставната забрана за повратно дејство на законите утврдени во член 52 став 4 од Уставот.

7. Судот ја укина времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз оснвоа на член 46 од Законот затоа што донесе конечна одлука за укинување на овој член од Законот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.293/95)