28/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 јули 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 231 став 2 во делот “со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници” од Деловникот на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Митре Лазов од Неготино, со Решение У.бр.28/2006 од 10 мај 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 231 став 2 во делот “со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници” од актот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 231 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Собранието може да работи без присуство на јавноста ако тоа го предлагаат претседателот на Собранието, Владата или најмалку 20 пратеници.

Во ставот 2 од членот 231 во делот кој е оспорен со иницијативата е предвидено дека по предлогот Собранието одлучува без претрес со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е едно од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во членот 61 од Уставот е предвидено дека Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавна власт на Републиката.

Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Согласно член 66 став 4 од Уставот, Собранието донесува Деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Врз основа на членовите 61 став 2 и 66 став 4 од Уставот, Собранието на Република Македонија донело Деловник на Собранието на Република Македонија.

Деловникот содржи општи одредби, односно начелни норми за работата на Собранието, како и одредби што се однесуваат на конституирањето на Собранието, правата и должностите на пратениците, правата и должностите на претседателот, потпретсе-дателот и генералниот секретар на Собранието, седницата на собранието, избор на Владата, избор и разрешување на носители на јавни функции, работните тела на Собранието, програмирање на работата на Собранието, постапка за донесување на закони и други прописи, постапка за измена на Уставот, предлог за покренување постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односи на Собранието со Владата, јавност во работата на Собранието и Служба на Собранието.

Според член 70 став 1 од Уставот на Република Македонија седниците на Собранието се јавни.

Во ставот 2 на наведениот член е предвидено дека Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавност со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и прашањата кои се уредуваат со Деловникот на Собранието произлегува дека Деловникот претставува основен правен акт со кој се уредува организацијата, основните елементи на работата и постапката преку кои Собранието ги остварува своите функции и надлежности, а во врска со прашањето на јавноста на работата на Собранието уставотворецот предвидел дека седниците на Собранието се јавни, при што јавноста може да биде исклучена само ако за тоа се изјаснат две третини од вкупниот број на пратениците.

Ваквиот однос на уставотворецот во однос на ова прашање произлегува од уставната концепција за улогата и значењето на слободата и правото на човекот и граѓанинот и гаранциите за нивно остварување утврдени во Уставот, а кои се однесуваат на правото на граѓаните да бидат јавно информирани, слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации и го потврдува фактот дека јавноста на работата на органите на државната власт, односно во конкретниов случај јавноста на работата на Собранието е израз на степенот на остварување на демократијата и почитување и остварување на основните слободи и права во едно демократско општество.

Оттука, имајќи го предвид наведеното, наспроти содржината на оспорената одредба од Деловникот, според која за исклучување на јавноста во работата на Собранието одлучува мнозинство од пратениците кое е помало од двотретинското мнозинство утврдено во Уставот, Судот оцени дека оспорениот член не е во согласност со наведените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.

У.бр.28/2006
12 јули 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи