Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 117 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јануари 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 7 став 1 алинеја 1 од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, донесен на 28 јуни 1993 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Министерството за внатрешни работи на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.278/93 од 2 ноември 1994 година поведе постапка за оценување законитоста на член 7 став 1 алинеја 1 од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста со членовите 11 став 4 и со член 13 од Законот за станбени односи.
4. На седницата Судот утврди дека согласно член 7 став 1 од Правилникот стан односно семејна станбена зграда може да се доделува на работник кој:
– нема стан односно семејна станбена зграда во лична сопственост;
– нема стан односно семејна станбена зграда која со членовите на своето семејно домаќинство сезонски или повремено ја користи за одмор и закрепнување, и
– користи стан и бара замена за тој стан за помал, поголем или стан со иста големина.
5. Во член 11 став 1 од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 48/88, 11/91 и 62/93) е предвидено дека граѓанинот може да има станарско право само на еден стан, а какокористење на повеќе од еден стан, според став 3 на овој член, се смета ако носителот на станарското право, односно член на неговото семејство има истовремено во местото на живеење и стан во сопственост врз кој не постои станарско право на друго лице.
Во член 12 од овој закон е уредено прашањето како ќе се постапи во случај кога едно или повеќе лица што живеат во исто семејно домаќинство се здобијат со станарско право на повеќе од еден стан, односно е предвидена обврска во рок од 15 дена да го известат станбениот орган и да се изјаснат на кој стан ќе го задржат станарското право.
Во чолен 13 од Законот, пак, е предвидено дека носителот на станарско право, неговиот брачен другар или малолетните членови на неговото семејно домаќинство имаат или се здобијат со семејна станбена зграда или стан во сопственост во местото на живеење што одговара на потребите на носителот на станарското право и на потребите на членовите на неговото семејно домаќинство кои заедно со него живеат, должен е во рок од 60 дена од денот на добивањето или испразнувањето на семејната станбена зграда или станот во сопственост, со сите корисници на станот да се исели од станот што го користи врз основа на договор за користење на стан.
Од изнесените законски одредби произлегува дека станарско право на стан во општествена сопственост може да се стекне само на еден стан, што значи дека истовремено не може да се стекне станарско право на два стана во општествена сопственост, независно од тоа дали станот што се користи е соодветен или не и дали се наоѓа во местото на живеење или во друго место.
Меѓутоа, како користење на повеќе од еден стан се смета и ако лицето има стан во сопственост, врз кој не постои право на станарско право на друго лице, но во ваков случај станот мора да се наоѓа во местото на живеење. Што значи ако носителот на станарското право и другите лица од семејното домаќинство имаат стан во сопственост надвор од местото на живеење, тогаш би можеле да се стекнат со станарско право на стан во општествена сопственост.
Соодветно на решението од член 11 од Законот, во член 13 е предвидена обфрска за носителот на станарското право да се иссели од општествениот стан, доколку сопствениот стан што се наоѓа во местото на живеење одговара на неговите станбени потреби, а ако не одговара, тогаш сопствениот стан давателот на општествениот стан го дава на користење на друго лице.
Што се смета за место на живеење, пак, според член 14 став 1 од Законот, определува собранието на општината.
Во член 15 од Законот е уредено прашањето за стекнување на станарско право на стан во општествена сопственост во случај на поседување на куќа или стан кои сезонски и повремено се користат за одмор и закрепнување, при што во став 1 е предвидено дека не може да стекне станарско право лице што поседува ваква куќа или стан, независно од тоа дали се наоѓа во местото на живеење или надвор од него.
Во став 2 е предвидено лице што веќе е носител на станарско право, а има еден стан или семејна станбена зграда што повремено ги користи за одмор и закрепнување, и доколку се стекне со уште еден таков стан односно семејна станбена зграда, е должен да се иссели од општествениот стан.
Од изнесеното произлегува дека законот уредува две различни ситуации кога лицето има во сопственост стан за живеење и кога има во сопственост стан за одмор и закрепнување.
Во означените одредби од Правилникот на истоветен начин е уредено прашањето за стекнување на станарското право, независно од тоа дали лицето поседува стан за живеење или стан за одмор и закрепнување, поради што Судот оцени дека тие не се во согласност со член 11 став 3 и со член 13 од Законот, затоа што од правото на стан ги исклучува и лицата што не поседуваат стан во местото на живеење.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков,Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.278/93).