256/2007-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 април 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 34 алинеја 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива и иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.256/2007 од 5 март 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 34 алинеја 2 од Законот за судовите, затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на наведениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 34 од Законот за судовите Управниот суд е надлежен да решава:
– за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон.
– за законитоста на актите на државните органи, Владата и на носителите на јавни овластувања, донесени во форма на пропис ако тие ги уредуваат поединечните односи.

– за спор што ќе произлезе од спроведувањето и извршувањето на одредбите на концесиските договори, договорите за јавни набавки кои се од јавен интерес, и за секој договор во кој една од страните е државен орган, организација со јавни овластувања, јавно претпријатие, општините и градот Скопје склучен од јавен интерес или заради вршење јавна служба (во понатамошниот текст: управни договори).

– против поединечни акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршењето на јавни овалстувања (носители на јавни овластувања), кога за решавање во втор степен против таквиот акт, не е обезбедена друга правна заштита и
– одлучува за судир на надлежности меѓу органите на Републиката, меѓу општините и градот Скопје, меѓу општините на градот Скопје и по споровите настанати за судир на надлежности меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавните овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доклку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите морат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Глава IV, „Уставен суд на Република Македонија“, односно во членовите 108-113 од Уставот на Република Македонија се уредени прашањата за местото, улогата и надлежноста на Уставниот суд. Овој орган на Републиката ја штити уставноста и законитоста, има уставно утврдени ингеренции, така што неговата надлежност не може да биде предмет на законско уредување.

Со Законот за судовите се утврдува дека судската власт ја вршат судовите во Република Македонија, кои се самостојни и независни државни органи (член 1).

Според член 22 од истиот закон, во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Според член 25 од Законот за судовите Управниот суд се основа и ја врши судската власт на целата територија на Република Македонија, чие седиште е во Скопје.

Со член 34 од наведениот закон, децидно е утврдена стварната надлежност на Управниот суд. Имено, Управниот суд е утврдено да решава за законитоста на актите на државните органи, Владата и на носителите на јавни овластувања, донесени во форма на пропис ако тие ги уредуваат поединечните односи.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот целта на Управниот суд, како посебен суд во судскиот систем на Република Македонија, конституиран со новиот Закон за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) е во насока на подобрување на ефикасноста, ажурноста и економичноста на судската контрола над законитоста на поединечните управни акти, во смисла на тоа дека истите се донесени во согласност со прописите од определените материјали од сфератата и во постапка пропишана со закон, на кој начин всушност се обезбедува заштита на законитоста на поединечните управни акти, а со тоа и заштита на правата и обврските на граѓаните во соодветна постапка.

Според мислењето на Судот, ако целта на законодавецот била со формирањето на Управниот суд да се обезбеди судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица заради обезбедување на законитоста на поединечните управни акти, тогаш се поставува прашањето која била целта на законодавецот на Управниот суд да му се довери надлежност утврдена во член 34 алинеја 2 од Законот за судовите, според која Управниот суд е надлежен да ја цени законитоста на актите на државните органи, Владата и на носителите на јавни овластувања, донесени во форма на пропис ако тие уредуваат поединечни односи.

Според Судот, поаѓајќи од околноста дека со пропис се уредуваат поединечни односи на општ начин, односно се уредуваат правни правила на однесување на определен број субјекти врз основа на кои се решава за конкретни ситуации, односно за права и обврски на физички и правни лица, произлегува дека со оспорената алинеја 2 на членот 34 од Законот за судовите, со која на Управниот суд му се дава надлежност да ја цени законитоста на прописите со кои се уредуваат поединечни односи, Судот оцени дека се остава простор за навлегување во надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, утврдена во членот 110 од Уставот. Имено, до ваква констатација се доаѓа ако се има во вид содржината на оспорената алинеја 2 на членот 34 од Законот, според која Управниот суд ги цени прописите со кои се уредуваат поединечни односи на општ начин, наместо да ги цени само оние акти со кои се решава за конкретни права и обврски.

Тргнувајќи од напред наведените причини, Судот утврди дека Управниот суд не може да биде надлежен за оценување на законитоста на прописите со кои се уредуваат односи, што всушност, според уставната определба е надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Со оглед на наведеното, а при тоа, имајќи ги во вид уставните одредби за надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, во однос на одредбите на Законот за судовите, во кои е утврдена стварната надлежност на Управниот суд, а посебно содржината на членот 34 алинеја 2 од Законот, според Судот оспорената алинеја 2 на членот 34 од Законот за судовите не е доволно јасна и остава простор за погрешно толкување на надлежноста на Управниот суд, поради што истата не е во согласност со начелото на владеење на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и истовремено не е во согласност со член 110 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.256/2007
16 април 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски