245/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за промена на имиња на улици во Прилеп, донесена од Собранието на општина Прилеп на 6 септември 1995 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Општинскиот одбор на Сојузот на борците на Македонија од Прилеп, со Решение У.бр.245/96 од 25 декември 1996 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законот.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се менуваат имињата на 57 улици во Прилеп (член 1 од Одлуката). Според член 2, составен дел на Одлуката е графичкиот прилог за нумерација на улиците во Прилеп, и според член 3 од Одлуката таа влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Прилеп”.

5. Според член 114 од Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а единици на локалната самоуправа се општините. Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во единиците на локалната самоуправа согласно член 115 од Уставот граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.

Согласно уставното овластување и обврска, за уредување на локалната самоуправа со закон е донесен Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/95). Според овој закон единици на локалната самоуправа се општините и градот Скопје.

Според член 17 од Законот единиците на локалната самоуправа самостојно, покрај другото ги определуваат имињата на улиците, плоштадите, мостовите и други инфраструктурни објекти од локално значење во согласност со закон.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека општините кои во претходниот уставен поредок претставуваа посебни општествено-политички заедници, со Уставот на Република Македонија и Законот за локална самоуправа тие се предвидени како единици на локалната самоуправа со надлежности утврдени со Уставот и со закон.

Со Уставот тие се овластени да одлучуваат за прашања од локално значење и во точно определени области, при што е дадена можност со закон да и се довери вршење и на други работи за кои ќе оцени Републиката. Во таа смисла со Законот за локалната самоуправа единиците на локалната самоуправа се овластени самостојно да одлучуваат за точно конкретно одредени работи, при што одредени работи мора да ги врши во согласност со посебен закон со кој се уредува соодветното прашање. Така, единиците на локалната самоуправа со Законот за локалната самоуправа се овластени да одлучуваат за имињата на улиците, но во согласност со посебен закон.

Тоа значи дека на единиците на локалната самоуправа му е дадено право самостојно да одлучуваат за имињата на улиците, но во рамките на законските критериуми и определби. Според тоа, иако општините како единица на локалната самоуправа се самостојни во вршењето на своите надлежности утврдени со Уставот и со закон, сепак тие мора да делуваат во рамките и принципите утврдени со закон.

Во член 29 од Законот се утврдени надлежностите на советот на единицата на локалната самоуправа, при што нема конкретно и изричито овластување за советот да донесува одлука за определување имиња на улици, туку, покрај другите точно наведени овластувања, е предвидено дека советот донесува одлуки со кои ги уредува и остварува надлежностите на единиците на локалната самоуправа.

Имајќи ги предвид уставните и законските одредби за концептот и надлежностите на единиците на локалната самоуправа, Судот Судот оцени дека органите на единиците на локалната самоуправа не можат самостојно да одлучуваат за одредени прашања за кои се овластени да ги вршат, во согласност со закон, а закон за соодветното прашање не е донесен и не се поблиску утврдени рамките на овластувањето на органот на единицата на локална самоуправа.

Од друга страна, според Законот за локална самоуправа како органи на единиците на локалната самоуправа се советот, градоначалникот, управни и административни органи (член 24 од Законот).

Собранието на единиците на локалната самоуправа во постојниот остав, според член 95 став 1 од Законот, продолжува да ги врши функциите до конституирањето на новите органи на единицата на локалната самоуправа.

Притоа досегашните собранија на општините до изборот на новите органи можеа да ги вршат функциите за кои беа овластени.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена пред влегувањето во сила на Законот за локална самоуправа кога собранијата на општините не беа надлежни нормативно да ги уредуваат прашањата кои се однесуваат на имињата на улиците и со оглед на тоа што овластувањето на единиците на локалната самоуправуа утврдено со Законот за локалната самоуправа да ги определуваат имињата на улиците е условено да се врши врз основа на закон, а закон не е донесен, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.245/96)