241/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 2, 3 и 10 од Законот за објавување на законите и другите републички прописи и општи акти (“Службен весник на СРМ” бр.43/80) и Уредбата за начинот на издавање и користење на Посебниот службен весник на СРМ (“Службен весник на СРМ” бр.18/81).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Димитар Секуловски од Скопје, со Решение У.бр.241/96 од 12 февруари 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста на членовите 2, 3 и 10 од Законот и уставноста и законитоста на Уредбата, означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 52 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 од Законот, прописите и другите општи акти на Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија (во текстот се користат старите називи на овие органи) што содржат податоци чие објавување би било во спротивност со интересите на безбедноста и одбраната на земјата и со други општествени интереси утврдени со закон, за кои тоа ќе го одреди Собранието, односно Владата се објавуваат во посебен службен весник. Во посебниот службен весник, според ставот 2 од овој член на Законот, се објавуваат и прописите и другите општи акти на функционерите што раководат со републичките органи на управата и републичките оргнаизации и прописите и другите општи акти на републичките колегијални органи на управата што содржат податоци чие објавување би било во спротивност со интересите на безбедноста и одбраната на земјата и со други општествени интереси утврдени со закон, за кои што ќе го одреди функционерот, односно колегијалниот орган што го донел тој пропис.

Во член 3 од Законот се определуваат актите што се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, со клаузула дека органите можат да одлучат во него да се објават и други акти, опфаќајќи притоа и органи, организации и заедници кои веќе не постојат во уставно-правниот поредок на Република Македонија.

Според член 10 од Законот е содржано овластување за уредување на начинот на издавање и користење на посебниот службен весник.

Со Уредбата за начинот на издавање и користење на Посебниот службен весник на СРМ, донесена од Извршниот совет на Собранието на СРМ на 14 мај 1981 година, се уредува дека во “Посебниот службен весник на СРМ” се објавуваат прописите од доверлива природа. Според член 5 од оваа уредба видот на тајноста на прописот го определува донесувачот на прописот, а според член 6 е предвидена обврска за НИРО “Службен весник на СРМ” да обезбеди податоците од прописот од доверлива природа, како и самиот пропис, да се чуваат како тајна. Покрај грижата за отпечатените примероци од Посебниот службен весник, во член 7 од Уредбата, се определуваат и корисниците до кој се доставува весникот. Зависно од содржината на прописот од доверлива природа, донесувачот на прописот, определува до кој корисник ќе биде доставен весникот, а тие се должни да ги запознаат со содржината на прописот организациите на здружениот труд, другите самоуправни организации и заедници, органите и организациите на кои се однесуваат тие прописи. Во поглед на користењето на Посебниот службен весник, во член 8 од Уредбата, се повикува на сообразна примена на актите на корисниците на весникот со кои се уредува постапувањето и мерките за заштита на материјалите и податоците што претставуваат тајна.

5. Една од основните цели на Уставот на Република Македонија е воспоставувањето и изградбата на владеењето на правото како темелен систем на власта. Во таа смисла, овој уставен принцип со член 8 од Уставот се утврдува како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, според став 2 од овој член, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а според ставот 3 од овој член на Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби јасно произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на принципот на владеење на правото и остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти. Самото, пак, објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Како еден од основните елементи на правната сигурност на граѓаните, иако самото нивно објавување не претставува правен акт, тоа предизвикува други бројни правни последици од донесениот акт. Имено, законот односно другиот пропис, со неговото донесување, промулгирање односно потпишување и објавување, станува перфектен односно применлив акт. Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот утврдил обврска тие да се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, како службено гласило на Републиката.

Одредбата за објавување на законите и другите прописи во Уставот е поместена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранции на основните слободи и права. Самиот овој факт укажува дека Уставот на објавувањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Уставот освен јасната определба во членот 52 за објавување на законите и другите прописи во “Службен весник на Република Македонија” не содржи никакви рестрикции, ниту основи за рестрикција на принципот за објавување на прописите како услов за нивна правна сила и примена. Во рамките на така утврдените начела и принципи, не би можело да се бара исклучок или да се оправдува посебно “тајно” гласило или гласило со ограничена јавност.

Тргнувајќи од основниот критериум за објавување на пропис во посебното гласило, утврден со оспорените одредби, дека таквиот пропис треба да содржи податоци чие објавување би било во спротивност со интересите на безбедноста и одбраната на земјата и со други општествени интереси утврдени со закон, смислата на Посебниот службен весник е да го истисне, ограничи и оневозможи објавувањето на прописите на начин на кој е тоа предвидено во член 52 од Уставот, доколку во таквите прописи се содржани доверливи податоци. Од таквиот начин на објавување не може да се извлече заклучок дека тие прописи сепак се објавуваат, само во друго, посебно службено гасило, со што формално би било задоволено барањето од член 52 од Уставот. Ако логиката беше забрана на објавување на прописи кои содржат податоци од доверлива природа, тогаш, тајноста односно недостапноста на “Посебниот службен весник” до граѓаните и другите субјекти е негово принципиелно обележје. Тоа, дотолку повеќе што во Законот не се содржани одредби кои би се однесувале на неговиот начин на издавање, достапност и користење, туку тие прашања се предоставени да ги уреди Владата.

Со Уредбата за начинот на издавање и користење на Посебниот службен весник, тајноста на ова гласило, односно на прописите што се “објавуваат” во него, се релативизира, особено со проширувањето на обврската гласилото да се доставува до организациите и заедниците на кои објавениот пропис се однесува, што би можело да претставува основ за гледиште дека суштината на објавувањето на прописите, во смисла на член 52 од Уставот, со тоа се постигнува односно дека субјектот на правниот поредок е известен за содржината на прописот што на таков начин е објавен и кој се однесува на него. Доставувањето на гласилото до определениот тесен круг корисници, односно запознавањето со содржината на прописот, во оваа смисла би бил ден на “објавување” на прописот, како услов за неговата правна сила во правниот поредок. Со оваа уредба, меѓутоа, не се пропишува обврска за доставување на ова посебно гласило и на граѓаните, на кои исто така и во крајна линија, тие прописи и се однесуваат. Во крајна линија, како од целината на оспорените одредби на Законот и Уредбата, произлегува дека граѓаните се должни да постапуват по таквите прописи, иако тие за нив се непознати.

Понатаму, Судот при поведувањето на постапката го имаше предвид фактот дека тајноста на податоците и мерките за нивната заштита, како и активностите од значење за одбраната и безбедноста на земјата (документи од областа на одбраната и нивната содржина, воени планови, податоци за борбените и другите материјални средства на Армијата, објектите и зоните од значење за одбраната и друго), со чие објавување односно откривање би можело да се нанесе штета на одбраната на Републиката, односно да се наруши територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, не би требало апсолутно да се доведуваат во прашање. Од овие причини, според мислењето на Судот, неопходно е потребно определени податоци од интерес за Републиката да бидат определени со соодветен степен на тајност, меѓутоа, таквите податоци и активности како тајни, не треба да се содржина на законите и другите прописи, а доколку се предмет на содржина на одделен пропис, тоа би значело, дека тие не претставуваат тајна и не би можело да се изземат од обврската за нивно обнародување.

Без формалниот и фактичкиот чин на создавање можност за запознавање со прописот “објавен” во посебното гласило, од страна на сите на кои им е наменет, прописот не може да има правна сила, а оспорените одредбви од Законот тоа не го исклучуваат, но ниту го обезбедуваат, односно нема нормативни гаранции и нормативни обврски тоа да го стори. Ефектот од начинот на “објавувањето” на одделни прописи во посебното службено гласило, може да има за последица една неопределеност и незапознаеност на субјектите со нивните права и обврски што произлегуват од таквите прописи, освен во моментот кога од нив директно ќе се побара да се однесуваат според прописот за кој тие не знаат дека постои.

Врз основа на наведеното, а тргнувајќи од содржината на член 52 од Уставот, според мислењето на Судот, нема уставен основ за постоење на “Посебен службен весник на Република Македонија” во кој се објавуваат прописи што содржат податоци чие објавување би било во спротивност со интересите на безбедноста и одбраната на земјата и со други општествени интереси утврдени со закон, поради што Судот оцени дека одредбите на членовите 2, 3 и 10 од Законот и Уредбата за начинот на издавање и користење на Посебниот службен весник на СРМ не се во согласност со член 52 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.241/96)