238/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА точка 1 од став 2 на член 3 од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците, донесен од Советот на Земјоделскиот институт во Скопје, на седницата одржана на 3 февруари 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Институтот на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.238/92 од 3 декември 1992 година, по повод поднесена иницијатива од м-р Владо Самарџиски од Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член од Правилникот приоритетната ранг листа за доделување на становите се утврдува врз основа на степенот на станбената загрозеност и работниот стаж, како основни критериуми, и здравствената и материјалната состојба на работникот и членовите на неговото семејно домаќинство, учеството во НОБ и бројот на членовите на семејното домаќинство како дополнителни критериуми.
5. Според член 52 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, се применува како републички, работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општиот акт односно со колективниот договор.
Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 1/90 и 11/91), давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање станови на користење, односно основите и мерилата за определување редот на првенство за давање стан на користење.
Од наведените законски одредби произлегува дека средствата за заедничка потрошувачка се користат на начин определен со општиот акт на давателот на станот на користење, при што како задолжителен основ треба да се предвиди и придонесот на работникот во работата.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот како основен критериум се предвидува само степенот на станбената загрозеност, а не и работниот придонес, Судот утврди дека таа не е во согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.